КОЧНИЦА
Напредокот кон ЕУ се сопнува од корупцијата на сите нивоа
Република Северна Македонија има сериозен проблем со корупцијата на сите нивоа, не само на политичко. Во сите можни општествени сектори, каде граѓаните бараат услуги од државата на кое било ниво, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи
Декларативната борба со корупцијата во земјава очигледно не е доволна штом скандалите во која се вмешани функционери и носители на одлуки на одговорни позиции секојдневно ја вознемируваат јавноста. Според експертите, коруптивните скандали не одат во прилог на евроинтегративните процеси на Македонија, иако земјава добива и финансиска и секаков вид друга поддршка од меѓународната заедница за нејзино искоренување.
Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, на настан посветен на евроатлантската иднина на регионов, одржан во Атлантскиот совет во Вашингтон, потсети дека САД ќе преземат чекори да ги казнат корумпираните функционери од Балканот за да се тргнат од одговорните позиции. Министерот за надворешни работи Бујар Османи по овие најави рече дека наредните години се години на расчистување конечно со корупцијата на сите можни нивоа.
– Не се амбицирам, затоа што нема општество исчистено во целост од ова зло. Но, Северна Македонија мора и тој дел да го помине за навистина да биде пример држава не само во регионот, туку и пошироко. Сега ни е шансата за тоа, сега ни е фокусот таму, сега и нашите пријатели се фокусирани во тој дел, ајде да се здружиме сите и да кажеме стоп на корупцијата. Уште ни треба да имаме сериозна демократија и сериозни институции во борбата против корупцијата. Ова е заедничка определба помеѓу нас и САД за засилена антикорупциска борба. Државата и ние апсолутно ги поддржуваме тие ставови на САД и очекуваме сериозна поддршка – изјави вчера Османи.
Еден од мотивите за почнување на стратешкиот дијалог со САД беше нивно вклучување во антикорпциските политики и овде, додаде министерот.
– Имаме два големи инструменти за следење на антикорупциските политики. Еден е скринингот и преговорите со ЕУ и САД преку стратешкиот дијалог и нивните инструменти, дали се тоа механизмите на внесување во црни листи или други јавни именувања или други начини на поддршка – појасни Османи.
Тој повтори дека во рамките на стратешкиот дијалог САД досега дале 4,2 милиони евра само за поддршка антикорупциските политики. Очекуваат поддршка и во обука, но и искористување на конкретните механизми што ги имаат на располагање САД.
– Република Северна Македонија има сериозен проблем со корупцијата на сите нивоа, не само на политичко. На сите можни нивоа, во сите можни општествени сектори, каде граѓаните бараат услуги од државата на кое било ниво. Овој фокус што го ставаме заеднички со нашите партнери САД и со ЕУ, е и резултат што големите прашања ги надминавме, кои нè дефокусираа од оваа политика на борба против корупцијата – рече Османи.
Корупцијата го кочи напредокот на Северна Македонија, изјави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, а со неа се согласи и премиерот Димитар Ковачевски, кој дополни дека во борбата против корупцијата и владеењето на правото, поделени се надлежностите и во таа насока Владата треба да овозможи независно функционирање на судството и на обвинителството.
– Во однос на заложбите на Владата, јас апсолутно ги поттикнувам сите кои се соочиле со одредени криминални, коруптивни практики, веднаш да ги пријават кај надлежните институиции – нагласи премиерот.
Амбасадорката Агелер во обраќање по повод одбележувањето на 30-годишнината од партнерството на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) со Северна Македонија истакна дека САД постојано ја поддржуваат целта на Македонија да биде добро управувана демократска земја. Таа додаде дека намалувањето на корупцијата е важно затоа што корупцијата во која било форма ја оневозможува оваа земја да напредува во економска, социјална, образовна и структурна смисла.
