Буква К
Буква К Кх, кх, колкав е! Колку е голем, долг и широк… списокот на поими што започнуваат на буквата К, а се во врска со сексот?! Коинциденција е што на буквата К започнуваат: најстариот сексуален прирачник на свет и литер.класик, напишан во 4 или 5 век н. е. од Ватсајана, Кама сутра; името на светски признаениот американски сексолог Кинси, во чија чест е наречен Кинсиев Институт и секако, светото место на секоја жена, клиторисот.
Плодна буква, без оглед што со неа започнуваат и контрацептивните средства за спречување плодност. Почнуваме со малиот орган на големи задоволства. Клиторис: (kleio – заклучувам, забравувам) „дражестан“ што би рекле соседите, надразнувачки орган, мал како зрнце грашок, но со голем ефект. Чувството дека сте „принцеза на зрно грашок“ е загарантирано со или без принц. Стимулативна точка на врвот од вулвата која набабрува без волшебно стапче – доволни се вешти прсти. Ако го пронајдете, научете се да го почитувате! Според својот ембриолошки развој клиторисот е аналоген на пенисот. Неслучајно, ама пакосно, го нарекуваат „недоразвиен пенис“, само од завист, зашто е способен со малку да добие многу.
Впрочем, мажите може да им позавидат на таквиот женски пиколо „пенис“ кој не се упикува, туку достоинствено чека дразби. Ги има истите делови како машкиот полов орган само што се скриени внатре под препонската коска. Жените не се перчат со големината на органот за оргазам, доволен им е допир на видливиот, испакнат дел долг околу десет центиметри, кој набабрува, се стврднува, расте и кулминира. Главата на клиторисот е покриена со кожен набор, препуциј – местото за оргазмичко препукување на две тела споени в-о едно. Сунѓерестата, мека градба на клиторисот набабрува од надојдената крв, исто како и возбуден пенис, и поради силно изразените нервни завршетоци има хиперсезибилни одговори на надворешни дразби. Клиторисот е најискористената ерогена зона на жените, било при мастурбација или при партнерски сексуален однос. Индивидуалните анатомски разлики се причини да не се потпираме само на теорија, туку и на праксата, која практично потврдува како треба и колку треба за да се постигне целта, која Макијавелистички ги оправдува сите расположливи средства.
К-Клиторален оргазам: за оргазмичките доживувања ќе пишуваме на буквата О.
Тоа се индивидуални и автентични доживувања секому различни, но ред е да ја испочитуваме буквата К со драматичниот, вонземниот клиторален оргазам кој ја одлепува и лансира жената кон вселената. Вагиналниот оргазам е благопријатно умерен, потивок но и многу поредок од клиторалниот оргазам.
К-Кастрационен комплекс: психоаналитички поим кој подразбира несвесен страв од кастрација поради чувство на вина поврзана со сексуалноста. Најчесто се јавува како продолжение на Едиповиот комплекс: кога синот поради сексуалната заинтересираност кон мајката го доживува таткото како конкуренција, поради што станува агресивен кон него, и развива чувство на вина и страв дека ќе биде казнет со одземање, повредување (кастрирање) на половиот орган (причинителот за сексуалниот нагон кон мајката). Во кастрациониот комплекс психоаналитичарите често гледаат причини за невроза, немоќ и слабост да се доживее здрав сексуален партнерски однос.
Но, индивидуалните психологии и други медицинско-психолошки школи имаат поинакви гледишта и пристапи за толкување на сексуалните дисфункции кај мажите, кои може да бидат од различно потекло и причинители: комплекс на слабо развиен или мал пенис, убедување за штетноста од мастурбација, недоверба во својот изглед, комплекс на пониска вредност поради погрешно воспитување, авторитарно однесување на родителите, казни, злоупотребувањa, погрдни зборови, непријатно сексуално искуство и низа други причинители. Кај женските деца можна е аналогија на кастрациониот комплекс во вид на завист „зошто го немаат она што го имаат момчињата“ што подоцна може да се манифестира во пасивен отпор кон мажите со агресивност и фригидност. Има вистина дека жените понекогаш се чувствуваат инфериорни спрема мажите, но не поради немање пенис, туку поради начинот на кој биле воспитувани, особено во патријархалните средини на подреденост кон мажот и пасивност кон сексуалниот живот. Но, за волја на уште поголема и потврдена вистина, веќе спомната во анализата на поимот клиторис, мажите треба потајно да им љубоморат на жените на таквиот совршен оргазмички орган.
