Првите поетски експерименти ги создадов на македонски јазик
Интервју со Наташа Сарџоска (Скопје, 1979), поетеса, писателка, антрополог, литературна преведувачка, полиглот и светски патник. Живеела во многу европски градови, меѓу кои Париз, Милано, Лисабон, Хајделберг, Брисел, Штутгарт.
Дипломирала италијански јазик и компаративна книжевност со француски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, а магистрирала, во рамките на програмата „Еразмус“, книжевност, културолошки студии и комуникации на Универзитетите во Лисабон (Португалија), Бергамо (Италија) и Перпињан (Франција), со магистерска теза за италијанскиот писател, поет, режисер и драматург Пјер Паоло Пазолини. Докторирала антропологија на Универзитетот „Еберхард Карлс“ во Тубинген, на Нова Сорбона во Париз и на Универзитетот во Бергамо, а како антрополог истражувала граници, миграции, егзил и бездомност. Предава на Меѓународниот универзитет „Шилер“ во Хајделберг во Германија. Едноставно, светска, а наша исклучително инспираривна, интригантна и талентирана.
Какво е чувството да се има две татковина, една родната Македонија, а втора роднински одговорната Италија, која ве прифати и закрили како професионалец и уметник чии песни се учат во нивните училишта?
Денес можам да кажам дека сум дводомен автор. Пишувам и на македонски и на италијански јазик и самата се преведувам на италијански, шпански, француски, англиски, португалски и српски јазик.
Го сакам македонскиот јазик не само затоа што ми е мајчин, туку пред сè затоа што е мал, кревок и незаштитен, сега веќе и порекнуван, напаѓан јазик, нарекуван дури дијалект на за мене толку далечниот бугарски јазик, јазик што не го говорам и често и не го разбирам. Но најмногу го сакам мајчиниот јазик зашто првите поетски експерименти ги создадов на македонски јазик. Не можам да ја опишам радоста дека пишував предводена од занесот од стиховите на Радован Павловски, или Матеја Матевски. Моите први стихови ме оставаа будна долги непроспиени ноќи, ми влеваа жив полет, врел вознес. Тоа само мајчиниот јазик може да ни го дозволи. Не постои поет кој пишува на јазик различен од мајчиниот, поет кој првите стихови не ги напишал на својот мајчин јазик. Писатели има многу што творат во егзофонија: помислете на Набоков, Конрад, Сиоран, Кристева, Бекет, Бродски, Бликсен, Селан, Канети, Џибран, Љуљ, Цара, итн., некои не се само двојазични туку и дводомни. Но не познавам поети што пишуваат на друг и само друг јазик различен од мајчиниот.
Во мојата поетска книга „Крстна коска“ пишувам и песни на мијачки дијалект кои се искажани низ гласот на татко ми, родум од село Јанче.
Но Италија е земјата што многу силно и убедливо ме има признато како автор. Пред сè, заради можноста таму да се образувам и на постдипломски и на докторски студии, да добијам стипендија од Европската Комисија токму за да студирам во Италија без никакви тукашни олигархиски врски, и конечно да објавувам во Италија на италијански јазик.
Мојот универзитетски ментор беше писателот и новинар Марко Белполити: тој ме воведе во книжевните сфери во Италија. Веруваше во мене. Кога му се обратив да ме води во истражувањата за Пазолини, си рече, од каде сега оваа млада Македонка и Пазолини!
Преку него ги запознав делата на Арбазино, Манганели, Леви. Благодарение на него, почнав да објавувам есеи во миланските книжевни списанија „Нуова Проза“ и „Допијо ѕеро“. Во Македонија освен од проф. Катица Ќулафкова, проф. Иван Џепароски и проф. Венко Андоновски, не сум добила поддршка од моите професори, а творам и сум превела на македонски јазик над педесет книги.
Конечно, во 2020 година добив покана од реномираниот издавач „Интерно поезија“, имено Андреа Кати, уредникот ми понуди да ја објави токму на мојата поетска книга „Крстна коска“, во мој автопревод. Добивме поддршка од Министерството за култура на Македонија. И покрај тешките пандемиски времиња, таа книга доживеа успех и две изданија со што стана поетски бестселер во Италија. Мојот превод беше вброен меѓу дваесетте најдобри книжевни преводи во Италија. Со таа книга добив покани да настапувам на книжевни фестивали во Болоња, Таранто, Перуџа и на престижниот фестивал во Рим „Ритрати ди поезија“ и бројни објави во италијански книжевни портали и пораки од читатели. Добив и награда „Дон Луиџи Лиегро“ за посебни заслуги за творештво на италијански јазик и наградата од издавачката куќа „Гвида Едиторе“ за најдобра песна напишана на немајчин јазик, на италијански јазик, на конкурсот „Песни за Наполи“.