За Ковачевски и Агелер корупцијата го кочи напредокот на Северна Македонија, САД со дополнителни санкции за корумпирани официјални лица од Балканот
Иако чекориме на патот кон Европската Унија, корупцијата го кочи напредокот на Северна Македонија, согласни се премиерот Димитар Ковачевски и американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер. Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, најави дека САД ќе воведат дополнителни чекори за да ги санкционираат корумпираните официјални лица од Балканот и да се тргнат од одговорните позиции.
Во делот на борбата против корупцијата и владеењето на правото, Ковачевски на прес-конференција потсети на поделените надлежности и во таа насока посочи дека Владата треба во рамки на своите надлежности да овозможи независно функционирање на судството и на обвинителството во државата.
– Во однос на заложбите на Владата, јас асполутно ги поттикнувам сите кои се соочиле со одредени криминални, коруптивни пракси, веднаш да ги пријават кај сите надлежни институиции што се задолжени за тоа и да одлучуваат судските и обвинителските органи нормално во согласност со закон во рамки на своите надлежности, нагласи претседателот на Владата.
Ковачевски се осврна и на неговиот состанок со амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер и со потсекретарот на САД за борба против тероризам и перење пари, на кој се разговарало на теми поврзани со надлежностите на МФ на САД и посебно на овој потсекретар. Во тој дел, најави премиерот, ќе следуваат заеднички активности.
Американската амбасадорка Анџела Агелер во обраќање по повод одбележувањето на 30 годишнината од партнерството на УСАИД-Американска агенција за меѓународен развој со Северна Македонија во Скопје истакна дека Соединетите Држави постојано ја поддржуваат целта на Северна Македонија да биде добро управувана, демократска земја, нудејќи еднакви можности за сите нејзини граѓани, уште од стекнувањето на независноста во 1991 година.
– Фокусот денес е на подобрување на економската продуктивност, поттикнување на младите да преземат активна улога во иднината на земјата и намалување на корупцијата. Иако чекорите по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија, изјави меѓу другото таа.
Додаде дека во текот на изминатите три децении, односот со земјава еволуираше во стратешко партнерство и сојуз и сега, вели, работиме заедно како рамноправни партнери и пријатели за заеднички да создаваме и имплементираме локални решенија и да донесеме одржлив развој и позитивни промени.
– Намалувањето на корупцијата е важно затоа што корупцијата во која било форма ја оневозможува оваа земја да напредува во економска, социјална, образовна и структурна смисла, за кои знаеме дека може и треба да продолжи да ги постигнува. Иако чекорите по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија преку забавување на економскиот раст и поттикнување на најталентираните млади луѓе од земјата да бараат можности во странство, порача амбасадорката Агелер.
Таа меѓу другото истакна и дека САД се сведоци на значителни промени, но, додаде, „пред вас има уште многу предизвици“.
Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар на настан посветен на евроатлантската иднина на регионот, одржан во Атлантскиот совет во Вашингтон потсети дека САД ќе воведат дополнителни чекори за да ги санкционираат корумпираните официјални лица од Балканот и да се тргнат од одговорните позиции. Според него, тоа е важна и ефективна алатка. Не само што беше ефективно да се санкционираат поединци, туку, подвлече, ако погледнете дел од наративот што Министерството за финансии (на САД) го објавува заедно со одлуката, ќе ја видите длабочината на корупцијата.
– Северна Македонија ги направи сите неопходни реформи за да ја отвори првата врата кон ЕУ, а Владата има капацитет да го направи тоа што треба за земјата да стане полноправна членка на Унијата, изјави Ескобар.
Тој оцени дека македонската Влада е добар партнер во спроведувањето на агендата за евроинтеграција на Северна Македонија.
-Тие се добар и посветен партнер и ќе обезбедат придобивки и за ЕУ, рече тој.
Според него, процесот на пристапување треба да биде побрз, потенцирајќи ги внатрешните грижи во Унијата.
-Има гласачи кои навистина се грижат што би направило проширувањето за нив. И мислам дека тоа е работа за сите нас да ги убедиме дека Европската Унија ќе биде посилна и ќе биде попросперитетна со овие земји, рече Ескобар, алудирајќи на Северна Македонија и Албанија.

















