Политички игри
Согласно новоусвоениот Кривичен Законик предметот Таргет-Тврдина отиде во историјата.
Јас бев еден од 317 лица наведени кои биле прислушувани каде епилог нема. Без законското прислушување на нас 317 лица останува неказнето. Ниту јас ниту останатите 316 прислушувани лица не се согласуваме дека со ова е завршена правдата.
Ја барам генезата за носењето на овој закон со кој де-факто и де-јуре на одредени лица кои биле на функција и направиле со закон казниви постапки денес бидат амнестирани. Не е тајна дека еден од главно обвинетите во предметот Таргет-Тврдина беше човекот кој во 2017 година ги обезбеди 8-те пратеници со цел да се добие двотретинско мнозинство во Собранието за прифаќање на Преспанскиот договор со соседна Грција. Овој штетен договор не присили да го промениме името на државата и ние, Македонците да се откажеме од било каква историја се до 1945 година. На додаток со овој договор граѓаните на Република Македонија и сите институции во државата се изложени на додатни трошоци, токму со промената на името на државата.
Многу е јасна пораката што денешната Влада сака да ја испорача. На многу перфиден начин им се заблагодарува со носење на нов Казнен законик во кој сторителите на кривични дела се амнестираат, бидејќи пред само 6 години направиле услуга на актуелната владејачка дружина ДУИ и СДСМ, услуга со обезбедени 8 пратеници од опозицијата, за промена на името и ратификување на Преспанскиот договор во Собранието на Република Македонија.
Изминува година и половина од моментот кога се прифати предлогот на Франција од страна на Владата за вметнување на Бугарите во Уставот на Република Македонија, како услов за отворање на 36-те поглавја на преговори за влез на Република Македонија во ЕУ. Граѓаните на Република Македонија по националност Македонци кој е мнозински народ во нашата држава не се согласуваат за влез на Бугарите во Уставот, бидејќи од бугарска страна се негира нашата национална посебност како Македонци со сопствен јазик, култура и историја.
И покрај јасно искажаниот став на нас, Македонците, очигледно е дека Владата не отстапува да обезбеди двотретинско мнозинство, трагајќи да ги убеди пратениците од опозиција со идентични уцени како што ги сторија и во 2017 година, кога требаше да се гласа за Преспанскиот договор. Владата овој пат е насочена кон Будимпешта, кај нашиот бивш премиер Никола Груевски кој за мене на нечовечен начин побегна од државата, барајќи азил кај својот некогашен унгарски колега и денес прв човек во Унгарија господинот Орбан. Не е тајна дека Никола Груевски има влијание во самата партија ВМРО-ДПМНЕ и пратениците во Собранието од опозицијата. Основно прашање кое се поставува пред секој чесен граѓанин е што е тоа што му се нуди на Никола Груевски да и помогне на актуелната Влада да бугарите влезат во Уставот на РМ?.Амнестија? Враќање на бел коњ? … Зошто ни се потребни вакви нечесни политички игри?
Цената на оваа политичка игра ја плаќаме ние, граѓаните на Република Македонија, а со двата потпишани договори со соседна Грција и соседна Бугарија ја плаќаме ние, Македонците, а не останатите етнички заедници. Не можам да го разберам поривот на луѓе кои имаат власт, ама немаат карактер, кога си поигруваат со нешто што е најсвето за нас Македонците. Жално е што од непроверени извори ваквите политички игри се играат без учество на нас, Македонците. Ваквите игри ги играат останатите етнички заедници, Албанците во прв ред.
Прашувам отворено, каков соживот очекувате? На ниту една нација во светот не се направени такви нечесни игри какви ни се прават на нас Македонците. Наместо етничките заедници да застанат зад нас, Македонците и безусловно да не поддржат, тие водени од сопствените интереси нашата македонска болка ја релативизираат. Ние градиме соживот во Република Македонија, солидарноста сега ни треба на нас, Македонците од останатите етнички заедници. Ова се најтешки моменти за нас, Македонците од нашето осамостојување, па до денес.
Порака до етничките заедници во Република Македонија: бидете мудри и солидарни со нас Македонците. Не сакам да ни се повтори 2017 година, кога со уцена се обезбеди парламентарно мнозинство за легализирање на Преспанскиот договор.
Порака до Груевски: биди маж и врати се во Македонија, одговарај за своите дела како човек. Немој да дозволиш да бидеш монета за поткусурување. Тебе ти е местото во Скопје, а не во Будимпешта.













