Став на Костовски

ЗЛО

ЕСКОБАР-промотор на борбата против организираниот криминал и корупција во Македонија

Деновиве сме сведоци на зголемена присутност во етерот на премиерот Ковачевски и министерот за надворешни односи, Бујар Османи околу организираниот криминал и корупција кои со децении наназад се практикуваат во Република Македонија.

Поводот за појавувањето на Ковачевски и Османи беше изјавата на заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, на настан посветен на евроатлантската иднина на регионов, одржан во Атлантскиот совет во Вашингтон.

Со години наназад амбасадорите на САД упатуваат на оваа жална реалност на Македонија, меѓутоа требаше на сцена да се појави заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, упатувајќи порака дека сите чинители за криминалот и корупцијата во овој регион ќе ги изведат пред лицето на правдата. Јасно е дека без јасен сигнал од Вашингтон, нашите политичари нема да мрднат со прст да го решат овој веќе длабоко инсталиран систем на криминал и корупција во Македонија.

Смешен е начинот на којшто господата Ковачевски и Османи го обзнануваат овој факт. Дали треба господинот Ескобар да ни обзнани дека живееме во заробена држава од криминал и корупција? Очигледно е дека САД како вистински партнер на Република Македонија и целиот регион настојува да ова зло биде уништено, само со една цел – регионот да биде дел од модерниот свет каде владее правото и правдата.

Злото во криминалот и корупцијата кое е наше секојдневие е инсталирано токму од политичките партии кои владеат во изминатите три децении. Не сум сигурен дали се креатори на организираниот криминал и корупција, ама дека се логистичка поддршка на ова зло е повеќе од јасно. Деновиве во Собранието треба да се усвои Буџетот за 2023 година, кој покажува зголемување споредбено со буџетот од 2022 за близу 20 проценти. Оправдувањата за вака зголемениот буџет се несериозни и уште повеќе го поттикнуваат чувството на гнев меѓу граѓаните на Република Македонија дека буџетот сам по себе е гнездо во кое се практикува организираниот криминал и корупција.

При забавен економски развој на државата и нефункционалност на нашата Влада во сите сфери на нашето живеење, како образование, здравство, судство, полиција, срамен е чинот да се бара буџет за кој однапред се знае дека граѓаните на Република Македонија нема да можат да го наполнат. Владата доколку сака да се зафати во костец со организираниот криминал и корупција, треба да отпочне токму од буџетот. Политичките партии на власт и опозиција неопходно е да го сменат својот приод во практикување на политиката при што ќе бидат посветени на граѓаните и државата, а помалку на своите лични или партиски интереси.

Ја поздравувам желбата на САД да се справат со ова зло кај нас, бидејќи очигледно е дека ние самите граѓаните на Република Македонија тешко ќе излеземе на крај од ова загадено општество.

Можеби ќе ви се допадне

Став на Костовски

ПРЕДИЗБОРИЕ

Со големо внимание ги прочитав изјавите на двата најсериозни кандидата господин Пендаровски и госпоѓа Силјановска-Дафкова, ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %