Став на Костовски

ИМА ЛИ ИДНИНА ЗА МАКЕДОНИЈА?

Несомнено Македонија е единствената бивша држава од ЈУ федерацијата која го поминува најтрнливиот пат кон нејзиното етаблирање како посебна држава, декларирајќи се како НАТО членка и идна членка на ЕУ. Нема сомнение дека овој трнлив пат кој го минува и сè уште ќе го минува Македонија, причината сме ние, Македонците по национална припадност, името на државата Македонија и секако културното наследство кое го имаме создадено како светска цивилизациска придобивка.

Проблемите со кои се соочува Македонија имаат надворешен и внатрешен карактер. Очигледно Грција и Бугарија и натаму не можат да се помират со фактот дека ние, Македонците сме реалност на Балканот и на еден мошне чуден, ама синергичен начин го рушат во очите на меѓународната заедница нашето постоење.

Денес ќе пишувам за надворешните проблеми.

Со Преспанскиот договор станавме македонска нација без историја со додавка „северна“. Договорот за добрососедство со Бугарија им дава отворени раце на нашите соседи од исток да се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија, негирајќи ја историјата дека биле окупатори во Македонија за време на Втората светска војна, со негаторски однос кон нас, Македонците како нација, јазик, традиција, култура.

Тешко можеме да го разбереме ставот на нашите сојузници ЕУ и САД кои перманентно не туркаат нас, Македонците на отстапки кои водат кон наше обезличување.

Ваквата констатација се должи пред сè на фактот што нашите соседи Грција и Бугарија имаат силна логистичка поддршка во нивните барања кон нас Македонците.

Впечатокот е дека нашите стратешки партнери за Грција и Бугарија се мајка, а за нас Република Македонија, а посебно нас, Македонците се маќеа.

Оваа година сме исправени пред предизвикот за имплементирање на Бугарите во Уставот на Република Македонија, кој произлегува токму од овој договор со соседна Бугарија, а без вметнување на Бугарите во Уставот на РМ, не можат да отпочнат преговорите за идно членство на Македонија во ЕУ.

Овој чин на притисок во внатрешните работи на Република Македонија, од страна на Бугарија, ама поддржано од ЕУ е за осуда.

Бугарската популација во Македонија е маргинална, тоа впрочем го покажа и последниот попис направен во 2021 година. За мене ова е само бугарско-европски хир во кој се тестира нашата македонска посебност.

Македонците по националност во Република Македонија, јасно го искажуваат ставот дека Уставот не треба да се отвори, бидејќи Македонците во Бугарија денес немаат ниту право на самоопределување, а нивниот број во соседна Бугарија е повеќекратно поголем отколку бројот на Бугарите во Македонија.

Ние, Македонците во Македонија од нашите соседи бараме реципроцитет, што е вообичаена форма за градење на добрососедски односи.

Неразбирлива е за мене поддршката што ја добива Бугарија од ЕУ кога е во прашање самата историја. За време на Втората светска војна, Бугарија влезе во Македонија како окупатор, историјата до пред не долг период наназад ги читаше како окупатори, денес Бугарија обзнанува дека не биле окупатори, туку биле администратори. Зачудува молкот на ЕУ и САД на овој факт.

Дали се испишува нова историја и за самата Втора светска војна е прашање кое се поставува пред секој сериозен човек. Имено со децении наназад чествуваниот 9 мај како ден на победата над фашизмот, денес се замени како ден на Европа.

Дали војната во Украина која денес се води од сојузниците во Втората светска војна е поводот да се испишува нова историја за самата Европа? Ова се мои лични дилеми.

Најактуелен настан денес, во Македонија, е внесувањето на Бугарите во Уставот на РМ. Секојдневни се посетите на познати и непознати политички личност од ЕУ и САД кои доаѓаат специјално во Македонија да не убедат нас дека треба уште „ова“ да го голтнеме за да имаме подобро утре. Начинот на кој се обраќаат кон нас Македонците за мене е понижувачко. Повеќе или помалку впечатокот од секој нивни говор укажува на фактот дека ние сме небаре дебилна нација која ништо не знае за себе и дека тие ќе ни ја креираат нашата иднина.

Јас не прифаќам диктат каде се гази правото на реципроцитет. Ова е типичен пример на „кршење кичма“ на најмладата нација, меѓутоа не и народ на Балканот, само со една цел, името Македонија, македонска национална припадност и македонизам како културно наследство подарено на светската цивилизација да бидат длабоко закопани од очите на јавноста.

Грција има многу инвестирано во изминатиот век со цел да ја приграби целата античка историја како нејзино наследство. Но не секој пат инвестицијата е посилна од вистинските факти. Името Македонија е најстаро име на Балканот, а со него и народот, а македонизмот ќе дојде време кога ќе биде толкуван како еден од најсилните цивилизациски достигнувања на Балканот.

Името ни е големо, да го чуваме и сочуваме.

 

Можеби ќе ви се допадне

Став на Костовски

ПРЕДИЗБОРИЕ

Со големо внимание ги прочитав изјавите на двата најсериозни кандидата господин Пендаровски и госпоѓа Силјановска-Дафкова, ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %