Сексуална азбука

Буква А

Ааах тој секс… Неверојатно колку многу се користи буквата А при сексуални односи, или повозвишено кажано водење љубов! Се испуштаат гласовите: Аааа, Ааааах, Аууууу, Ајјјј, зборовите: Ако, Алал, Аман, Амин, Аморе,  Ај после, Ај не ме,  Ај пак… Тоа се спонтани  восклици, автентични за секоја индивидуа. Впрочем, колку што е и  сексуалноста индивидуална, како отпечаток од прст – некој е гласовит, а некој молчелив како во нем филм. Но, на овие страници од рубриката Сексуална азбука нема да читате за гласовниот систем, туку за  поимите од област на сексуалноста кои почнуваат на буквите од азбуката според вообичаениот редослед, од громогласната самогласка А до безвучната согласка Ш.

А- АНОРГАЗМИЈА

Триесет секунди, за кои толку многу се трудиме и само ако ги доживееме,  трудот е исплатлив. Станува збор за неговото височество оргазам! Но, кога човекот е немоќен да го доживее врвот на задоволство при сексуален партнерски однос , тогаш  станува збор за  аноргазмија. За аноргазмија и асексуалност објаснува д-р сци Славица Арсова. Психијатар-психотерапевт

„Аноргазмија е сексуална дисфункција, неможност за доживување врв на сексулно задоволство или оргазам. Сексуалниот контакт има повеќе фази, а последната е оргазмот или чувство на задоволство по напнатоста. Оваа сексуална дисфункција е присутна  кај обата пола,  кај жените е почеста отколку кај мажите и тие ретко бараат помош сметајќи  дека сексуалниот контакт е битен за да се задоволи партнерот или да се оствари родителската  улога, додека мажите  бараат помош за било какво сексуално нефункционирање. Оргазмот е важен за функционален партнерски однос, тој е извор на радост и задоволство, во текот на оргазмот се случуваат биолошки и хормонални промени здрави за човечкиот организам, го подобрува кардиоваскуларниот систем,  кожата добива сјај, се подобрува тонусот на целото тело, а организмот доживува емоционално ослободување кое не прави опуштени и смирени. Аноргазмијата го оневозможува тоа задоволство и неговите позитвни ефекти па затоа треба правилно и стручно да се третира“

Прикривање на аноргазмија – глумење оргазам

„Возможно е само кај жените, тие  се во можност  да глумат оргазам за разлика од мажите кои немаат начин да ѝ наредат на спермата да излезе надвор. Глумењето е најчесто за  задоволство на партнерот, да не се  фрустрира како е неспособен да ја задоволи партнерката. Но таквиот актерски потфат нема да ги направи жените комплетно среќни. Не се глуми лудило за туѓо задоволство. Врв на сексуално задоволство  е комплетна  интимизација на партнерите, искрено влегување во заедничко сексуално искуство, а глумењето оргазам за да се скрие аноргазмијата е погрешен избор, после кој останува чувство на недовршеност. Цело е кога е обострано.

А- АСЕКСУАЛНОСТ

„Не е дефинирано како сексуална дисфункција туку како поим. Асексуалност е немоќ за доживување сексуална возбуда. Присутна е кај обата  пола, таа е  во структурата на сексуално неопределена личност која може да  заведува без да  се доживува како сексуално оформена личност. Асексуалноста е сексуална незрелост, експериментирање со сексуалноста, игра која носи чувство на привлекување но без емоционална и сексуална зрелост која би довела до крајно задоволство“

Дали е возможно во новиот милениум се уште да се користат стари техники за спречување бременост? Уште во древниот Египет жените ставале издлабена половина од кора на калинка како дијафрагма, а сега се користи  кока-кола како спермокилер! Наместо први во наталитетот ние сме први во адолесцентен абортус!  За абортусот д-р ТатјАна Гуржанова, гинеколог- акушер.

