ЧИН ЗА ОСУДА
Посетата на косовскиот премиер Курти, кој по сите извештаи е неофицијална внесе голем немир меѓу нас граѓаните во Република Македонија. При неговата посета во Тетово и Скопје се вееја знамиња на голема Албанија кои зачудувачки не предизвикаа никаква реакција од останатите не-албански политички партии во Македонија, во случајов реакцијата требаше да уследи од македонскиот блок на партии. Молкот царува во македонскиот политички естаблишмент. На многумина од нас ни е многу јасно зошто овој молк царува. Царува бидејќи интересот е најбитниот елемент во владеењето на политичките партии во Република Македонија.
Посебно зачудува молкот на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои денес во јавноста се претставуваат како бранители на нашата македонска посебност.
Не почувствував реакции од политичари во Република Македонија на изјавата на господинот Таравари кој потенцира дека тоа се албански општини и албанска територија. Очигледно за господинот Таравари кога е во прашање мултиетничкиот живот во Македонија секојпат се залага само за интересот на албанската етничка заедница. Со неговата изјава недвосмислено укажува дека „газди“ во општините каде има мнозинство албанска популација се албанците. Останатите етнички заедници треба да живеат во сенката на овој веќе набилдан албански национализам. На секој политичар ќе му биде јасно дека веење на знамиња со кои се претендира на одземање на туѓи територии од туѓи држави е чин кој води кон нестабилност и можни војни, а со војните имаме жртви, крварење, беда и сите несакани појави како криминал корупција и проституција. Ме зачудува фактот што господинот Апасиев од Левица повеќе се занимаваше со екс градоначалникот на Град Скопје господинот Шилегов, отколку со настанот со посетата на премиерот Курти од Косово и иконографијата користена при овие настани. Уште повеќе ме зачудува молкот на господинот Мицковски, чија партија со нејзините коалициски партнери денеска е бедем за зачувување на македонскиот идентитет.
Молкот на политичките чинители во вакви моменти за мене е предавство, бидејќи тие се кормилото кое ја водат нашата држава. Уште повеќе зачудува фактот што со промената на улицата Втора ударна бригада е заменета со името Адем Демачи што објективно во денешната македонска реалност нема ама баш никакво значење, додека Втората ударна бригада е носител на самостојноста на Република Македонија, чин кој ние Македонците не смееме никојпат да го заборавиме.
Епското прашање „да се биде или не“ во Шекспировиот Хамлет, денеска е поставено пред нас, Македонците. Линијата за наше национално исчезнување е испишана од нашите соседи, Бугарија, Грција, па и Албанија. Дали треба да го дозволиме овој чин. Во вакви моменти интересот треба да биде избришан, бидејќи многу побитно е нашето опстојување како Македонци на сопствените огништа. Изненаден сум што нашите пријатели САД и ЕУ за овој чин молчат. Дали ова треба да го толкуваме како казна кон нас Македонците, бидејќи сме против уставните измени за вметнување на Бугарите во него. Од почетокот на оваа година Македонија ја тресат големи криминални скандали. Договорот со Бехтел-Енка кој неколку месеци ја брануваше јавноста денеска е веќе минато и истиот почна да се реализира. Овој договор и денеска е надвор од очите на јавноста, а овој договор ние, граѓаните на Република Македонија ќе го платиме. Очигледно во Македонија продолжува секојдневието во кое секое чудо трае само три дена. На овој начин држава не се гради, туку напротив се разградува и прашање на време е кога сами одвнатре ќе се разградиме.
Заклучувам, молкот мора да престане, во спротивно Македонија нема своја иднина.