К-Кегелови вежби: вагинален кондициски тренинг, патентиран од д-р Арнолд Кегел уште во педесетите години на минатиот век (претходница на Сексуалната револуција). Тоа се вежби за зајакнување на вагиналните мускули кои се грчат при оргазам. Некои жени имаат природно (наследно) голема вагина, која уште повеќе се зголемува и проширува по раѓањето. Чувството на „тесна вагина“ е пријатна за сексуалните партнери, па ете се сетил тренерот, д-р Кегел да измисли вежба за „домашна работа“ која ќе ја прегледа и оцени вашиот партнер. Првин треба да го откриете пубококсигеалниот мускул, со ставање прст во вагина и стегање на мускулите (истиот мускул го стегате за да додржите урина до најблискиот тоалет). Ако е опуштен и лабав ќе може да го тренирате и вратите во форма со следните вежби: стегнете и опуштете го мускулот 25 пати, два пати дневно (ако немате време за ваква вежба, можете дур стоите и чекате автобус, миете заби, сечкате краставички, месите леб или читате книга…).
Упорно и секојдневно вежбајте, зголемувајќи го бројот од 25 на 50 пати два пати дневно, комбинирајте со задржување контракција додека изброите до пет, сè до вашето успешно зацврстување на вагиналниот мускул, а попатно и на задникот, кој автоматски учествува при вакви вежби. Да живее Кегел! К-Кунилингус (lat.cunnilingus = cunus – женски полов орган + lingus – јазик): надразнување на надворешниот женски полов орган со јазик и уста т.н. орален секс, подеднакво застапен и кај хетеро и кај хомосексуалните парови. Кунилингус е исто што и фелацио, елегантен назив за пенис во близина на уста, само што во случај на кунилингус вагината е предмет на оралното задоволство. Сексуална игра која оди со биолошкото наследство на човекот, бидејќи е застапена и кај животните, но кај нив е инстиктивно душкање пред парење. Кај човечкиот вид е физиолошка потреба, сексуална игра, мечтовитост и не се смета за перверзија или сексуална настраност, сè додека е зад заклучена врата на обострано задоволство. Конкретно и експлицитно може да прочитате на стр. 70 од сексуалниот прирачник на Трејси Кокс.
К-Култ кон фалусот: древни верски обреди за величање и почит кон машката плодност. Со патријархалните односи се јавува потребата за јавно изразување машка супериорност, религиозен, обреден восхит кон фалусот, особено присутен во Стара Грција и Рим.

Во тој период се наоѓале по храмовите и живеалиштата симболи во вид на скулптури, амајлии, предмети и накити во облик на фалус.
Надвор од Европа таквиот култ бил проширен во Индија (лингам-култ) и Јапонија, а во некои Африкански племиња и ден-денес. Христијанството и покрај строгата идеологија во поглед на сексуалната слобода, не успевала да го искорени таквиот култ, а згора на тоа имало случаи неплодните жени да бараат помош токму од светците (може да замислите каква помош добивале од искоренувачите на култот кон фалусот).
К-Куртизана (franc.courtisane – куртизанство, удворување): слободна жена, дворска дама, милосница на дворјаните од време на ренесансата.
Дворските куртизани биле негувани жени, љубовници на мажите од високите сталежи, се врзувале за угледни и богати мажи кои ги финансирале, а биле верни сè додека се грижеле за нив. Често биле инспиративни ликови во литературните дела како Нана на Емил Зола, Лаура на Марин Држиќ, но и историски личности како Мадам Помпадур, маркиза без педигре која ќе го освои кралот Луј XV, но и многу други високи дворјани, со својата кокетност но и ореол на скандалозност. Куртизанството било регулирано како институција, професија, вид на прет а порт проституција на високите слоеви. Секоја сличност со денешните спонзоруши е случајна.
К-Конкубинат: вонбрачно заедништво без општествено санкционирање, народски познат како брак на диво или илегална брачна врска. Во патријархалното уредување конкубинатот бил легитимно право, концесија за полигамија на мажот, покрај моногамијата на жената.
