💔И јас сум Марко💔
Пишувам. Сакам да пишувам и да читам. Па кога читам белетристика и уметнички книжевни дела ме фаќа срам пред себе што се осмелив јавно да објавувам текстови, многу често со граматички и правописни грешки. Кога ќе прочитате барем стотина автори, не мора повеќе, ете толку колку што е читано на времето, дур сме биле гимназијалци за оние 4 години незадолжително образование, ќе ви излегуваат од умот запаметени реченици од генијалците на пишаниот збор и нема да се осмелите да напишете книга. Генијалноста е ретка, таа се пробива низ толпата просечни и не умира. Пишувам просечно, како секоја школувана учителка и на крај на умот не ми е да напишам книга. Непријатно ми беше и кога ја отпечативме ,,Сексуална азбука”, благодарение на Леда Стефановска и нејзината издавачка куќа Ад Вербум, да ме ословуваат како автор на книга. Ја немам генијалноста за творење. Но ја имам доблеста да работам за колективно добро. Не беше задолжително средното образование во минатиот век, ниту некој нѐ терал да бидеме ,,скроз” одлични за да се запишеме на факултет. Одличен беше образовниот систем. Не беше баш ,,скроз” одличен, имаше по некој заостанат дефект од социјалистичките идеали за строгост, неразбирање на различност, авторитативност на професори кои што можеа да те пратат на полагање и да изгубиш година, само ако не ги поздравиш кога влегуваат во училница! Ова е ново време, нови идеали, нови матрици. Старото добро правило за сите нови времиња е да знаеш да се прилагодиш. Тоа никако не значи да немаш граници на толерантност, туку да знаеш да препознаеш нови ситуации. Се прилагодувам и пишувам, најчесто за да оставам пораки, да споделам емоции, да се повикувам на автори и нивните дела. И само еден читател да ме прочита и разбере, имам друштво за да продолжам со пишувањето. Денес пишувам еден ден потоа, ден после испраќањето на нашиот Марко Здравковски во вечноста… Овој текст се разликува од сите претходни, затоа што пишувам со ,,Диво месо” застанато во грлото, со ,,Непребол” во градите, со ,,Ангелот на Св.Софија” во мислите, со крикот на ,,Гарванот” кој нѐ клука во срцето повторувајќи го кобниот рефрен ,,никогаш повеќе”. Никогаш повеќе нема да ги видиме, допреме, слушнеме, помирисаме нашите прерано заминати чеда. Марко, Кирил, Тамара, сите знајни и незнајни, ќе ги доживуваме дур сме живи, во нашите мисли. Мислата не знае да забошоти емоции, те прогонува и на сон. ,,Тешка е умирачката брат” – последните зборови на Марко упатени до Гоце Трајковски со кого делеа клупа во Гимназијата Корчагин. Тешка е и во длабока старост, кога се соочуваш со природата на животот и сфаќаш дека неполни 93 години ти минале како еден ден. Но ништо потешко и пострашно кога ги испраќаш чедата на оној свет. Кога ги гледаш распаметените родителите кои си ги продаваат огништата само сонце да им го огрее породот. Нема семејство кое што не почувствувало таква болка. Моите први горчливи голтки беа за Огнен Тодоровски, едно бистро и воспитано момче кое нѐ напушти на свои 24 години и ги остави најблиските во непребол. Борбата беше иста како и на Марко, со подмолната болест во туѓина, во туѓи докторски раце во кои го гледаш Господ. Сѐ почесто децата ни се разболуваат од канцер. Сѐ повеќе во Клиниката за Онкологија се зголемува бројот на болни деца. Сѐ поретко имаме вистински дијагнози во вистинско време. Почесто и повеќе, но многу ретко навремена дијагноза – единствената сламка за давеникот. Сѐ полошо и пострашно. Се умира во најубавите и најпродуктивните години. Како да сме во медицинска војна, се бориме со болести, а имаме плацебо оружје. Нема спас ни за кралската лоза. Ни ,,сината крв” не е имуна на болести. Марко го испративме од ридот на вечноста во Петровец. Со звуци на гитара и омилената негова песна од Пинк Флојд ,,Wish you were here” чистата душа одлета кон небото да патува без ограничувања. Сакаше да патува. Со нарушено здравје без конкретна дијагноза отпатува за Америка. Но се врати, резултатите беа поразителни. Повторно отпатува во градот на светлината, небаре во Париз ќе знаат како да го третираат. За жал, ,,една секунда подоцна засекогаш е предоцна” што би рекол Г.Стефановски. Задоцнетиот третман во родната земја почна да се поправа во туѓина. Неговата храброст да се соочи со смртоносната болест сите ќе ја паметиме. Тоа кротко момче со полунасмеано лице, силно како воин на борбено поле кој не сака да се повлече пред посилниот. Со смислата за хумор ѝ пркосеше на болеста. Ѝ се смееше на смртта гледајќи ја во очи. Не ѝ се предаде, не ѝ покажа слабост ни кога срцето престана да му чука. Во кусите преписки ми изгледаше како да се допишувам со мудрец од Тибет, а не со тешко болно дете кое што живо го поминува пеколот. Знаеше достоинствено да се заблагодари преку видео порака на полната сала во МНТ која аплаудираше и плачеше. Оние наши Корчагиновци и негови соученици, Ками, Стефан, Борјан, Бојан, Ангела и Гоце ги завршија сите можни факултети за тие дваесетина месеци дружење со Марко. Докторираа на животот и научија од Марко што е борба до последен здив и љубов кон животот. Сакаше да живее. Знаеше дека е во стапица. Знаевме сите, но сакавме последните месеци да ја почувствува љубовта, не само на родителите, роднини и пријатели, туку и од учениците на СУГС Раде Јовчевски – Корчагин. Љубовта треба да се покажува и докажува, затоа што е невидлива. Не можеш да ја видиш, исто како ни Господ. Ако некој не ти каже, покаже и докаже љубов преку дела, нема да знаеш колку си сакан. Сакавме Марко да знае, да види дека е сакан од нас. Затоа и игравме за него. За наш Кирил, момчето кое што не сакаше да живее, задоцнивме. Не му ги видовме страдањата. Марко го испратиме достоинствено, токму така како што тој ги живееше своите последни мигови. Последното нешто што им го спомнал на своите другари е ,,не ми бега брдото на Петровец”. Погребот не е должност, многу повеќе е. Испраќањето покојник е морална одговорност, основна култура и емпатија кон неговите најблиски. Тагата е силно чувство, многу подолготрајно од среќата која бргу и лесно ги собира луѓето околу себе. Тагата е смртоносна. Тагата не ѝ дава на лутината да го завладее срцето. Но човек, на мака и во тага се познава по човечноста. И по културата. Секој од нас ја носи на плеќи судбината на Марко. Сите ние сме Марко, кој ни остави драгоцена порака: ,,Живејте го животот со полни гради, зграпчете го секој момент и делете го со вашите сакани”. #ијассуммарко 💔

















