Сексуална азбука

Буква Б

Б- брак

Брррррр! За многумина бракот е емоција страв, да се смрзнеш кога ќе помислиш на брак . Страв од   непознато,  напуштање, неверство и други непријатности. Стравот се  манифестира и при самата помисла на развод  дека „бившиот“ или „бившата“ не може да се преболат и „не може да се живее без нив“. Бљак, каква заблуда, се може без секого освен без себеси. Единстевна оправдана причина за развод е бракот, другите причини  се последици на погрешни проекции  за бракот. Исто како и со проекцијата вљубеност, за бракот или врската се креира идеализирана слика на сопствената идеја за некого или нешто, и после  периодот на „ заслепеност“ или хипноза,  се преоѓа во будна состојба. Будењето или будната состојба со ширум отворени очи ги гледа оние особини кај партнерот кои претходно биле замаскирани под параванот на допадливост  или сопствената заблуда. Кога некој сака да се допадне тоа е негов приоритет и главна цел на која ги подредува другите животни активности. Но кога ќе ја постигне целта и ќе  се почуствува сигурност дека е сакан,  приоритетите се менуваат и пренасочуваат кон други животни цели. Таквата промена,  недостаток на внимание и потврда на љубовта , се причина за страв од напуштање, неверство и други непријатности кои водат кон конфликти. Вистинската љубов и стабилниот  брак се посилни од  емоцијата страв.

За бракот низ историјата , проф. Татјана Стојаноска

„Бракот исто како и семјството трпи историски промени и се менува со времето во кое суштествува. За време на родовско-племенското уредување постоел групен брак или големо семејство, припадниците  од едно племе се поврзувале во брак меѓу себе. Таквите „пуналуа“ семејства биле лесно раскинливи, не се знаело кој е таткото и  затоа с,е одело по мајчина линија. Бракот се развивал од  дивјаштвото, варварството до цивилизацијата, преку полигамноста која разликувала полиандрија (жена во брак со повеќе мажи) и полигинија ( маж во брак со повеќе жени) па с,е до  моногамен брак со нуклеозно семејство. За бракот низ историјата врзана е и т.н. храмска или религиска проституција, жената пред да се мажи морала да  изгуби невиност во храмот од свешетено лице или со вештачки фалуси (свешетникот во улога на бог).

Бракот како институција е битен фактор за правилна социјализација на децата и треба да опстои. Кохабитацијата или неформално склучен брак без потпис е решение додека партнерите не бидат сигурни во себе. Во некои земји веќе се даваат предлог законски решенија да се склопуваат бракови на 12 години  и да се продолжат, ако се покажат како стабилни. Подобри се и такви бракови каде има љубов, подобри се и разводи кога нема љубов и толеранција, отколку формални бракови зад кои се кријат неверства и несогласувања на партнерите во недостатоко на љубов. Развратноста и промискуитетноста се вулгаризација на бракот, негово вештачко поимање и хипокризија. Бисексуалните бракови се исто параван за вештачка складност и брак од интерес. Почесно е да се разведеш отколку да останеш во патолошки брак. За истополните бракови имам либерален став, но сум во дилема за културниот хабитус, како ќе се прифатат во општеството и до каде би оделе нивните права за посинување деца, што е сериозен проблем заради самите деца и нивното етикетирање од општеството.“

П.С. Фрапантно е што и ден денес низ светот се третираат пагански обичаи и заостанати поимања за бракот, свекорот да биде првиот маж кој ќе ја дефлорира снаата, женските деца да се мажат по желба на татковците  или  да се воспитуваат како момчиња. Сетете се на филмот „Вирџина“ , во режија на Срџан Карановиќ , каде во едно заостаната книнско  семејство, девојчето е осудено да стане момче за да се спаси семејството  од проклетството на раѓање само женски деца. Во романот на Бора Станковиќ „Нечиста крв“ вонвременската убавица Софка е продадена за дванаестгодишно момче и свекор кој страсно ја посакува.  Во Ерусалим во ултраортодоксните бракови ,  сопругата  не смее да ужива кога прави дете со сопругот, без влакна по телото, потстрижена коса , покриена е со бел чаршав и една дупка на чаршавот ( погодете каде ) му служи на мажот да ја оплоди како свет чин. Брррррр!

Б-бигамија

За некого  еден брак е премногу, а некој би сакал двобрачност, две бурми на иста рака!Бигамија е кога еден брачен партнер е во две брачни заедници истовремено, не е разведен од едниот брачен партнер, а склопил брак со другиот.  Етички може и да е оправдано во некои муслимански земји кога двете сопруги знаат една за друга, но на овие простори законски е казниво, од парична казна па до одлежување затвор најчесто поради менување на идентитетот. Матичната служба е должна да ги утврди фактите за брачната состојба на идните сопружници за да не дојде до незаконско склопување на брак, а истата ќе биде казнета било како единка или институција ако дозволи двобрачност на брачниот партнер.

П.С. Кој не може без двете, ( двата) а сака бурми на рака, го крши законот и живее полигамно како некогаш во родовско –племенските заедници.

