Сексуална азбука

Буква Л

Л-Лелееее, колку лелеци во буквата Л, една од седумте најзвучни сонанти во македонската азбука, буква која лачи со суптилна еротика, особено кога Маја Оџаклиевска ја пее Ли-ду-ду. Неслучајно веднаш до неа е буквата Љ, која ја заокружува Линијата на буквата Л, како што Љубовта го заокружува својот ореол.

Л-Лактација (lac – млеко): лачење млеко од женските гради полни со млечни жлезди. Во тек на бременоста и ден-два по породувањето, градите природни набрекнуваат и се подготвуваат за космички најмоќниот момент – хранење, доење на породот. Хипофизата дава команда и првите денови од мајчините гради се лачи колострум – колосален, густ и исклучително хранлив исцедок, „матичен млеч“ за бебињата богат со белковини и маснотии. После густата лактација млекото се разретчува и одговара на физиолошките потреби на бебето (млекото е најприродната храна и вода за бебињата). Една доилка излачува од 50 до 100 гр. млеко, колку повеќе измолзува толку повеќе ѝ надојдува млеко и обично е полна со млеко првите 6 месеци од раѓањето, а потоа се намалува количината и доењето може да трае една година. Се случува мајката да го дои детето и подолго од една година од одредени причини, а во древните народи и до 5 години, верувајќи дека така нема да забремени, што не е правило бидејќи има жени без менструација со овулација. Ако доилката се придржува до одредени правила за одржување на формата на градите, техника на доење, заштитни градници и редовна нега, ќе го задржи првобитниот облик на градите, згора на тоа своето и здравјето на своето чедо. Л-Лактациона психоза: пуерпеална психоза, психичко растројство кое може да се пројави во тек на доењето како акутна психоза која се манифестира со невротично однесување на доилката, неретко делириум со примеси на шизофренија или депресивни симптоми. Причината може да е поради хемиско или хормонално растројство, преголема исцрпеност, компликации при раѓањето или емоционални конфликти во тек на бременоста. Психотична постпородилна епизода во животот на жената, за жал не е ретка и почесто може да ја доживее токму во тој период, отколку било кога низ животот. Кулминира после раѓањето, но неретко има своја претходна генеза, можна поврзаност со несакана бременост, емоционална незрелост, отфрленост од партнерот, но и ништо слично од наведеното.

Л-лубриканти: подмачкувачи за безболен секс, она кога сè ти оди како подмачкано. Една од најчестите причини за болни односи е сувоста на вагината врз што влијаат менструалните циклуси, вагинизам, инфекции, стрес, умор, медикаменти и секако личната карта (годините). Милион причини, но едно оптимално добро решение, измислица на новото време наместо старите подмачкувачи (маслиновото масло е поефикасно во салата, а вазелинот е „аут“ од употреба) се т.н. лубриканти – прва помош за навлажнување на сувите интимни регии (само устата и вагината имаат природна влажност, пенисот и анусот не).

Постојат повеќе видови лубриканти за различна примена: вагинални, анални, стимулативни и со различен состав: водени, маслени, силиконски, комбинирани или т.н. хибридни лубриканти (најдобриот спој на вода и силикон). Може да се вклопат во сите можни сценарија, невозможни потфати и дополнителни секси играчки. Единствено лубрикант на база на масло не е препорачлив кога во играта учествува кондом – му ја намалуваат еластичноста и може да дојде до пукање. Најважно, прочитајте го навреме упатството за употреба и за состојките (кои може да предизвикаат несакани дејства и алергии), за сè да ви тргне како подмачкано.

Л-Лезбијка: жена хомосексуалка, сексуално ориентирана кон истиот пол. Стара тема колку и цивилизацијата. Терминолошки поврзана со грчкиот остров Лезбос каде живеела поетесата Сапфо, запаметена по нејзината љубов кон поезијата, но и кон жените. Жените и грчките божици ќе ѝ бидат инспирација за поезијата и сексуалниот живот, а за божицата на љубов Афродита, ќе запише дека ја надминала во копнежот кон жените. Многу влијателни жени, кои ја креирале историјата, биле лезбијки.

Елеонора Рузвелт

Ellen DeGeneres

За првата дама на Америка, сопруга на претседателот Рузвелт, Елеонора Рузвелт, малкумина знаеле дека имала романтични врски со жени, покрај нејзините феминистички заложби. Шармантната водителка и автор на најгледаното американско шоу „The Ellen DeGeneres Show“ има освоено многу Еми награди, но и многу жени. Да не одиме со примери од преку океанските земји, кога во соседството премиерката на Србија, Ана Брнабиќ ја обелодени својата партнерска врска со Милица Ѓурѓиќ. Кога сме веќе на тема влијателни жени со хомосексуална ориентација не може да не ја спомнеме и нашата Софија Теодор, жена од седмата уметност, филмски сценарист, режисер и продуцент, контроверзна исто толку колку и добар соговорник: – „Кога станува збор за емоциите и сексуалната ориентација, без разлика каква е, емоцијата е нешто преку кое се изразува внатрешниот свет на една индивидуа која чувствува и живее во склоп на сопствениот порив. Емоцијата е емоција и во хетеросексуална и во хомосексуалната врска, секоја љубов ако е вистинска се базира на чувства, без разлика на сексуалната ориентација. Отсекогаш па и ден-денес хомосексуалната ориентација предизвикува отпор и одбивност кај одредени персони кои љубовта ја гледаат од нивен аспект и ја делат на исправна и неисправна, со што предизвикуваат афективно чувство на атакуваната страна. Афект е атак врз вас, кога ве категоризираат дека сте погрешни поради хомосексуалната природа која ви е вродена, стекната или дадена од Господ. Најполезните одбранбени механизми се интелектуалната работа и креативното изразување, посветеноста кон својата професионална ориентација“ – вели режисерката Софија, која својата професионална ангажираност до сега ја реализирала преку петте филмски остварувања:

