Луѓе

Она што ни недостига е доверба дека младите кои остануваат тука се способни

Првиот македонски студентски болид – колку гордо звучи! Оваа недела разговараме со Харитина Сакова, студентка на Машинскиот факултет и член на тимот „MES Racing“. Таа заедно со останатите колеги од тимот неуморно работат на создавање на тркачки автомобил со кој ќе ја претставуваат Македонија на натпревар во Велика Горица – Хрватска.

Харитина, кажи ни нешто за себе и студирањето на Машинскиот факултет?

Моите додипломски студии ги започнав во 2020та година, во пикот на пандемијата. Од секогаш сум била љубител на науката, особено физиката, затоа одлучив да ги продолжам студиите токму на Машинскиот факултет. Моите амбиции произлегуваат од љубовта кон машинството и се надевам дека преку овој проект ќе привлечеме повеќе луѓе кои ќе ја развиваат оваа пасија на млади инженери во државата.

Како дојдовте до идејата за создавање на болид и кој се е дел од тимот?

Целиот процес беше доста комплексен. Најпрво сѐ започна од желбата да има нешто различно на факултетот и истиот да се појави на настани во светски рамки и да има проект кој припаѓа на студентите долгорочно.

Приметив дека голем дел од колегите се жалат за недостигот на практична настава. Тогаш, јас и Димитар Алжуровски со кој го водиме поголемиот дел од проектот, одлучивме да собереме група студенти и да одржиме кратка презентација за што е Формула Студент и зошто и ние може да бидеме дел од овој натпревар.

Сегашниот тим е различен од она што беше на почеток. Единствено што не е променето е ентузијазмот на тие што ја започнавме приказната и нашиот непрекинат стремеж за успех. Сега тимот брои 25 студенти од цел универзитет, главно од техничкиот кампус.

Во која фаза од изработка сте и од кого имате најголема поддршка?

Автомобилот е во фаза на производство. Во моментов се форсира изработка на шасијата, бидејќи без неа не може да се восприемат физичките ограничувања на автомобилот. Покрај тоа, имаме голем број на делови кои чекаат да бидат склопени, штом се заврши заварувањето на шасијата.

Најголема поддршка имаме од асистентите на Машински факултет и од нашиот координатор проф. д-р Даме Димитровски. Кога станува збор за финансиска помош, има неколку компании кои се двојат од останатите и навистина се заслужни за успехот на проектот. Сепак, кога се наоѓаме во држава со слаб (или непостоечки) развоен сектор, јасно е дека треба да сме спремни на предизвици од овој тип.

Неопходно е да се напомене дека универзитетот и факултетите ни се најдоа во пресрет и навистина ни помогнаа во критични моменти.

Малку околу натпреварот. Кои се условите и кој може да се натпреварува?

На натпреварот мора да учествува тим од универзитетски студенти со еден координатор кој е вработен во универзитетот. Истите треба да полагаат квиз за да бидат пласирани на еден од интернационалните натпревари на Формула Студент. Горда сум да споделам дека во август, оваа година, МЕС Рејсинг ќе биде дел од натпреварувањето во Хрватска.

Во случај да не успееме да обезбедиме целосна функционалност на болидот, истиот може да учествува на статички дел, каде судиите ја оценуваат инженерската спремност и посветеност на тимот. Често младите тимови првите неколку години одат со овој вид натпреварување, но за сега ние остануваме оптимистични дека болидот ќе успее да биде дел од целосниот натпревар, гледајќи го досегашниот напредок.

Доколку возилото е во возна состојба, тогаш може да се учествува на динамичкиот дел, каде се тестираат перформансите на автомобилот.

Сметаш ли дека во Македонија доволно се поддржуваат младите и креативни луѓе?

Дефинитивно не. Одлично е што сега проектот добива препознатливост, меѓутоа на почетокот на проектот имаше доста сомнеж од надвор за способноста на студенти да изградат вакво нешто. Исто така, песимизмот е на многу високо ниво за било која тема која вклучува раст и развој, со оправдувањето „Дали знаеш каде живееш?“ што воопшто не ми се допаѓа.

Сепак, имаме луѓе кои верувале во нас од самиот почеток и се надевам дека идните генерации ќе водат помала борба за доверба од нас. Она што тука недостига е токму тоа – доверба дека младите кои остануваат тука се способни, доколку им се даде причина да бидат ентузијастични и возбудени за нешто ново и различно.

Кои се твоите планови за во иднина?

На секој млад човек ова прашање мислам дека му создава одреден степен на паника. Сепак, се гледам себеси во институт за развој и истражување во некој сектор од инженерство, што за жал го нема во Македонија.

Се надевам дека ваков тип проекти ќе допринесат повеќе можности од овој карактер за идните генерации.

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

More in:Луѓе

Next Article:

0 %