Луѓе

Kралот на хуморот, шегата и сатирата

Милан Кундера, кралот на хуморот, шегата и сатирата си замина. Замина физички. Неговиот дух и репутацијата на  најсуптилен романописец, постојано ќе бидат дел од колективната светска меморија. Тој, смртно шеговитиот, кога пишуваше за леснотијата на живеењето, всушност посочуваше на оловнотешките поенти на човечката сушност.

Најминуциозно, во секое свое дело,  го скенираше десеткувањето на меморијата, особено во настаните и животот на луѓето во егзил. Големиот одисејски заборав на темата на индивидуалниот и колективниот идентитет, сентимент за коренот, отсуство на сознанието  за тоа што е и каква е нивната земја, особено за време на нивното отсуство, е драмата сред потребата од враќање, придружена од несигурноста да се направи тоа.

Минијатурите од приватни односи, врз огромната карта од политички промени, каде се брише историјата, каде се задира во најсветата меморија, за да се произведе младост која ќе учи за нешто друго и која фалсификатите ќе ги присвои како своја вистина.

Како да пишувал за нашата земја, не само за неговата Чешка.

Затоа беше и на наша страна. На страна на оние што беа против промените и во нашата земја,  промени кои доведоа и водат кон себегубење во туѓото политичко кроење на нашите вистини.

Текстот во продолжение е за една од последните книги на Кундера и е всушност новинарска критика од 2001- та година, за романот ,,Незнаење”.

Објавена е на српски јазик, но првобитно ја има објавено италијанското книгоиздателство.

Дотогаш не постоеше публикувана книга на овој исклучителен автор, ниту критички осврт. После неколку години, ,,Табернакул” ги објави неговите избрани дела.

По повод неговото заминување од земјената димензија,  ја презентирам оваа рецензија, во прилог на тоа, дека во тоа време беше единствена во  нашата земја, читана од македонската публика.

Денес постои Кундера на македонски јазик, иако се ретки тие изданија, но постои и новинска критика, која случајно ја пронајдов во мојата архива.

За среќа, може да заклучиме дека и архивите значат исто што и историја. Значајни се! Во недостиг  на  пишување новинарска критика, текстот во продолжение е еден вистински куриозитет предложен за превод, додека нашите автори, главно, беа објавувани со сугестија (рецензија) за да бидат прочитани.

FRANCE – JUNE 01: The writer Milan Kundera in France in June, 1981. (Photo by Louis MONIER/Gamma-Rapho via Getty Images)

***Милан Кундера е еден од најмаркантните чешки писатели,  чиј квантитативно богат опус  доживеа светска слава на квалитетот,  со луцидна умешност, трансформирајќи ги вознемирувачките теми на човечката егзистенција во суверена литература. Така, успеа да создаде неповторлив и единствен стил, особено зашто на помош ја имаше, ретката за почит, вредна муза на хуморот и сатирата. Како да знае Кундера дека хуморот одбран на вистински начин и во вистински час, ќе може да го спаси човека од себегубење.

,,Шега” , ,,Смешни љубови”, ,, Прошталниот валцер”, ,,Неподносливата леснотија на постоењето”,  ,,Книга на смеата и заборавот”, како и многу други, се книги- сведоци кои живеат заштитени од злото, во самиот бедем на духовниот отпор и сила. ,,Незнаење” е неговиот неодамна објавен роман, во кој се забележува Кундерината карактеристична книжевна постапка со нешто посериозно елементи во интонацијата. Можеби самото искуство и годините на авторот, го довеле до одредена состојба, од која тешко може да се излезе со насмевка, но, затоа може да наведе на длабоко размислување, што е ,,спорт”, толку неомилен на човештвото. Еден човек и една жена, сосем случајно се сретнуваат, додека се враќаат во своите родни места, кои ги имале напуштено пред дваесет години, движејќи се принудно, по патеката на прогонството. Ќе успеат ли да ги размрсат конците на една чудна приказна за љубовта, штотуку започната и веднаш потоа проголтана од пеколната бара на историјата? После едно толку долго отсуство, од сопствените корени, нивните подоцнежни  сеќавања повеќе не си личат едно на друго. Веруваат дека нивните сеќавања коинцидираат со оние што ги сакале, сакаат дa веруваат дека можат да доживеат истоветни искуство и обајцата, меѓутоа животот им покажува дека се во голема илузија. Од друга страна, се прашуваат што навистина може да направи нивната тажна меморија. Од минатото, не постои сеќавање на ниту една најмала честичка. И тоа никој  не го знае на ниво на свеста. Ова остварување, имено,   има за цел да ја разбуди таквата совест на неговите протагонисти. Но, и на нејзините рецепиенти, на будните во ноќта, што ( ќе) чекорат по нејзините страници. Литературата освестува на чуден начин. Внатрешниот говор на оваа книга ни вели дека живееме тонејќи во еден огромен заборав одбивајќи да дознаеме било што за нас самите и за нашето минато. Само оние, кои како Одисеј, ќе се вратат по дваесет години во сопствената Ирска, закрепнати, ќе можат да ја набљудуваат одблиску божицата на Големото Незнаење. А Кундера, еден од ретко привилегираните, и во исто време, еден од писателите со ретко сетилен и креативен ум, може да ги трансформира врвните теми, како што се: отсуството,  меморијата, заборавот и незнаењето, во романескна варијанта, и да ги оркестрира во рамките на една трогателна полифонија***

Ирена Павлова Де Одорико

Авторката на текстот, објавен 2001 година по повод романот ,,Незнаење” на Милан Кундера,  е наша еминентна писателка и есеистка, поранешен ветеран во македонското новинарство во доменот на културата и дводомен книжевник.

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

More in:Луѓе

Next Article:

0 %