СТУПИДНО
Препукувањето меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на тема поврзана со тукушто избраните градоначалници и давајќи им епитет успешни или неуспешни е вовед во една невидена дезинформација на севкупната јавност во Република Македонија. Двете партии се трудат од петни жили да докажат небаре партиите се тие, а не избраните луѓе на позиции кои што треба да испорачаат добробит на граѓаните. Ступидноста на ваквите меѓусебни обвинувања е уште поголема бидејќи ниту едните ниту другите гласноговорници не ја познаваат во основа локалната самоуправа. Не можам да разберам дека тукушто седнатите градоначалници во фотелјите ги оценуваме за успешни или неуспешни. Секој новоизбран градоначалник кој што прв пат се зафаќа со оваа функција, потребно е минимум време од 4-6 месеци да ја сфати генезата за функционирање на самата Општина. Од сезнајковци ми е преку глава. Работата на градоначалниците ќе ја оценуваме после период од 1-2 години, или пак на крајот од нивниот мандат. Како може да зборуваме за реализирани проекти кога сите општини се во долгови. Енергетската криза уште повеќе ја влоши финансиската состојба во самите општини. Денес, не постои ниту една Општина во Република Македонија која функционира без долгови. Посакувам и двете партии да ги остават градоначалниците да работат, а за сработеното ќе ги оцениме ние, граѓаните.













