Ова е работа изградена на неуспешни обиди
Симеон Карашов е „доктор“ за гитари со потекло од Охрид кој повеќе од 20 години ги спасува гитарите од кои многумина би се откажале!
Кој е Симеон, од каде идејата да поправаш гитари? Како започна со ова занимање и од кого учеше?
Правен во Штип, роден во Охрид во 1977 во текстилна фамилија.
Средно ветерина и факултет англиска книжевност завршени во Скопје. Дојдов во Шведска на магистратура (Менаџмент на информатички системи, MSIS) во 2008 и почнав да работам во една музичка продавница (Jam Örebro), каде што и веднаш го презедов сервисот на инструменти.

Во 2012 заедно со еден колега ја откупивме продавницата во Еребру (Jam беше ланец од 15 музички продавници во Шведска, (сега постои само Jam Guitars во Стокхолм) и почнавме борба со нелојалната конкуренција на интернет продавници и големите складови за музички инструменти во Европа. После четири години бевме принудени да ја затвориме продавницата. Јас продолжив да работам со сервис; отворив фирма од еден човек (Pillar Guitars). Работам сервис и реставрација на секакви жичани инструменти како и изработка на гитари. Посакувам да имам повеќе време за да можам производството да го работам поактивно. Имав клиенти од цела Шведска, Норвешка, Данска како и други земји во Европа, од кои неколкумина исклучително лојални коишто ексклузивно доаѓаа до Шведска за своите гитари. На пр. Еден од Шкотска, двајца од Данска, еден од Холандија итн. … Немам формално образование за лутиерство. Почнав сам со исклучително малку ресурси и можност за набавка на материјали и алатки во Македонија.
Почнав своите гитари сам да ги средувам зашто покоен Радуловиќ во Куманово ми беше многу далеку и секако не секогаш бев при пари. Учев сам со обиди и грешки. По неколку успешни проекти почнаа да се појавуваат заинтересирани поединци во Македонија. Кога дојдов во Шведска веќе имав доволно искуство и нурнав директно со глава во куп проекти. Имам соработка со многу скандинавски лутиери, сум држел работилници за сервисирање и реставрација на гитари.

Каде живееш моментално?
После цели 15 години во Шведска сега сум назад во Македонија каде професионално сум внесен во две бранши од кои едната е се разбира лутиерството и поправката на жичани инструменти.
Како би го опишал твоето занимање?
Ова е работа изградена на неуспешни обиди или troubleshooting што би рекле со лабораториски речник. Не би се осмелил да кажам дека занаетот ми е доволно испечен за да го ’извадам од фурна‘. Всушност тоа е и убавината на она што го работам, со секој проект учам нешто ново. Се разбира искуството го прави своето и неуспешните обиди се сè поретки или едноставно полесни за исправање, барем за оние рутинските работи. Секој нов проект, секој инструмент е предмет на грешки врз коишто апсорбирам нови знаења. Иако кога станува збор за нови, непроверени или да речам, неортодоксни техники, тогаш експериментирам исклучително на своите инструменти.
Секој инструмент има своевидна како материјална така и емотивна вредност. Оттаму побудата секогаш да се оди кон оживување на стариот инструмент а не веднаш купување на нов.

Свириш ли на гитара?
Јас сум се разбира музичар. Гитарист.
Во спротивно би бил еквивалент на тату артист без тетоважи на своето тело 😊
Активен бев во цел куп бендови и комбинации од 1992 па се до ден денес.


