Италија е мојата втора татковина. Мојот личен простор. Италијанскиот е мој втор јазик. Таму сум повеќе читана и застапена како поетеса отколку во Македонија. Благодарна сум ѝ на таа земја. Таму живеат многу мои важни пријатели, учители, ментори. Роберто Кајафа, театарскиот режисер кој ме учеше сценски говор, Вирџинија Спалароса, кореограф и балерина која ме учеше движење со целото тело на под, Федерика Вение, мојата професорка по филозофија на јазикот, и многу други.
Ве чита половина Латинска Америка, но дали ве препознаваат во родната грутка и колку вашиот книжевен космополитизам го разбираат македонските книжевни кругови?
Во Перу од неодамна во едно основно училиште се читаат мои стихови, во Колумбија сум застапена во неколку антологии и моите поетски аудио записи се вклучени во поетската аудиотека на Универзитетот „Хорхе Тадео Лозано“ во Богота, а со тоа сум единствена македонска поетеса што го претставува својот јазик во таа ауди-датотека. Во Колумбија, светска поетска сила, настапив на најголемиот поетски фестивал во светот, во Меделин, и на бројни други фестивали, пред сè во онлајн формат, во Аргентина, Бразил, Чиле и Хондурас, а исто така таму ми се објавени преводи на песни во книжевни списанија и антологии или поетски избори.
За мене, најважно од сè е што сум прва македонски автор со поетска книга објавена во Мексико, една од најголемите поетски сили во светот, на јазик што е вториот светски јазик според бројот на жители на кои им е мајчин јазик, четвртиот најговорен јазик во светот и првиот најговорен латински јазик. Книгата е во издание на „Охеда Едиторијал“ и е избор од неколку поетски книги и се вика „Живо месо“, според моја истоимена песна, во мој автопревод на шпански јазик, а се продава низ целиот хиспанофонски свет.
Мои поетски книги се објавени и на англиски и на албански јазик, во САД и во Косово, а моите песни се преведени на германски, турски, чешки, словачки, француски, португалски, полски, бугарски, грчки, српски, хрватски, хебрејски, арапски јазик, итн.
Со академик Ќулафкова уредивме антологија на македонската поезија во Колумбија, а со проф. Емануел Бруне Жаји уредив антологија на гранична поезија каде што се застапени поети од целиот свет. Таа антологија ја објави Универзитетот во Викторија во Канада.
Многу ретко се движам во македонските книжевни кругови кои, еве да ја искористам вашата метафора, се мошне затворени, дури не се ни кругови, туку некакви прагматични правоаголници, со јасни и остри агли, толку остри што самите себе си ги зариваат и со нив повредуваат. Но и тоа можам да го разберам од гледна точка на тоа дека пишуваат на мал јазик и немаат доволно сериозна читателска публика. Имам впечаток дека се групираат во трибални секти, дека се мошне племенски настроени, дека се опиени од себе и немаат критичка свест и теориски и естетски поим за тоа што е поезија, а што не е и дека поддржуват осредна и банална поезија за да надвладее „тиранијата на просекот“, како што би рекол Венко Андоновски. Имено, многумина од нив пишуваат афоризми, а ги продаваат (или криумчарат) како поезија. Меѓу нив владее малограѓанскиот и трансакцискиот менталитет. Често книжевните награди им служат за доделување социјална помош, а Министерството за култура се доживува како некаква алма матер, како бујна и плодна дојка од која мора да цицаат сите овие поети, писатели, автори за да дојдат до некој денар, кој како да е само нивен, кој како да не е плод од даноците на илјадниците сиромашни луѓе во оваа земја. Мене би ми било срам да кукам јавно заради тоа што не сум добила пари од Министерството или парична награда или хонорар за мое книжевно дело. Но, ете и тоа можам да го разберам со оглед на сиромаштијата и оскудноста не само на пари туку и на идеи и на вредности. Она што не го разбирам, а би сакала да го именувам зашто светот мора да се именува, зашто мора да почнеме да вперуваме прст во изопаченоста и пореметеноста, зашто девијантноста не смее да се повторува, зашто отстапката од вредносниот систем не смее да продолжи да функционира како железна карабина што го засенува и вклештува секој слободен уметнички дух кој сака да отвори прозорец, или врата да излезе, да земе воздух да подиши, е немањето никаков систем на заслуги, вредности и признанија. Имено (ова е само еден од многуте примери), најголемиот поетски фестивал кај нас, кој спротивно на начелата на меритократијата е предводен од неквалификуван државен службеник, служи како платформа за делење хонорари меѓу професори од УКИМ, за делење државни награди за најдобри поетски книги на автори од дијаспората кои не плаќаат данок во Македонија и кои со децении творат надвор, за политичко устројство и партиски присуства на фестивалот на некаков Национален координатор за култур и нему слични. Не можеме да се повикуваме на европски вредности ако немаме меритократија. Простете, не сакам да се одредувам според тие кругови, моите кругови се космополитски, безгранични, вонсериски, и јас одбивам да имам што и да било со просечноста, неквалификуваноста, импровизациите, партиските вработувања и „фаќањето врски“ во овој систем. Не можам да ја разберам кусогледоста, злобата, омразата, пизмата и лицемерното „удирање по рамо“ меѓу тие книжевни ил и квазикнижевни кругови: на пример, авторки кои се декларираат како феминистки свирепо и брутално напаѓаат поточно линчуваат други жени автори, или си делат почесни покани за членство во друштва на писатели врз основа на политичка приврзаност кон небулозни и евтино платени политички матрици или се групираат меѓу себе врз основа на паракнижевни интереси или доделуваат парична помош од државен буџет на т.н. националниот поет. Каков оксиморон! Поет, а национален?