A-АБОРТУС

„Во денешното општество размислувањата околу абортусот одат  во две крајности,  или е анатемисан или се користи како средство за контрацепција. Абортусот е медицинска интервенција  и дел од  планирање семејство, не само заради  бројот на децата туку и за правење растојание од едно до друго дете. Ако се изведе безбедно во медицински сертифицирана установа и медицински персонал, абортусот е правилен избор кога станува збор за специфични услови, спречување на можни аномалии и ризици заради безбедност на мајката и плодот. Кај нас, за жал, се  уште се користи како контрацептивна  метода заради  несакана бременоста, а треба како  медицинска метода која помага при планирање семејство или каде постојат  медицински контраиндикации за  здравејето на мајката или плодот. Доколку се води во сертифицирана установа и доктор абортусот е безбедна интервенција. По абортусот на пациентките им се дава медикаментска  терапија  за да се одбегнат негативни последици  и онеспособување на  способноста за раѓање. Кога абортусот би се забранил,  може да се развие туристички абортус ( заминување во туѓи земји каде е легален) и  криминоген абортус во недозволени услови кога  може да е фатален. Абортусот може да биде  поедноставен со вакум техника и медикаментен абортус со конзумирање апче  кое го исфрла плодот без трауми и анестезија ( кај нас се уште е нелегализиран). Секако дека е подобро да се спречи отколку да се абортита и затоа не смееме  да дозволиме да сме меѓу првите по абортуси  кога постои двојна заштита и со кондом и со контрацепција“.

Бабици како вештерки…Бабици како вештерки…

Жените во  минатото измислувале бариерни средства за да ја спречат бременоста со примитивни методи,  како памук натопен со ракија или кора од калинка, слично со денешните „техники“ на  уништување сперматозоиди  со кока-кола, што е многу поштетно за здравјето на жената отколку за сперматозоидите.  Во средниот век најголемите познавачи на процесот на забременувањето и спонтаниот абортус преку моќта на тревките ( шафран и кинин) биле бабиците. Поради нивната вештина  инквизицијата ги прогласувала за вештерки и ги гореле на клада.

А-АБОРТИВИ

Во минатото се користеле хемиски средства за предизвикување спонтан абортус како алкалоиди, отровни метали, металоиди, хиперманган, фосфор кои се конзумирале преку уста со голем ризик за штетни последици, а не ретко со кобен исход.

Постабортивна депресија…

„Постабортивна депресија е можна кај некои жени, кои по абортусот чувствуваат   страшна грижа на совест сметајќи го абортусот за убиство на плодот. Со нив се работи подолг период во соработка со психотерапевти за да ја надминат траумата“.

На абортус во двојка…

„Во последно време младите двојки, било во брак или не, секогаш доаѓаат заедно на интервенцијата, што е полезно за жената која треба да почуствува дека не е сама во своето решение за прекид на бременост“.

А точка – мит или опипливост?

„Исто како Г-точка постои и А –точка кај жените и подразбира проширено поле на инервација ( широка мрежа на нервни завршетоци) на клиторисот, каде  со стимулација  предниот  дел на интроитусот ( надворешни делови на вагината, вулвата, клиторисот и уретрата) и доаѓа до стимул на т.н. А точка и можен оргазам. Секако дека е во прашање  индивидуалност, не секој може да има среќа да ја пронајде. При обдукција на женски труп А – точката не се наоѓа како опипливо место, што укажува на фактот дека постои само кога организмот е витален и стимулиран“.

Анализирајте го малку подлабоко аналниот секс, не е само болката има и нешто повознемирувачко и за размислување…  Од М-р д-р Маја Софрониевска Главинов, уролог  дознаваме за :

А- АБСТИНЕНЦИЈА

„Отсуство (непрактикување) на сексуална активност. Ова значи дека индивидуата има нормални сексуални нагони и желби, но свесно ги потиснува или одложува. Секој поединец има различна перцепција на зборот „абстиненција“ и може различно да го квалификува, што зависи од навиките, потребите, околината и др“.

А-АНАЛЕН СЕКС

„Кога сексуалниот акт се однесува на инсерција на пенисот во аналниот отвор т.е излезниот отвор на дебелото црево станува збор за анален секс. Дебелото црево (ректум) содржи огромен број бактерии (неколку милиони) заради што првата компликација се инфекции настанати после аналниот секс. Втората компликација е физичка повреда и/или оштетување на аналниот сфинктер (волев мускул кој го регулира празнењето на дебелото црево), кој е многу осетлив и лесно може да дојде до негово раскинување. Како последица на ова оштетување може да се јави фисура (расцеп) на анусот со крвавење,кое понатаму може да се комплицира со навлегување на бактерии и ширење на инфекцијата предизвикана од постоечките бактерии во дебелото црево. Од овие причини исклучително е важно при практикување на анален секс да биде прочистен крајниот дел на дебелото црево (анална клизма), да се користи лубрикант и истиот да биде со користење на заштита (кондом). Во спротивно можноста за пренесување на сексуално преносливи заболувања е поголема отколку кај конвенционалниот сексуален однос“.

