Колумни

Хумор

А-при-ли-лили & Лили-дуду-ли-ду-ду

Првиот невербален, често несвесен израз на новородениот член на семејството, упатен до околината која му се радува, е насмевката. Секако најпрвин е плачот, така што плачењето и смеењето се првите спонтани емоции при раѓањето на човекот. Веднаш потоа следува прдежот, ама тоа е друга тема, мириса поинаку од смеата (какво олеснување за оние на кои ковидот привремено им го одзеде чувството за мирис и препознавање на сите нијанси на прдежот за време на карантинот). Малку шега не е вишок, баш кога работата ни е за плачење, што би рекол Оливер Мандиќ „смејем се, а плакао бих“. Србите се велемајстори за црн хумор – поцрн здравје! Го протнуваат низ иглени уши ко „прасетина“ за празници – неминовна минорност, па се смееме на „Маратонци трче последњи круг“, на „Ко то тамо пева“ ама и на „Лепа села лепо горе“ со типичен српски, бизарно црн хумор. Македонскиот фолклор го има Итар Пејо мајтапџијата, кој баш и нема смисла за хумор како смисла да те насамари со примитивна „итровштина“. Смислата за хумор е интелигенција, за хумор треба умешност за интерпретација, но и за сфаќање, не секој умее да ти ја разбере шегата или смислата за хумор. Особена духовитост е кога знаеш да се шегуваш на своја сметка. После најпревртливиот месец март, следува месецот на шегата и преправањата, улични катарзи со маскаради, салонски маскенбали и глобално интернет маскирање, со сите можни фотошоп алатки во пакет со фејкњуз, дипњуз и монтирани лаги, шеги, фарси и лакрдии – мислиш во среден век си, во времето на дворски шутови! Само што за разлика од средниот век, на овие модерниве шутови, маските за преправање анатомски им се сраснати со лицето, па ни хируршки не може да се извадат од нивниот „фацоносец“. Инаку смеењето е лековито. Српскиот психијатар Јован Мариќ (доктор по медицински науки) во едно ТВ гостување ќе ја „открие“ формула за долговечност: 2 х С = Смеење + Секс! Но бидете внимателни со шегите за време на секс – кој би можел истовремено да се смее и стенка, освен хиената … А-при-ли-лили! А при-ли-лили + Лили-дуду-ли-ду-ду, ете смеење плус секс по нашки, па „умри машки“! Таткото на психоанализата Сигмунд Фројд тврдел дека смеењето е психолошки вентил преку кој единката се бори против општествените притисоци. И бил во право, но не предвидел дека современиот човек не смее да престане со смеење 24/7 часа, за да издржи пропорционално со деноноќните притисоци на модерното време. Но, постојано смеејќи се со срасната насмевка а‘ ла Џокер, во катадневна борба против сите можни притисоци и уроци, навлекувајќи се на комерцијално смеење, постепено навлекуваме бела кошула, ама не онаа недовезената на Ленка, туку онаа обратната на актерите во Формановиот филм „Лет над кукавичкото гнездо“. Во ваков случај на смеење, фразеолошки „смеење на прст“ или како „луд на брашно“ насмеаните веќе се за опсервација кај тато Фројд. Сакајќи да ја заскокотка оптимистичката страна на шегата, која на Милан Кундера му мириса на глупост во романот Шега, цивилизацискиот отпадок на постмодернизмот, здравиот хумор го замени со нездрав хумор, а насмевките во патетични гримаси. Сите можни видови на хумор, саркастичен, циничен, сатиричен, апсурден, еротски, народски, вулгарен, агресивен, британски а’ла Монти Пајтон, црн, бел, полубел, Црна Гуја, Алан Форд, К15 … добија жестока конкуренција во секојдневието. Ние сме една голема комедија, комедија под маски, комедија на интриги, една глобална пародија на пародија … Пародија на власт, образование, судство, здравство, војска, полиција, администрација, култура, уметност, спорт … Буквално секаде каде што болниот хумор се таложи како холестерол после свинско. А на почетокот беше само рај … И остана рајот во минатото, како насмевката на Мона Лиза да ни се потсмева оддалеку, блиндирана во Лувр, оти таинствените насмевки се најскапоцени. Низ историјата, хуморот има своја генеза, градација, кулминација, но и деградација, впрочем како и секоја уметност. Првите слики во пештерите изабени од времето заличувале на карикатурни, смешни фигури и облици на луѓе и животни, па не случајно зборот гротескно потекнува од италијанскиот збор grotto што значи пештера, алудирајќи токму на фрагменти од пештерските слики. Така спонтано почнува да се развива и првобитната уметност, синкретизмот, со смешно испуштање неартикулирани крици во процесот на трудот (говор), уште посмешно китење со коски од мамути при ловење (уметност), заради застрашување или допадливост (и тогаш била реска границата меѓу застрашување и допадливост, како и денес со ботокси и филери „овердоуз“) и најсмешното, фаќање ритам (музика) за повикување духови. „Који је то ритам – ритам да те питам“ остана како екот од синкретизмот на пештерските луѓе. Во античка Грција комедијата се сметала за „нижи“ драмски вид, за разлика од „вишите“ како трагедијата која предизвикувала чувство на катарза кај публиката, после низата несреќи и крвопролевање на сцена. А што знаеле старите Грци што е подобро за здравјето, плачење или смеење? Патетични старци, го величале Софокле со неговите трагични ликови, жртви на инцест, (како во турските серии кога во последната епизода главниот лик дознава дека сам себеси е татко), наместо Аристофан кој со комедиите го смеел и здравеел старогрчкиот народ. Па затоа се стари Грци, остарени од трагедии – хуморот подмладува. Се шегувам! Така и божествениот италијански поет Данте Алигиери, се шегувал со црквата, папите и кардиналите во трилогијата Божествена комедија, па инквизицијата ќе го запалела на клада, да не се засолнил кај грофот Де ла Скала. Познавајќи ја умноста и сестраноста на генијалецот, грофот како добар домаќин викнал во дворот квази уметници и дворски шутови да ги забавуваат. Цинично го прашал Данте дали му пречи што покрај вистински уметник како него, дворот и дворјаните ги забавуваат будали, на што генијалецот шеретски одговорил: „со кого сте – таков сте, ако вас ве забавуваат будали, тогаш … “ Не ја довршил реченицата кога го забележал намуртеното лице на домаќинот. Ништо не е сменето од средниот век, што слушаме, гледаме, на што се смееме и каква ни е смислата за хумор – такви сме! Ништо потешко од професионално засмејување на публика. Комедиографот ќе напише комедија, како парабола на едно трагично деградирани општество, и со сета своја умешност на комичен начин ќе долови непријатни ситуации, но комичарот ја има умешноста и заслугата за пријатно насмеан аплауз. Најпознатиот француски комедиограф од времето на класицизмот, Молиер, преку многуте комедии ќе го критикува клерот демаскирајќи им го лицемерието, а преку ликот на Тартиф лажната маска на побожност. Како писател, сценарист и директор на Блескавиот театар ќе признае дека најтешко му било изнесувањето на комичните ситуации преку актерство. Комичарот, актерот кој треба да засмејува, прави уште една уметност во уметност. Уметност е да се смееш и да засмејуваш други, кога носиш неудобни кловновски чевли и пластичен нос. „Во поединечни ситуации животот е трагедија, но во целина е една голема комедија“ – Чарли Чаплин, крал на комедијата кој ќе го забавува светот покрај тешкото и трагично детство, живеејќи во сиромаштија со самохрана мајка која завршува во лудница. Чекори патраво во расчекор и со бастун, но праволиниски цврсто по патот на успехот. Ќе ги надмине своите колеги по хумор, Бастер Китон и Харолд Лојд и ќе биде запаметен по првиот лик кој ќе го глуми во звучниот филм, големиот диктатор Хитлер, роден истата година и месец како и Чаплин. Филмот поентира со љубов и мирољубие преку култната реплика: „жал ми е, но не сакам да бидам император. Патот низ животот може да е убав и слободен, но ние го изгубивме таквиот пат. Затоа војници, ајде да се бориме обединети во име на демократија“. Таков ќе биде неговиот зрел семеен живот, полн со љубов и мирољубие. На 64 години станува татко на осмото дете, со Џералдина, во чии прегратки тивко умира, во спалната соба во Лозана. Многу театарски и филмски шегобијци ќе го развеселуваат светот, Бени Хил, Џери Луис, Џим Кери, Мистер Бин, Робин Вилијамс. Новата генерација комичари ќе го наметне новиот имиџ со стенд-ап комедии во конкуренција и од жени комичарки, како на пример кралицата на комедиите, Џенин Гарофало. Ние Балканците сме исклучително духовити и со само нам препознатлив хумор. Македонците го сакаат хуморот над сè и пред сè, со години наназад гласаме за комични ликови и во парламентот и на високи државнички позиции. Мала шега на своја сметка, вива ла комедија дел арте! Во едно болно време, повеќе од сè ќе ни треба здрав хумор. Смеењето е музика на душата, а душата е олицетворение на музиката. Душата пее симфонија кога очите ни се насмеани, полузатворени, понекоја солза радосница, благо руменило на образите, кога ни се гледаат забите, или имаме побрз ритам на дишење и испуштаме чудни крици … Тогаш шириме позитивна енергија дури кога сè е негативно. Смеењето е анти-стрес терапија, нема ризично смеење со штетни последици, освен ако се смееме со полна уста. За смеењето низ историјата се пишувало како за благотворен лек: Ниче запишал „Смеењето е лек за страдањата“; според стара јапонска поговорка „Среќата влегува таму каде се слуша смеење“; стара шпанска пословица препорачува „Оздравете смеејќи се“. Француските моралисти од 18 век сметале дека „Ден без смеење е изгубен ден“, а крутите Германци и во смеењето внесуваат морбидност: ,, Кој се смее од срце и од ковчег вади клинови“! Да го завршам смешниот текст по нашки: „Кој последен се смее – најслатко се смее“, а како последен да не заборави да се насмее, пред да го згасне светлото …

 

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %