АМНЕСТИЈА
Деновиве сите сме сведоци како по експедитивно брза постапка, во Собранието на РМ се изгласа и стави во употреба новиот Кривичен закон со кој се нуди амнестија на сторителите на лошото владеење, криминал и корупција, со препорака дека и сегашните владини криминали ќе бидат амнестирани, нудејќи ѝ на новата влада услови повторно да амнестира потенцијален криминал. Овие закони се изгласаа само во интерес на партиите кои ја делат власта во РМ, неказниво да го ограбуваат сопствениот народ, не нудејќи ама баш никаква перспектива за изградба на едно здраво, праведно општество за пример на денешните и идни генерации. Со овој закон докажавме дека криминалот и корупцијата со злоупотреба на службените должности ќе останат неказнети. Шпекулациите од типот кој со кого преговарал и разговарал од највисоките функционери од власта и опозиција околу оваа амнестија, само го потврдуваат фактот дека Македонија е заробена држава од криминал и корупција. Само за 9 месеци од Македонија се иселија над 50 илјади работоспособни наши сограѓани. Училниците за првачиња зјаат празни, а сè помасовно е иселувањето на работоспособна популација. Дали политичките лидери конечно ќе разберат дека е време да му посветат внимание на секој поединец, жител на оваа држава, за да го задржат на своето огниште каде ќе ја градат својата иднина?! Економскиот развој на Македонија стагнира, сè повеќе имаме необработено земјоделско земјиште. Сточните фондови на крави, овци и свиња драстично опаѓаат, веќе се преполовени. Елементарна исхрана и пристоен животот за секој поединец во државата станува проблем. Недостасува работна сила во сите сегменти на нашето живеење.
Капка во чашата полна пелин е последниот извештај од еминентниот британски весник „Гардијан“ кој во својата анализа за загаденоста во Европа укажува дека Македонија е убедливо најзагадената земја на нашиот континент. Политичари, сите вие кои се занимавате со политика и имате функции во државава, мора да разберете дека вашата професија треба да го креира животот на секој поединец, нудејќи перспектива, стабилност, безбедност и првенствено силно образование и здравство. Алчноста и императивот „брзи пари“ денеска се синоним за политичарите во Република Македонија. Ја направивте Македонија дом за старци, но беден, нефункционален зашто и пензионерите, кои се во енормно висок процент присутни во нашата реалност, врзуваат едвај крај со крај. Каква иднина нудите?
Почитувани читатели, треба да разбереме дека еднаш мора да се стави крај на ова криминално дивеење на политичката сцена во Република Македонија, каде секој граѓанин без исклучок станува жртва и наместо достоинствен граѓанин станува проколнат, несреќен индивидуалец.
Доаѓаат парламентарни и претседателски избори. Што имаме на политичката сцена? Што се нуди? Гола промена на власт и ништо повеќе. Ако е за арно, ајде и тој чекор да го направиме, но за жал сомнежот дека ништо особено нема да се промени е општото чувство на познатата поговорка и наша политичка реалност: „Сјаши Курто да узјаше Мурто“
Надежта последна умира. Искрено се надевам дека со овој став ќе ги разбудам политичките партии, наместо да се занимаваат со шпекулации кои го трујат обичниот граѓанин ќе почнат да се занимаваат со вистинските потреби на своите граѓани и сожители во сопствената татковина. Македонија е сè што имаме.