Видете, тоа се опашки од минатиот комунистички режим и тоа мора да се искорени. Македонското општество мора да се редефенира, мора некои вредности да се востановат одново, бестрашно да се почне од нула, да се крене ’рбетот, да се спаси јазикот, да се проговори со јазикот, да се скршат коските, да се исчисти сè. За тоа да се стори, потребно е да се говори храбро, гласно, без страв. Потребно е мажите да ги извадат мадињата на астал, како што велат во Италија, и жените сокриени во разно-разни институти, катедри, и слични државно нахранети институции гласно да отворат уста. Зашто, младите луѓе си заминуваат од Македонија, додека олигархиските-корпорациски-лоби групи си делат приливи и приноси. Зашто, како напиша и Луан Старова: „луѓето го пренесуваа од генерација на генерација наследениот ропски менталитет, никогаш подготвени да преземат инцијатива, да се побунат или спротивстават дури и кога тоа беше неопходно, пресудно за нивните животи“ (во „Враќањето на козите“, Издавачки центар „Три“).
Тука, подуховен разговор можеш да водиш со некоја жена што продава босилок и домати на пазар или со некој хурург што сече ткива и коски, отколку со поет или писател, зашто толку се затворени тие кругови што сè се сведува на дневна политика, на озборување, на на-ти-го-дај-ми-го, на кој кому што, кој кога како, навистина премногу е, уморна сум.
Ми пречат двојните вредности, двојните аршини, двојните стандарди. Подобро кажи кој си, покажи се во сета немаштија и лошотија, па макар и по цена на твојата лична изолација и јавна осуда, ама биди ти до крај. Затоа, јас одбивам да припаѓам на тие кругови. Ме гушат. Ми ја ограничуваат личната слобода и како човек и како автор.
Можете ли да споредите едно ваше деноноќие во Македонија и Италија, или општо во Европа, што правите таму, а што тука?
Работам. Постојано и секаде и во секое време. Толку многу работам, што кога имам миг слободно време, чувствувам стрес и страв од безделничење. Во Италија имам многу љубов, многу топли ветришта, луѓе кои ме сакаат и кои јас ги сакам, состојби на духот од кои раѓам книжевност, уметност. Сакам да разменувам идеи, да создавам идеи со луѓето таму. Го сакам Наполи, тој град свет за себе, тој жилав пркосен и храбар дух што ги надживеал сите бури и беди од минатото и се издигнал над бурата во својата уникатност, неспоредливост, автентичност, великодушност.
Работам почесто во Мадрид и Хајделберг, предавам на Американскиот и меѓународен универзитет „Шилер“ и таму се трудам во секое слободно време да посетувам музеи, паркови, театри, кафани, ресторани. Докторирав антропологија во Германија и таа земја исто така ме прифати и ми овозможи да работам и интелектуално да се развивам.
Во Скопје живеам самотнички живот, имам потреба да се заштитам од околината. Има многу несреќа, немаштија и многу насилство во Македонија. Затоа често прибежиште наоѓам во Охрид. Секогаш се трудам колку што е можно посилно да се посветам на моето тело и дух: спортувам, вежбам јога, пилатес, се качувам на Водно, пливам, пишувам, пазарам на пазари, пешачам долго покрај Вардар. Не сакам да си го дозволам луксузот на уморот или на болката.
Каде ги пронаоѓате вашите инспиративни моменти за пишување, имате ли своја поетска муза, сте му посветиле ли некогаш некому книга, песна, стих, мото …?