Законски, мажот не можел да има повеќе брачни заедници и „Соломонското“ решението го нашол во конкубинатот, паралелна сексуална врска со друга (или повеќе) жени, со кои можел да има вонбрачни деца, но и да живее и да се грижи за секоја од нив. Технички и физички многу тешко, ама ете што се сака не е невозможно. Сепак, конкубините ги немале истите законски права и привилегии како венчаните жени, затоа и се викале „прилежници“. „Конкубина е жена со посебни моќи и способности, не се врзува во брачна заедница но има семејство. Ја остварува способноста да биде жена во секој поглед, задоволувајќи ги апетитите на невенчаниот маж, а тој како нејзин господар, умешно ги вкусува сите сладострастија од нејзините волшепство во кревет, во кујна, како и во секојдневниот социјален и културен соживот со невенчаниот сопруг.

проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова
Конкубината, често низ историјата, била етикетирани како вешта љубовница која умеела да заведува внимателно слушајќи ги проблемите на оној кој бил крај неа. Својот човек го удоволувале со вешти раце, развиени дарби и способности, со цел господарот на нивното тело и душа да биде задоволен“ – објаснува проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова.
К-Казанова: синоним за маж заводник и срцекршач, инвалид за љубов кој не може да се врзе и да остане во трајна врска со една жена. Терминот е од истоимена историска личност, Џакомо Казанова, образуван, сестран но и контроверзен италијански државјанин, авантурист и свештеник, музичар и војник, дипломат и шпијун, секогаш во друштво на убави жени, на кои никогаш не им го подарувал срцето. Казанова е синоним за егоист и нарцис, неспособен да се врзе и засака.
К-Кантариде: вид шпански мушички обработени во љубовни напитоци. Осушени и сомелени во прашок се користеле како волшебен афродизијак. Почесто сме слушале за шпанска грозница и грип, но ете, во земјата на гитари и сангрија, тореадори и кастањети, се протнал митот или вистината за љубовните муви.
Не е докажано, но спомнати се уште од времето на Хипократ, основачот на медицината, како хиперемизирачко средство кое ги проширува крвните садови и поттикнува циркулација таму каде ќе се стави прашокот, (прототип на вијагра). Сепак, не бил толку софистициран, покрај честата потреба за секс, предизвикувал болни ерекции, но и оштетување на бубрезите.
К-Кокетерија (franc. Coguet – допадливост, оној кој сака да се допадне): однесување, било за мажи или жени, со кое се предизвикува допадливост. Женската кокетерија е аналогна на машкото заведување, машки и женски кокетки опишани во комедиите на Молиер. Ако е природна кокетноста, предиспонирана и спонтана, тешко се затскрива, но тогаш е шармантна и секси.
Се препознава во грациозноста на движењето, гестикулации и гестови, убаво зборување, облекување, стил на однесување… Таквото умерено и достоинствено однесување не може да не е допадливо. Но ако е болна кокетерија, со нахално извештачена потреба за допадливост, заведување секого и секогаш само заради себепотврдување, тогаш е невротичност, ниту шармантна, ниту секси. Таквите кокетки имаат болна потреба за заведување и отфрлање, не знаат да сакаат никого освен себеси. Нивни карактерни црти се хировитост, болна амбициозност, и потреба за љубоморни сплетки. Затоа, болната женска кокетерија е аналогна на машкото донжуанство, неспособност за сакање. Оттука и терминот „кокота“-жена со наметливо однесување, лесен морал и промискуитетна природа.
К-Крипторхизам (grch.kryptos. + orhis =скриени тестиси): неспуштен тестис, аномалија при развој на машките полови жлезди кои остануваат во својата првобитна положба во стомачната шуплина каде атрофираат, што е причина за стерилност. Ако едната жлезда се спушти и зазеде нормалната положба на тестис, ќе биде доволно за оплодување без хируршка интервенција.
К-Копрофилија (grch.kopros + philia = кал + склоност): аномалија при сексуален однос, склоност за сексуално задоволство (возбуда) при контакт со изметот на партнерот со кој има сексуални односи, исклучиво поврзана со машкиот пол. Мажот ужива и гледа како партнерката врши нужда (копрофилен воајеризам) и доживува задоволство при мирисање на измет или урина (копрофагија), но и при нивно ставање во уста (мазохизам).
