Резервна клупа од која ќе нѐ снема
Клупата е метафора на минливоста на животот. Првото седнување на клупа, нозете висат, не допираат тло и можеш да ги клатиш. Во текот на животот, нозете може да ги кренеш врз клупа, да одмориш, а и да ги клацкаш. Од возбуда. Возбудата е без лимит. На крајот од животот , клатејќи се седнуваш врз клупа. Обично потпрен на бастун. Ако има ограда на клупата за да се потпреш, гледај напред, гледај ги минувачите како минуваат и потсетуваат дека животот е минлив. И секако, гледај животот да не ти помине само во клатење и клацкање на клупа. Особено не на резервна клупа. Таму најчесто седнуваат играчите исфрлени од игра и чекаат да бидат вратени. Чекаат. Ништо сами не решаваат. Личат на ликовите од Бекетовата драма ,,Чекајќи го Годо”. Да играш како што другиот сака, не значи дека си само послушник или имитатор. Можеби сами фаќаш туѓ ритам, за на крај да си го одиграш своето. Такви се игрите, игриви и непредвидливи. Македонија три децении седи во резервна клупа како резервна топка. Им служи на играчите да играат. Се менуваат сами тимови, со долги раце и куси нозе кои што висат од клупата како на недораснати. Рацете долги од крадење, нозете кратки од седење на иста, резервна клупа. Недораснати ама за крадење надежно надраснати. Не постои толку многу надежен народ. Ние се надеваме и кога надежта е прогласена за умрена. Умираме пред неа, надевајќи се… Се надеваме дека некој ќе нѐ оправи, поправи, ќе нѐ стави во игра без да нѐ изигра. Времето на избори е време на игра, на големо шоу тајм. Тогаш повеќето стануваат од резервните клупи за да уплатат лото ливче. Ќе има и анти играчи на кои што играта им се смачи. Тие нема да заокружат бројки, нема да уплатат ливче оти не веруваат во премија. Но токму тие, разочараните и револтираните неверувачи се расипувачи. Расипувачи на забави. Тие со негласање дозволуваат забавата да почне, ама на туѓ терен, за туѓи играчи. Непополнување ливче, негласање значи пуштање на државата друг да ја игра. Е тогаш, на резервната клупа ќе нема место да нѐ собере. Исфрлени од игра, од Македонија ќе направиме топка за шутирање од ненаши, нетукашни, неовдешни, незначајни за нас…Ќе седиме на резервна клупа од која ќе нѐ снема чекајќи работите сами да се изгласаат. Резервна држава немаме.
