– „Мојата сексуална ориентација ја изразувам преку интелектуална работа и креативно изразување. Темата на мојот прв краток игран филм „Чекајќи те“ е љубовта помеѓу 20 годишна девојка и 40 годишна жена, нивните меѓусебни релации кои сразмерно со возраста изгледаат далечни, исто како и нивните сфаќања и погледите кон животот. Сепак, емотивната поврзаност и вистинската љубов ги надминуваат бариерите, генерацискиот јаз и предрасудите. Следуваат филмови со посмела димензија на љубовни врски и разврски, како среднометражниот игран филм со наслов „Јас знам дека таа ме сака“.

Софија Теодор

Заедно го развивме со сценаристката Ева Камчевска, а темата е љубов помеѓу снаа и свекрва, која изгледа перверзно и дегутантно, но таквата љубов е резултат на разочарувањата во сопствените бракови и запоставеноста од брачните партнери“ – објаснува режисерката за своите контроверзни филмови. Во прилог линкови од филмовите „Јас знам дека таа ме сака: https://youtube.com/watch?v=8N7GJhKCdl4&feature=share и филмот „Таа е сето тоа: https://youtube.com/watch?v=KzQQauDSIzE&feature=share со актерската екипа: Снежана Стамеска, Калина Наумовска, Хелена Роза, Викторија Ангушева, Диме Илиев, Борче Нацев, Ердоан Максут и за жал, Гоце Влахов и Бошко Бозаџиски кои прерано го напуштија земниот свет.

доц. д-р Ана Чучкова

Л-Либидо: еден од клучните поими во психоанализата поврзана со сексуалниот нагон, енергија кои многумина мислат дека може да се одржува со кондициски тренинг, да се „билда“ како телесните мускули. За Либидото објаснува доц. д-р Ана Чучкова – МСУ „Г. Р. Державин: -„Во современото општество, либидото претставува концепт со длабоко биолошко, психолошко, социјално и културно значење. Иако во денешно време овој термин главно се користи како синоним за сексуална желба, тој имал многу различни значења и импликации низ историјата.

Либидо e концепт создаден од Сигмунд Фројд преку кој ја означува инстинктивната физиолошка или психичка енергија поврзана со сексуалните нагони, а во неговите подоцнежни списи го поврзува и со секоја конструктивна човечка активност.

Либидото е термин што се користи во психоаналитичката теорија за да се опише енергијата создадена од преживувањето и сексуалните инстинкти. Според Сигмунд Фројд, либидото е дел од Ид-от и е движечка сила на секое однесување. Иако терминот „либидо“ доби отворено сексуално значење во денешниот свет, за Фројд, тој ја претставува целата психичка енергија, а не само сексуалната енергија.

Сигмунд Фројд

Фројд верувал дека Ид-от е единствениот дел од личноста присутна од самото раѓање. Ид-от, според него е резервоар на несвесна, примарна енергија. Ид-от бара задоволство и бара итно задоволување на своите желби. Тоа е идентитетот што служи како извор на нашите желби и импулси.

„На Еросот или животниот инстинкт на либидото му се спротивставува Танатос, односно смртниот инстинкт и изворот на деструктивните пориви; Точно таа интеракцијата на овие два ги создадава сите варијации на човечката активност.“

Карл Јунг од друга страна го употреби терминот во поширока смисла, опфаќајќи ги сите животни процеси кај сите видови. Подоцнежните теории за мотивација го замени либидото со тесно поврзаните термини како што се нагонот и тензијата. Јунг сметал дека вниманието на Фројд е премногу фокусирано кон сексот и неговото влијание врз однесувањето на индивидуата, па затоа одлучил дека она што мотивира и влијае врз однесувањето е всушност психичка енергија или животна сила, од која сексуалноста може да биде само една потенцијална манифестација.

Карл Јунг

Современата употреба на терминот либидо кој произлегува од првичната употреба на истиот од страна на Фројд за примената на сексуалната желба, денес се знае дека Фројд продолжил да ги развива своите идеи и започнал да го гледа либидото од сет на сексуални нагони до севкупни животни инстинкти како што се опфатени инстинктите за преживување и други слични мотивации.

Либидото е многу повеќе од едноставна биолошка желба за секс, тоа исто така вклучува и мноштво психолошки и социјални фактори кои придонесуваат за целосната сексуална активност“.

Кога веќе проф. Чучкова ги спомна поимите Ерос и Танатос објаснувајќи го поимот либидо, а претходно режисерката Теодор контроверзните теми за забранета љубов, во прилог ќе го спомнеме и германскиот нобеловец Томас Ман и неговиот пиколо роман „Смрт во Венеција“ токму за судирот помеѓу Ерос и Танатос, аполонизам и дионизам.

– „Спротивностите, иронијата и пародијата се препознатливи стилски алатки на новиот германски Гете, Томас Ман, со кои уметнички градел силни психолошки ликови во своите дела. Како активен критичар на тогашното време станал морално ангажиран уметник кој преку делата го рехабилитирал деградираниот систем на вредности. Иронично, но токму во кусиот роман „Смртта во Венеција“ обичниот читател вкусува една бизарна, патолошка и забранета емоција, но останува уметнички исполнет поради мајсторски прикажаниот крај на романот, како крај на личната заблуда на главниот лик. Вкусот на естетското и еротското преоѓаат во очајно чувство на крајот на животот, на немоќ, на неуспех и на смрт токму во темпераментната Венеција уморна од епидемијата на смртоносна болест.

Писателот неслучајно ја одбира Венеција каде птиците шетаат, а лавовите летаат, каде мирисот на медитеранот и маслиновите гранки опиваат, додека гондолиерите ги возат туристите низ смрдливите венецијански канали. Токму гондолата за професорот Ашенбах ќе биде симбол на смрт, нејзиното масивно темно кафено дрво во неговата потсвест асоцира на мртовечки сандак. Возењето со неа е пат кон смртта, како Ахерон кога ги пренесувал со својот чун грешните души по реката Херон во Дантеовиот Пекол, така гондолиерот ќе заплови возејќи го патникот кон ментален блуд и смрт.

Ашенбах, жеден за топлината на жешкиот песок крај морето, жеден за слободен живот и опуштеност, ќе почувствува дека треба да им сврти грб на строгите германски правила на однесување и конзервативизмот кои освен углед не му донеле никакво естетско задоволство. Растргнат помеѓу Еросот и Танатосот, помеѓу убавината на Аполон и развратноста на богот на виното, опиен од младото тело на Таџио градено како Аполон на само 14 години, разигран низ морските бранови како Дионис, професорот ќе ги доживее најубавите, но и смртоносните мигови од својот емотивно неисполнет живот.

Ерос

Маѓепсан од новото чувство на срцебиење на своето заспано и уморно срце на старец, опиен од еротските нагони и блудни мисли, ќе ја игнорира заразата која бдее над Венеција како бог на подземјето. Спротивните чувства на човековите нагони, дуализмот на животот и смртта, судирот на можното и невозможното, реалноста и имагинарноста ќе се судрат и ќе ги скратат маките на професорот, кој во име на угледот и репутацијата нема да ѝ дозволи на потсвеста да стане свесно посегнување по забранетото овошје.

Танатос

Го одбира Танатос и свесно останува во својата омилена лулка на плажата од каде скришно, воајерски му се насладува на својот Аполон, четиринаесетогодишното еврејско момче, неговиот почеток и крај, живот и смрт, Ерос и Танатос. Неговата смрт на брегот на заразата ќе биде алегорија на неговиот достоинствен и празен живот, но и на недостоиствена, полна со еротски доживувања, една голема иронија, каква што само Томас Ман може да ја долови со композиција на пет одломки во романот.

Неприродната љубов кон едно божествено, девствено, наивно момче е гозба за староста и минливоста која поминала крај животот без да го вкуси. Завршува со мислата која му го осмислува нискиот морал на главниот лик: „оној кој љуби е побожествен и од љубениот“, но и чувството на читателот дека и покрај бизарноста, романот е химна на љубов“ – Татјана Алексиќ, слободно толкување на делото.

Л-Лесен маж: за крај на буквата Л нешто лесно, како на пример лесен маж?! Навикнати на сексистичкиот термин „лесна“ жена, невообичаено звучи „лесен“ маж, има ли воопшто такво нешто за анализа? Има и тоа во книга, сага за лесните мажи од проф. д-р Јово Тошевски, редовен професор на Медицинскиот факултет во Крагуевац. Лесните мажи имаат потреба да бидат опасни за спротивниот пол и никогаш не се откажуваат од тоа, упорни како африканска црна мамба го демнат пленот … Но, жената не би била жена без својата природна дарба (наследена од Ева) да ги неутрализира и регулира повеќето машки активности во своја корист. Српскиот научник на едноставен начин ги објаснува машко-женските интеракции и зошто мажите се полесни од покомплицираниот и тежок женски карактер. Со лесно читањето и толкувањето.

 

Можеби ќе ви се допадне

Сексуална азбука

Буква А

Ааах тој секс… Неверојатно колку многу се користи буквата А при сексуални односи, или повозвишено ...
Сексуална азбука

Буква Г

Грррр … Громогласна, Грлата, Грешна, Голем, Галантен, Геј, Големина – некому фрустрација, некому сатисфакција. Буква ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %