КАСТРЕЊЕ
Деновиве, покрај жешката политичка состојба во земјата околу обезбедување мнозинство во Собранието, уште поголеми недоследности во нашето практикување на владеење е актуелното носење на буџетот за 2022 година. Во него се исцртани бројки кои што објективно македонското стопанство не може да ги испорача и кои се објаснети со прекрасните зборови од типот капитални инвестиции. Ќе го повторам својот став: буџетот на Владата на РМ посебно во состојба кога имаме многу слабо стопанство и кога буџетот се полни со тешки маки, неопходно е реорганизирање на целата Влада која е огромен гломазен апарат која со својата поставеност е комплетно нефункционална и што е најболно повторно ќе се посега по нови задолжувања кои дефинитивно еден ден ќе треба да ги вратиме ние, граѓаните на РМ, а ќе бидат користени од власта во заминување. Мерки на штедење воопшто не се предвидени во овој буџет, туку напротив се планира нереално зголемување на вкупните приходи за 7,4% кои за мене и многумина како мене не ни е јасно на кој начин ќе ги наплатат. Стопанството ни е на коленици, пандемијата Ковид-19 и натаму е присутна со последици кои сè уште не можеме да ги предвидиме, а енергетската криза длабоко затропа на вратата кај секој поединец, жител на РМ. Во буџетот не видов стратегија за заштита на сопственото население од енергетската криза која што не знаеме до кој степен ќе стигне. Евидентно е дека Владата сосе администрацијата е дел кој не смее да се чепне во поглед штедењето кое е неминовно, со цел да ја надминеме следната 2022 година. Излезот на државата со нови задолжувања на меѓународниот пазар за пополнување на буџетот е рак рана која што ќе ни се удри од глава.
Заклучувам: Праксата продолжува. Буџетот и натаму секоја година се зголемува за нови 5 до 7%. Ефектите ги нема од ваквото зголемување, а долгот на РМ на меѓународно ниво расте и доаѓаме блиску до степен кога меѓународната заедница ќе престане да не толерира со понатамошно зајмење на финансиски средства кои имаат непродуктивен карактер. Се прашувам до кога ќе дозволуваме вакво практикување на владеење. Кастрење на министерствата во Владата на РМ и кастрење на администрацијата е единствениот излез од оваа агонија во која се наоѓа РМ.