Тоа се неочекувани, непредвидливи моменти. Жоан Маргарит рече дека поезијата не е занает. Не станувате подобар поет со годините, со искуството. Не е тоа банкарски влог што ви носи камата со истекот на времето. Не знаете каде ве води поетскиот глас, кога ќе се роди, како ќе се јави, во кој облик или чувство. Избегнувам да пишувам поезија на жешко. Сакам да ја преработам загубата, болката, да всадам во нив меморија, семе, па потоа да видам што ќе излезе од таа рана. Зашто, пак да го цитирам Маргарит, „и раната е место каде што може да се живее“.
Мојата поетска книга „Крстна коска“ е посветена на татко ми. Имам неколку песни посветени на една поранешна врска што брутално излезе од мојот живот. Но во ред е и тоа. Губењето нè учи многу вешто кои сме и каде одиме. Новиот роман што ќе излезе во Издавачки центар „Три“ ќе биде посветен на една многу важна и драгоцена личност и на неговиот дом во Наполи, каде што и пишував дел од овој роман. Многу мои песни се посветени или понесени или настанати во градовите каде што живеев: Штутгарт, Риека, Милано, Париз, Мадрид, Брисел, Лисабон.
Што наследивте од вашите родители, ги пронаоѓате ли нивните гени ви вас, освен убавината можеби и борбениот дух на татко ви кој облече унифирма за да ја брани Македонија?
Од моите родители наследив многу достоинство, чесност, правдољубивост и трудољубивост. Научив од нив никогаш да не се споредувам со другите, никогаш да не го гледам и барам туѓото, секогаш вредно да заработувам, да избегнувам евтини озборувања, злобни јазици, да ги делам луѓето на добри и лоши и да делувам така што ќе имам секогаш мирна и чиста совест. Мојот татко со свирепа строгост ме учеше на трите златни правила: не лажи, не кради, не барај пари. Така научив да не го барам тоа што не ми следува, зашто она што не е наше, валкано е. Татко ми ме научи да бидам скромна. Иако не изгледам така…
Татко ми беше од првите основоположници на ВМРО-ДПМНЕ, но за жал таа партија не се сети ни венец со цвеќе да прати на неговиот погреб. Татко ми беше голем патриот, родољуб и храбар идеолог на ВМРО, сонуваше за независна Македонија во време кога денешниве т.н. патриоти сигурно биле сè уште членови во КПЈ или се криеле под неизвесноста дали ќе бидеме поделена или независна држава или нема ништо да бидеме, толку беше ниска самосвесноста за самопределба. Дома имавме слика со Гоце Делчев и голема Македонија, масло на платно. Каква симболика! Точно е дека татко ми беше спремен да ја брани република Македонија, за чијашто независност сепак голема заслуга има токму партијата ВМРО-ДПМНЕ. Кога нашата независна држава ја нападнаа терористичките паравоени албански формации на УЧК, татко ми беше постојано во војничка униформа и чекаше повик да оди на браникот на државата. Ние живеевме во војна, многу македонски бранители починаа, многу манастири беа уништени, иако не му беше дозволено на тогашниот премиер, Љубчо Георгиевски, да прогласи воена состојба. Сè уште се говори за тој конфликт како за воен конфликт, сè уште не смееме да кажеме дека тоа беше војна. Па зарем војната на е сама по себе конфликт? Боли тоа што никогаш албанските партии и интелектуалци не побараа прошка од нивната држава, државата во која живеат, Македонија, ниту од нас Македонците за сторените злосторства.
Имаме држава што го постигнала долговековниот сон да биде независна и слободна, а која денес е криминогено запоседната како да е таа овчарски посед. Зачудува податокот што времето на Греувски, со сите неговите слаби страни, се нарекува режим, а што е тогаш ова обезличување и ништење што ѝ се приредува систематски на Македонија? Ова целосно лишување од слобода на целата држава и на нејзините граѓани, ова лишување од сè што е македонско, што е? Го сменија името на државата под уцена. Многу видни интелектуалци дури и гласаа за тоа, под изговор дека не сме имале избор. Но зарем е избор под присила да смениш име? Зарем не беше тоа црвена линија преку која не се пречекорува за жива глава? Зарем таа лага дека ако смениме име ќе влеземе во ЕУ, беше некаков избор? Затоа, заради подметнувањето грб и немањето достоинство и интегритет, денес ни се случува бугарската хегемонија и сите молчат, зашто е многу кул да се молчи. Македонците се подлежни на негирање и дискриманција од секаков вид и внатре и надвор од земјата. Немаме ни многу пријатели надвор: освен Србија и Турција, а од земјите на ЕУ, Хрватска. И тоа…
Гледајќи од далеку, од друга перспектива, која е најголемата опасност која ѝ се заканува на Македонија?