К-Копролалија (grch.kopros + lalein = кал + дрдорење, зборување): склоност за честа употреба на бесрамни и груби термини поврзани со сексот, навредувачки за партнерот, застапена кај двата пола. Немоќ да се доживее возбуда без навредување на партнерот при сексуален однос (вербален садизам).
Копролалија е присутна и кога не станува збор за сексуален однос, некои луѓе имаат потреба јавно да навредуваат други луѓе со бесрамни, вулгарни сексуални термини. Секако, нема поврзаност со опценост, честа употреба на пцости при комуникација, која на овие балкански простори, особено кај Србите, е со исклучително богат репертоар, тежок и за превод и за објаснување, како некој некому би и отац и син и пас и матер, а Бога ми и Бога (пцуење по Бога кај Србите и Грците).
К-Кувада (franc. couvade – лежење): ритуален обичај кај некои народи, мажот после породувањето на својата жена да легне во постела како родилка и така да се однесува. Древен обичај, запишан од римските историчари, забележан кај Келтските народи.
Познатиот светски патник Марко Поло го забележал и кај Кинезите, но постои и ден-денес кај некои жители на Пиринеите, Сардинија, индијански племиња и во некои краеви на Африка. Нејасен, збунувачки обичај на маж кој имитира мајка родилка за да сочувствува или да учествува во татковството солидаризирајќи се со постпородилните маки на сопругата… Денешниве мажи, за среќа не сите и не е обичај, цел живот се однесуваат како родилки, лежат во кревет и офкаат.
К-Кнаус-Огинова теорија: теоретска поставка за плодни и неплодни денови во текот на менструалниот циклус на жената, поставена од Австриецот Кнаус и Јапонецот Огино во 1930 година. Теоријата се базира на тврдење дека: овулацијата е 14 ден пред менструација, 4 дена пред и потоа жената може да забремени, додека останатите се неплодни денови. Но, оваа теорија важи само за жени со редовен циклус, па дури и кај нив може да дојде до отстапувања.
Поголемиот број жени имаат нередовен циклус, изоставање на мензис со овулација, покус или продолжен период на циклусот и не секогаш може да потпрат на 14 ден. Мерење базална температура (во кревет пред станување) укажува на овулација, кога температурата паѓа за да се покачи наредниот ден сè до следниот мензис. Така жените се штителе без контрацептивни средства, преку природна заштита со препознавање на природата на својот витален циклус.
К-Кондом (kondus-чувар), куртон или презерватив, навлака која се става врз пенисот за да се спречи ејакулурање на сперматозоиди, но и на бактерии и вируси (двојна заштита на жената од несакана бременост и несакани зарази). Од сите можни прототипи на кондоми низ историјата и дефанзивни обиди да се спречат сперматозоидите во нивниот јуриш кон јајцеклетката (крпи, платна, црева од животинско потекло, гуми, пластични капи и сл.), конечно најсофистицираниот изглед и материјал од кој е направено неговото височество Кондом, е исклучително тенка, но доволно цврста и еластична обвивка направена од латекс (гума) со џепче на врвот за да ги собере исфрлените сперматозоиди.
За можното пукање на кондомот не треба да ги обвинувате производителите или кармата, туку вашето невешто навлекување врз пенисот, оставање воздушен простор кој поради триење се загрева и прави воздушен џеб кој може да пукне. За среќно користење кондом не се потпирајте на чиста среќа туку на чиста предистрожност – користете водени подмачкувачи кои спречуваат пукање. Има преку 60 видови на кондоми низ светот, од различни брендови, во различни облици и бои, со разни вкусови, мириси и слични креативни варијанти на една иста цел – спречување бременост и можни зарази при внес на вируси и бактерии. Со ХИВ вирусот се зголеми употребата на кондомите во светот, а намали употребата на контрацептивни апчиња.
Упатство за успешно ставање кондом со 10 заповеди: 1. Внимателно отворајте го пакетчето со кондом, не со заби за да не го оштетите пред да го искористите. 2. Почекајте ја ерекцијата па ставете го кондомот пред да ја допрете вагината … Останатите 7 ставки прочитајте ги во книгата Жежок секс на стр. 171, (малку истражувачко пренасочување;) А за женскиот кондом, т.н. фемидон ќе читате на буквата Ф.
К-Контрацепција: со должна почит кон сексот, кој неретко може да биде трауматичен и опасен, измислена е контрацепција – апчиња за контра забременување, многу побезбедни од прекин на несакана бременост. Совршена контрацепција за незабременување, стопроцентно ефикасна и без познати последици, за жал сè уште не е измислена! Но затоа постои соодветна и адекватна за вашите потреби и организам. Сè што ви треба е соодветен гинеколог кој адекватно ќе ве упати како да имате здрав сексуален живот. Еве неколку примери за можни видови на контрацепции: 1. Симтототермален метод е за натурални карактери, тоа се оние кои пијат зелен чај со куркума и рециклираат отпадок. Шега на страна, ова е старата но не секогаш сигурна метода за заштита, за која пишувавме погоре под поимот Кнаус-Огинива теорија за овулација. Мерење базална температура, уредно водење менструален календар, читање на телесни сигнали, боја и мирис на секретот, би биле најприродните методи за препознавање плодни денови. Бесплатна и здрава, природна контрацепција, ако партнерот ви ги почитува правилата. Неколку информации кои би требало да ги знаете: Пред овулација исцедокот е проsирен и белузлав, после овулација густ, леплив и растеглив како мастика. Најдобро време за проверување на секретот е пред спиење.

Температурата за време на овулација се зголемува, што значи три дена по зголемувањето на темп. се вашите плодни денови. Инаку базална температура се мери наутро, или во уста или во вагина. Ваквиот начин на природна заштита бара многу трпение, но и напор. Згора на тоа разни зарази ја нарушуваат вагиналната флора и телесната температура, па не секогаш сте сигурни. Ако сте во сериозна и долга врска, ваквата „контрацепција“ е најдобра, зашто ако згрешите и забремените ќе ја родите вашата прва и најубава „грешка“. 2. Метод на прекинат однос: машка контрацепција или вештина на „селфконтрол“ – кога е најслатко треба да прекинеш, да го извадиш пенисот од вагина. Но, течноста пред ејакулирање содржи одреден процент сперматозоиди, па ни тоа не е стопроцентна гаранција за несакана бременост. За сите останати контрацепции во вид на апчиња треба да се консултирате со вашиот гинеколог и никогаш да не ги пиете на своја рака или затоа што ги пие вашата другарка. Секој организам е приказна за себе.
К-Климакс: за крај на буквата „К“ пишуваме за менопауза кај жените (андропауза кај мажите), крајот на репродуктивниот живот на секоја жена, кога го губи менструалниот циклус. Престанокот на мензисот и овулацијата е последица на промената на жлездата со внатрешно лачење помеѓу 45 и 55 години, кога хипофизата престанува да ги активира јајчниците да работат (се смалува секреција на половите хормони и работата на надбубрежните жлезди).

Поради тоа менструалниот циклус станува нередовен и на крај целосно изостанува. Последица се промени во функциите на крвните садови, нервниот систем и други субјективни промени како висок притисок, несоница, раздразливост, главоболка, остеопороза, намалување мускулна маса, а зголемување мрсни наслаги и сл. Кај некои жени може да се манифестираат психички промени, депресии, хистерии, криза на идентитетот па да почнат со недолично однесување нескладно со годините. Нив ќе им треба емотивна поддршка од најблиските за да ја сфатат објективно природата на зрелото доба, кое има свои приоритети и убави страни. Желбата за сексуално задоволство може да се намали, но не и да исчезне како менструацијата – не заборавајте дека најбитниот сексуален орган е мозокот.
Андропаузата мажите не ја признаваат, од едноставна причина што не губат менструација.
Но губат нерви, цврст сон, коса, мускулна маса, а добиваат килограми, висок притисок, проширена простата и главоболки поради сето тоа. Во врска со недоличното однесување на мажите во зрелото доба, потребата да се сменат во физичка смисла, впуштање во сексуални искуства со многу помлади жени, бонвиванско однесување и кога не е прилика, оставаме интерпункциски знак три точки…


















