Костовски: Дали Вучиќ е свесен дека Заев во неколку наврати се обиде да го продаде нашиот идентитет?
Бизнисменот Трифун Костовски денеска ја коментираше изјавата на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, во врска со оставката на премиерот Заев.
Изјавата на Костовски ја пренесуваме во целост:
Најпрво да биде јасно дека од осамостојувањето на Р. Македонија до денес, тогашната Европска заедница, а денес Европска Унија си поигрува со Р. Македонија по прашање на нејзиното членство во оваа унија. Заев ниту е прв, ниту последен премиер кој што бил прелажан или пак слепо верувал во ветувањата на ЕУ. Дадено ветување од страна на ЕУ значи и одредени контра-услуги кои треба ние да ги испорачаме. Вината е во самиот Заев, бидејќи тој не почувствува дека со Бугарија се отворени длабоки прашања кои директно се поврзани со националното чувство на Македонците, поврзано со нивниот јазик, историја и култура. Ова уште повеќе го докажува фактот дека господинот Заев во практикувањето на својата политика се водеше од само неговите лични ставови поврзани со Република Македонија. Дали господинот Вучиќ е свесен дека господинот Заев во неколку наврати се обиде да го продаде нашиот, македонски национален идентитет. Ако е тоа цената која треба да ја испорачаме на ЕУ со цел да ги отпочнеме преговорите, тогаш ние, Македонците во Република Македонија тоа не можеме и не смееме да го дозволиме. А површноста на господинот Заев кога влегува да решава вакви силни и тешки проблеми, ја покажа со изјавата дадена веднаш после првиот круг на локалните избори, одржани на 17 октомври. Ја цитирам неговата изјава: „Ја научивме пораката од нашиот народ поврзана со поразот за избор на градоначалници и советници во општините“. Иако на секој нормален човек во Македонија му беше јасно дека вакво нешто требаше да се очекува, не му беше јасно само на господинот Заев. Затоа не можам да ја прифатам изјавата на господинот Вучиќ дека неиспорачаните ветувања од ЕУ биле причина за оставката на Заев. Македонија се соочува со силни проблеми токму направени од актуелната Влада која ја води господинот Заев. Пандемијата Ковид-19 и понатаму е зло кое секојдневно носи жртви. Имавме пожари на модуларни болници, тукушто пуштени во функција, за кои пожари виновници до денес нема. Веќе започна енергетската криза без јасна визија како да му се помогне на обичниот човек да ја помине претстојната зима, бидејќи инфлацијата тропа на врата, а тоа се нешта кои го обликуваат животот во заедницата.
Не, господине Вучиќ, господинот Заев требаше многу одамна да си замине од политиката, бидејќи денешните наталожени проблеми со кои денес се соочува државата се токму негово дело.
