Обезличувањето. Исчезнувањето. Подриеноста. Кукавичлукот.
Мојата професорка Лаура Борас од Барселона дрско и смело се бори за каталонската независност, иако е тоа борба против уставот на Шпанија. Нивниот Карлес Пуџдемон е во егзил со години, зашто во Шпанија го чека затвор. Се крие во Белгија и покрај барањето за екстрадиција.
Ова е само еден пример.
Во Македонија ако почнеме да ги браниме уставните права на Македонците, веднаш нè напаѓаат дека сме ВМРО, како да е тоа грев, како да е тоа лошо. Мене лично ме напаѓаат многу наши јавни личности дека сум била ВМРО. Една новинарка ми рече дека не сум одела на шарената зашто ми било страв дека ќе ме видат од ВМРО-ДПМНЕ. Таа година живеев во Риека, дојдов во Македонија зашто мојот татко беше многу болен и не знаев што се случува, а уште помалку пак верував дека во 21 век може да се случи револуција хахаха! Тоа е толку патетично, зашто токму тие што се залагаат за либералност и слободарски дух, први те линчуваат. Но јасно ми е дека живееме во времиња што пројавуваат диктатура на мислата, осуда на различноста, тоталитаризам пострашен и од комунизмот и од фашизмот. Но, јас немам проблем да бидам и ВМРО (иако не знам што тоа значи, во смисла не сум член на ниту една политичка партија), и што и да е ќе бидам, само зашто сакам секогаш да бидам слободна и контроверзна, и би била сè што се коси од просечно прифатените калапи, чисто од пркос, од бунт, зашто моето достоинство е без цена, зашто и сите книги и сè друго што сме постигнале, ќе биде бесмислено ако немаме татковина, ако немаме јазик, ако немаме држава, држава што ја добивме пред само неколку децении, за прв пат во историјата.
Поразот е рамнодушноста, поразот е купеното молчење, кукавичлукот, поразот не е да ја загубиш сигурноста, туку да ја загубиш дарбата да ги создадеш стварите поинаку, да ги прогледаш работите одново, да направиш разлика, да се кренеш. Сите се заакале накај ЕУ, а државата им се рони и распаѓа. Зарем мислите дека на ЕУ ѝ е потребна ваква држава? Оттаму, најголемата опасност за мене е корупцијата во секоја смисла на зборот: пред сè онаа духовната. Зборот корупција води потекло од латинскиот јазик [lat. corrumpĕre, con-e rumpĕre] и укажува на суштинско разложување и видозименување на стварите на повеќе рамништа – расипува: изложувањето на воздух, топлина го расипува, корумпира месото; означува процес на смекнување, загадување: леш фрлен во река, поток ја корумпира, ја загадува водата; распаѓа, подрива, подјадува: лешот, мртвото тело се распаѓа, се корумпира; поткупува: со пари и услуги и ветувања се корумпира некој зашто не сака да си ја заврши својата должност, а со тоа му се понижува достоинството.
Но зошто верувам дека е тоа најголема опасност за нас?
Глаголот има и фигуративно значење: кога една личност се корумпира, тоа значи дека таа личност духовно се извитоперува, карактерно се расипува, се растура морално, се распаѓа личносно, се подрива етички и дека станува изопачена и перверзна личност, личност без вредности, без интегритет, без достоинство, без квалитети. Во таа смисла, корупцијата е симболичен канцер што ја разградува целата личност – елем: целиот систем, сите структури на општеството.
Сè додека постои оваа фигуративна личносна корупција – поради личносен пад или немање вредности, свест, етика, морал-, ќе постои и културолошката, системската, правната, кривичната корупција. А таа ние ја живееме во Македонија веќе извесно време. Иако не сме за тоа свесни.
Знаете, пеколот не е место што ќе настане или ќе дојде утре, или после смртта. Тоа место постои, сега и тука. Разликата е што некои не го гледаат зашто се слеваат во него, го прифаќаат, општо место им е, заедништво им е, го признаваат, а има и некои кои се трудат во пеколот да препознаат личност, другост, вредност, нешто, ствар, поим, идеја, чувство, движење што вреди и што го надминува пеколот, го преживува, се издигнува горе и создава разлика. За нив, за тоа вреди да се живее. За тоа да се постигне нужна е свест, чиста совест, но и голема љубов кон онтолошката слобода и кон Бога.





























