Ескобар – надеж за Македонија
Импресиониран сум од одлучноста која ја покажа Стејт департментот на САД преку заменикот на помошник државниот секретар господинот Ескобар овластен за Западен Балкан да одлучно се справи со злото организиран криминал и корупција, кој со децении го мачи целиот регион, вклучително и Република Македонија на патот кон европското семејство. Фактот што доаѓаат во Македонија стручни лица од САД кои треба да го детектираат ова зло во Македонија е за поздрав. Евидентна е збунетоста на политичките партии од власт и опозиција за ваквиот неочекуван, ама одлучен потег на Стејт Департментот да конечно се отпочне со вистинска борба против ова општествено зло.
САД како докажан пријател на Република Македонија не еднаш туку повеќе пати потенцираше за нивната финансиска поддршка за ставање на судството во интерес на граѓаните. Тие недвосмислено покажуваат респект кон своите граѓани, нагласувајќи секојпат дека донациите се од граѓаните на САД и никој нема право да си поигрува првенствено со граѓаните на САД и финансиските средства одвоени од нив.
Самиот овој чин е лекција која треба да ја научи секој политичар во Македонија. Ние граѓаните во Република Македонија го плаќаме во целост судството кое за жал е нефункционално. Ќе споменам само детал од мојата приватна истрага поврзана со стечајот на Еуростандард банка, каде еминентни експерти за борба против организираниот криминал и корупција од светски маштап со месеци бараа прием кај премиерот Ковачевски и вице-премиерката Грковска кои за жал не беа удостоени со било каков одговор. Токму овој факт говори дека нашата држава е заробена држава од криминалот и корупцијата. Укажувањата од страна на лицата кои го осетиле овој криминал и корупција во земјава за актуелните владејачки структури немаат никакво значење. Требаше да се појави господинот Ескобар и веднаш хорски да почне да се пее од страна на истите овие високо етаблирани политичари дека мора да се справиме со ова општествено зло. Убеден сум дека на површина ќе излезат многу видни личности од политичкиот естаблишмент на Република Македонија кои со децении наназад директно или индиректно учествувале во креирањето на ова општествено зло.
Ги охрабрувам САД да продолжат со уште поголема посветеност при искоренување на ова зло. Ние граѓаните на Република Македонија даваме целосна поддршка на овој отпочнат процес со желба да истраат до крај.