А-АНАЛИНГУС

„Сексуално однесување при кое индивидуата со својата уста и/или јазик го стимулира анусот на партнерот. Исто така е познато како анално-орален секс и се практикува од индивидуи со сите сексуални ориентации. Ова однесување обично претходи на аналниот секс или го практикуваат индивидуи кои не сакаат пенетрација на пенисот во анусот, туку се задоволуваат со лижење на неговата околина. Анусот е богато населен со бактерии, паразити и вируси и како последица при овој однос се пренесуваат многу бактериски, вирусни и паразитарни инфекции“.

А-АСПЕРМИЈА

Комплетно отсуство на семена течност (сперма) при ејакулацијата. Една од причините е ретроградна ејакулација, состојба кога спермата наместо да се исфрли напред низ мочниот канал, се враќа назад кон мочниот меур заради недоволно затворање на вратот на мочниот меур при различни состојби. Втората причина за аспермија може да биде обструкција (затнување) на изводниот ејакулаторен канал, најчесто настанато заради воспаление. Третата причина е андроген дефициенција т.е недостаток на машки полови хормони. Ова резултира со отсуство на пубертет кај индивидуата, заради што жлездите кои треба да ја продуцираат спермата остануваат мали и неактивни. Аспермијата е причина за неплодност кај мажите и треба соодветно да се третира откако ќе се открие причината“.

А-АСТЕНОЗООСПЕРМИЈА

„Медицински термин за намалена подвижност на сперматозоидите. Комплетна астенозооспермија значи дека 100% од сперматозоидите се неповижни и ова е состојба која се среќава кај 1 од 5000 мажи. Причината може да биде воспаление на обата епидидими(жлезди кои го обвиткуват тестисот), проширени венски тестикуларни сплетови,генетски и морфолошки аномалии итн. Оваа состојба може да биде причина за машки стерилитет заради што треба навремено да се дијагностицира и соодветно да се третира. Сепак постојат шанси за оплодување со користење на интрацитоплазматична спермална инјекција кои варираат од 0-100%“.

А-АЗООСПЕРМИА

„Медицинска состојба кај мажите кои имаат сперма но таа не содржи сперматозоиди, полови клетки кои се потребни за оплодување на јајце-клетката. Причините може да бидат хормонален дизбаланс, тестикуларни генетски нарушувања или посттестикуларни нарушуваеа заради затнување на одводните спермални каналчиња.  Се јавува кај 1% од вкупната машка популација и може да биде причина за инфертилитет кај 20% од мажите со дијагностициран инфертилитет.Лекувањето зависи од причината,која се утврдува со хормонални анализи и биопсија на тестисите“.

А-АНОРХИЈА

Отсуство на тестис кое може да биде вистинско и лажно. Првото е нашурување во развојот на тестисот при што индивидуата има  XY кариотип што означува машки пол, но со отсуство на тестиси. Доколку тестисите на се разВијат во првите 8 недели од ембрионалниот живот, кај ембрионот се развиваат женски полови органи иако генетските карактеристики на ембрионот се машки. Доколку пак тестисите почнат да се развиваат, но нивниот развој запре во 10тата ембрионална недела, новороденото бебе ќе има подеднакво и машки и женски гениталии. Доколки тестисите запрат да се развиваат во 14тата гестациска недела, бебето ќе има делумно машки гениталии со изразен недостиг на видливите надворешни  гениталии. Во случај кога бебето ќе се роди недоносено во 8миот лунарен месец, може да биде со лажна анорхија која се должи на неспуштен (скриен тестис) кој не се спуштил во скроталното ќесе,туку се задржал долж патеката на спуштање. Лажната анорхија за разлика од вистинската може да се лекува со оперативно спуштање на тестисите во скротумот, најдобро до 2рата година од животот“.

За автентична средба на двајца , проф. д-р Викторија Вујовиќ, психијатар – психотерапевт.

