Став на Костовски

Полтронска влада

Со големо внимание ја пратам реториката на господинот Бујар Османи, актуелен министер за надворешни работи, поврзана со два битни случаи.

Најпрво, владеењето на правото во Република Македонија во последните две години според амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп е доведено до најниско ниво, токму поради лошото владеење на актуелната влада во Република Македонија.

Господинот Османи, причините за лошото владеење на правото во Република Македонија не ги бара во владата на РМ, туку ги бара во Европската унија која го кочи процесот на евроинтегрирање.

Господинот Османи мора да знае дека ЕУ е унија на самостојни држави каде владеењето на правото и правните системи се основниот постулат за функционирање на унијата. Тоа е домашна задача на секоја држава членка на ЕУ. Не можам да разберам, човек на клучна позиција во актуелната влада на РМ да размислува дека Унијата како таква треба да ни го реши ова болно прашање и додатно ја обвинува холандската администрација дека не дала поддршка за наше приклучување кон Унијата.

Да биде јасно, сè додека не профункционира правниот систем во Македонија за што треба да се стави крај на криминалот и корупција за ЕУ нема да бидеме прифатлива членка во тој сојуз, а тоа е наша, домашна задача.

Објавуваните црни листи на САД и Велика Британија кои се однесуваат на наши сограѓани по предлог на господинот Османи треба да се озаконат. Улогата на црните листи објавени од САД и Велика Британија е да обзнанат за кои наши сограѓани е забранет влез во овие држави од причини кои што тие ги откриле. Не гледам рационалност да црните листи на овие две моќни држави влезат во законите за прогон и казнивост. Нашата држава има институции кои се занимаваат со злото криминал и корупција. Соработката на нашите институции со институциите од САД и Велика Британија и не само со нив, туку и со многу други држави треба да се оствари со билатерални договори. Специфичноста на овие билатерални договори треба да овозможи брз и ефикасен систем за справување со злото криминал и корупција не само во Република Македонија, туку ширум светот.

Очигледен е фактот дека во Македонија функционира полтронска влада, која смета дека проблемите во Република Македонија треба да ни ги решаваат САД и ЕУ, а не ние самите. Полтронството во историјата се покажало како многу лоша алатка во рушењето на угледот и достоинството на самата држава и нејзините граѓани. Жално е што и господинот Ковачевски, актуелниот премиер во владата на РМ и неговите министри, размислуваат дека нашите партнери САД и ЕУ треба да ги решаваат нашите домашни проблеми. Најостро реагирам на полтронскиот однос на нашата актуелна влада кон нашите пријатели САД и ЕУ, бидејќи со тоа го рушат достоинството на нас, чесните граѓани во Република Македонија. Јас, а убеден сум и многумина како мене сакаме да бидеме дел од европското семејство и да градиме заедничка иднина како луѓе и граѓани на Европа каде ќе го задржиме сопственото достоинство и интегритет.

 

Можеби ќе ви се допадне

Став на Костовски

ПРЕДИЗБОРИЕ

Со големо внимание ги прочитав изјавите на двата најсериозни кандидата господин Пендаровски и госпоѓа Силјановска-Дафкова, ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %