Македонскиот „Див Запад“
Почитувани читатели, денешниов став ќе го посветам на случувањата во нашето македонско секојдневие, кои се случуваа во периодот меѓу Божиќните празници на католичката и православна вероисповест и Новата година.
Кратенката „Дивиот Запад“ ја позајмив од историјата на Соединетите Американски држави кои во својот бурен развој, посебно кон западниот дел на оваа голема и моќна држава се практикуваше изразот „Див Запад“, каде во многу нешта владееше беззаконието.
Каубојските филмови од 50, 60 и 70-те години од минатиот век и денес меѓу нас граѓаните на Република Македонија кои го паметиме тој период оставија силни траги.
Имајќи го искуството во себе заклучувам дека нештата кои се случувале на Дивиот Запад во Соединетите Американски држави пред 150 години денес се присутни и кај нас во нашето секојдневие. Формата е променета, ама суштината е иста. Неказниво насилство и нефункционалност на институциите.
Три битни настани го одбележаа овој така-наречен мирен славенички период кој голем дел од светската заедница го практикува меѓу двата Божиќа во христијанската вероисповест и испраќањето на старата и дочекот на Новата година.
Првиот настан се случи со приведувањето на големиот голобрад бизнисмен Дрин Ахмети, со по над 700 парчиња пиротехнички материјали. Трговија со ваков пиротехнички материјал со закон е забрането.
Јавноста во Македонија остро го осуди овој настан, ама епилог понатака што се случува со господинот Ахмети, нема.
Вториот настан е поврзан со Судскиот совет во Република Македонија, кој јас го доживувам како морален дебакл на нашата државност. Незаконската смена на Претседателот на судскиот совет Весна Дамева беше обзнаена преку Управниот суд.
Актуелниот незаконски избран претседател на судскиот совет Сашко Георгиев си дава оставка.
Од сите членови на Судскиот совет не доживеав да барем еден член си даде оставка за овие „игри без граници“ во оваа многу силна институција во судството.
Ние, граѓаните каква правда можеме да очекуваме кога самиот Судски совет функционира незаконски. Жално за нас граѓаните.
Третиот настан кој го одбележа овој период е тепачката во М-НАВ. Институција која го контролира небото над Република Македонија во нејзината секојдневна дејност дозволи да биде нападната на еден крајно уличен начин.
Поривите за ваквиот настан се неприфатливи за целата јавност. Се прашуваме, како може ова да се случи во овој денешен свет.
Дивиот Запад во Соединетите Американски Држави е минато и историја. За жал во Македонија е реалност, каде не владее законот туку насилството.
Важиме за граѓани на Македонија кои дале цивилизациски вредности на севкупниот европски и светски цивилизациски развој. Очигледно еволутивниот цивилизациски развој во Македонија е закочен. Чаре? … има, ама за тоа се потребни луѓе со знаење, искуство и високи морални, етички вредности.













