ИЗВИНУВАЊЕ
Шеговитата изјава дадена од албанскиот премиер Еди Рама обраќајќи му се на премиерот Ковачевски како премиер на Западна Бугарија е непростлива грешка првенствено на албанскиот премиер, бидејќи и шегите, посебно кога се предмет на официјални меѓудржавни преговори се невкусни за тој на чиј грб се однесуваат, а во случајов се работи за наш македонски грб.
Мојот почитуван пријател Еди Рама би било умесно да се извини за лапсусот пред целата македонска јавност со цел да ја докаже својата конзистентност за нашите вистински пријателски односи.
Мудроста вели дека во секоја шега има вистина. Сомнежите дека нешто кројат нашите соседи за нас, Македонците не се од понов датум. Дали е случајност или план дека се создаваат две спротивставени оски север-југ, читајте Србија-Грција и исток-запад, читајте Бугарија-Албанија каде единствената цел е расчеречување на Република Македонија.
Сеништата од минатото кога се водеа Балканските војни се денес сеопшто присутни. Меѓународната заедница не смее да молчи.
Гест којшто не можам да го простам на нашиот премиер е фактот што требаше веднаш после искажаната шега од премиерот на Албанија Еди Рама, да го напушти самитот и да бара официјално извинување. Тоа ќе беше единствениот и достоинствен начин за одбрана на нашата македонска посебност.
Начинот на кој што премиерот Ковачевски реагираше со смеа е само уште еден доказ дека многумина од денешната актуелна власт не ја разбираат генезата да се биде политичар, а уште повеќе и прв човек во Владата на Република Македонија.
Настан за кој Собранието на Република Македонија мора да бара официјално извинување од Албанскиот Премиер Еди Рама.