„Автентичните средби почнуваат на невообичаени места, таму некаде во детството, училишниот двор, низ младоста со насмевки, драгоцени допири, шепотење на големи тајни. Самите не сме свесни дека ни се случува чудна привлечност, брборливоста не секнува и ни останува како скриено богатство мал интимен речник, споменар од гестови, мимики, и  ,,пеперутки” како пријатна нетрпеливост пред секоја автентична средба. Преголемата вљубеност при автентичните средби не дозволува да  ја согледаш љубовта. Исто како со пијанството, опиените не знаат колку се пијани и само автентичниот партнер може да ти ја каже вистината. Многу е важен и кодот на довербата, не се обидувајте да изневерувате при автентични средби. Адолесцентните се љубопитни и ни порачуваат на нас возрасните, да не им ги забрануваме информациите до кои ќе дојдат скришно глумејќи дека ништо не знаат. Треба да им дозволиме да ја спознаат љубовта преку автентична средба без чувство на вина , но со извесна доза на срамежлива вљубеност и возбудата на првиот бакнеж. Кога ќе се сретнат двајца тогаш се присутни шестмина, секој од двајцата онака како се гледаат себе си; секој од двајцата онака како го гледа другиот и секој од двајцата онакви какви што се навистина ( Вилијам Џејмс, психолог).Математичарот Џон Неш вели дека само во таинствените равенки на љубовта може да се најдат причините за постоење. Нашата потрага по љубов и пријателство е бесконечна како космосот и најамбициозните љубовници низ автентични средби ќе спознаат само еден мал нејзин дел.

А- АБОЛИЦИОНИЗАМ

Аболиционизам е укинување на реглементирана проституција и  ослободување на жените од јавните куќи. Иницијатор била Жозефина Батлер која 1875 година  го основа Меѓународното аболиционистичко движење со најголем одзив и поддршка кај докторите и борците  за феминистичките права на жените.

„Во рамките на социјалната  патологија, каде припаѓа проституцијата, лично  сум против легализација  на оваа патолошка појава, затоа што не е искоренета таму каде е легализирана, напротив, и немо да се смета за  занает затоа што нема општествено корисен производ. Жената не е објект,  врз жената  не треба да  се изживуваат, сексот и љубовта не се за продавање затоа што се битни вредности за здрав и среќен живот, а тоа не се плаќа. Простутуцијата, за жал,  се повеќе цути токму заради едно деградирано, болно, садомазохистичко  општеството кое колективно трпи и предизвикува болка, општество на искривени вредности во кое  приоритет е  материјалното пред духовното. Едно здраво и нормално суштество треба да разликува сексуална убавина од сексуално уживање и иживување, и да не дозволи матријалната криза да го турне во морална криза“. Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

А- АЛГОЛАГНИЈА

Доживување сексуално задоволство преку болка algos (болка)+ lagnela (телесно уживање) кое може да биде активно нанесување болка на другиот (садизам) и пасивно  себеповредување (мазохизам).

„Во контекст  на садомазихистичкиот општествен дискурс, од  социолошки аспект ние сме општество кое го практицира тој дискурс, особено преку наметнатио стил на живеење кои подразбира развој на индивидуализација, егоцентризам и  егоизам кои содејствуваат со садомазохизмот, за разлика од алтруизмот  и космополитизмот. Кога човекот се тава себе си во центар на внимание и никој друг не му е битен тој не развива чувство на емпатија туку садистички стил близок до макијавелистичкиот стил, кој ги оправдува средствата за да стаса до целта. Садистот е способен да ги згази и најблиските,  само да дојде до целта, при што нанесува болка и ужива во тоа. Нанесување и трпење на духовна болка болка за „повисоко добро“ што е релативно, е самоповредување, садомазохизам  за да се задржи позиција или статус при што се  трпи болка и развива колективна садомазохистичка свест,  која не е присутна само при сексуалниот патолошки чин, туку и преку општествена комуникација“. Проф.д-р Татјана Стојаноска Иванова

Можеби ќе ви се допадне

Сексуална азбука

Буква Г

Грррр … Громогласна, Грлата, Грешна, Голем, Галантен, Геј, Големина – некому фрустрација, некому сатисфакција. Буква ...
Сексуална азбука

Буква Д

Дааааа, Дефинитивно плодна буква, особено кога се Дрндаме со жаргонизми Добиваме Дрски термини, Длабоки До ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Next Article:

0 %