ГЛУПОСТ
Деновиве во јавноста протече информацијата дека спортската сала Борис Трајковски ќе биде детално реконструирана за потребите на тридневниот собир на членките на ОБСЕ кој треба да се одржи во Скопје. Во јавноста се полемизира кој и зошто го добил овој тендер за реконструкција, а не се оди за суштината за тоа, кој дал налог во Владата на Република Македонија да се трошат народни пари за настан кој ќе трае само два дена.
Сведоци сме на секојдневно социјално уништување на нашиот граѓанин. Сведоци сме дека и пензионерите конечно го дигнаа својот глас, бидејќи пензијата која што ја добиваат е многу мала за секојдневните потреби.
Официјално во буџетот на Република Македонија нема пари за покачување на пензиите, а има пари да се финансираат настани кои што ќе траат само два дена.
Исклучително важно е што спортската сала Борис Трајковски на неодредено време ќе биде затворена за спортски активности. Не можам да го разберам поривот на актуелниот министер за надворешни работи да од себе прави икона. Иконите се наше секојдневие во црквите и манастирите. Живи икони не ни се потребни. Турците имаат прекрасен збор „башибозук“ израз кој означува распуштено, разуздено, бесно однесување.
За мене ваквиот начин на владеење е неприфатлив. Во очите на светската јавност го покажуваме нашиот „скороевички“ профил, трудејќи се да се покажеме дека сме рамни на нив. Модерниот свет многу повеќе почитува скромност, посебно во користењето на буџетските средства. При толку силни, високо брендирани хотели кои ги имаме во Скопје и цела Македонија се нападна најголемата спортска сала во Република Македонија Борис Трајковски. Зошто?