Б-бисексуалност

М-р д-р Славица Арсовска

„Бисексуалноста, како и другите сексуални ориентации,  може да биде фаза низ која човекот ги  поминува своите сексуални искуства затоа што создавањето на сексуален идентитет е процес кој трае. Генерално луѓето се хетеросексуални и социјализирани, па фазата на бисексуалност може да биде дел од процесот на откривање на сопствената хомосексуалноста. Идентификацијата како бисексуалец обично се случува после геј или лезбејската ориентација, што значи може и да се пролазни но и стабилни идентитети. Бисексуалноста често се порекнува и игнорира, но кога ќе се препознае се гледа како дел од хетеросексуална и хомосексуална ориентација, а не како посебен идентитет. По основ на Кинсиевиот извештај од 1950 година, 15 до 25 % жени и 33-46% мажи може да бидат бисексуални според нивните искуства или објектот на привлекување. Најмачните статистички податоци се токму од областа на сексуалноста поради јавната осуда и никогаш прецизно не може да се константира“.

П.С. Бисексуалците би и таму и ваму, и онде и овде, и вака и така… Ориентација или дезорентација?

Б- бивши

Ако бившиот (бившата) со себе го земал и вашето либидо тогаш станувате болно опседнати и со сексуални дисфункционалности како последица на самиот факт дека некому сте „бивши“. Ништо побрзо не може да ви го врати украденото либидо од повторно вљубување, секако ,ако расчистите со себе дека новата врска не е компензација на претходната. Сенките на минатото закачете ги во некој спомен музеј, а вие закачете си нови животни радости!

Б – Бегалка

Бегалството е феномен врзан за нашата историја , опеан во литературата и битово-социјалната драма на Васил Иљоски „Бегалка“ , комедијата на Стерија Поповиќ „Зоне“  (побегуља), но и во светската литература со векови наназад. Бегале во име на љубовта многу жени,принцези и аџиски ќерки, но никогаш во историјата не сме забележале бегалец ( не мислам на бегалците кои ги преплавија светот). Мажите во име на љубовта се одрекувале од своите семејства, абдицирале, се откажувале од с,е, но не бегале скришно како жените. За бегалството, проф.д-р Викторија Вујовиќ:

„Љубовта е возвишено чувство, елемент без кој не би постоеле, движечка сила на светот. Бегалството, како спротиставувањето на традицијата и законите , во име на љубовта е моќно чувство, кое за жал не мора секогаш да е разумно и среќно решение. Нивната моментална искреност при донесувањето на таква одлука е како адреналинска бомба при која не чувствуваат никаква друга емоција освен  страст. Не се плашат и од никого и од ничија осуда, но бегаат затоа што немаат разбирање и благослов од семејствата и потесната околина. Мигот е неповторлив, осознавањето на љубовта, настан кој вечно ќе се памети. Трансгенерацискиот благослов од прабабите, бабите, мајките со слични судбини укажува дека не е грев ако е од чиста љубов направено, па и да нема благослов од машката страна. Таквите непочитувачи на традиционалниот брак, всучност се почитувачи на љубовта , па дури и  кога е  занес. Колку и да им судиме, секој од нас може потајно да мечтае да биде бегалец или бегалка, украдени или грабнати од љубов. И во зрелите години може да ни се случи да сакаме да бидеме со некого без благослов од никого.“

П.С. Може да ви се случи да избегате па да се пишманите, занесени од моменталните емоции не заборавјате  да го оставите запалено светлото зад вас , за да не се вратите во темница. Светлото е љубовта кон останатите, мора да ја има во вас каде и да сте.

Б-будење на сексуална љубопитност

Некој порано, некој подоцна, но секој ја преживува својата полова љубопитност на свој начин. Пред будење на половиот нагон или сексуалната желба, претходи љубопитноста за спознавање на другиот пол уште во најраната возраст (3-4 години). Се случува во семејството таа љубопитност да се манифестира со покажување на половите органи помеѓу децата, некогаш со  допирање и дразнење, но без будење на сексуален нагон. Подоцна, осознавањето на сопственото тело преку самозадоволување е веќе будење на сексуалне нагон, но за тоа на буквата м-мастурбација и разбивање на митовите за нејзината штетност, но и за  сексуална дисфункционалност кога мастурбацијата е единствен начин на задоволство.

За гениатални брадавици кај мажите, брис од уретра, балантис и биопсија на тестис дознаваме од  урологот м-р д-р Маја Софрониевска Главинов :

Б-брадавица (генитална)

„Брадавиците кои се појавуваат на гениталиите се меки израстоци и може да предизвикаат симптоми како што се чешање, болка и нелагодност. Тие спаѓаат во групата на сексуално преносливи инфекции и се предизвикани од хуман папилома вирус (ХПВ). Постојат околу 30-40 типови на ХПВ , но само неколку типови предизвикуваат генитални брадавици. Станува збор за инфекции предизвикани од вирус кој се пренесува при сексуален акт, која не мора да биде локализирана само на надворешните гениталии, туку исто така може да се појави околу анусот, устата и во вагината .Времето на појавување на брадавиците не мора да биде непосредно по сексуалниот чин; можно е да поминат и неколку недели или месеци до појавувањето на брадавиците. Најчесто се појавуваат како карфиолести израстоци кои понекогаш може да бидат и рамни и мазни Гениталните брадавици не се секогаш видливи со голо око. Тие може да се манифестираат и само како дисколорација на кожата и слузницата. Гениталните брадавици се различни од  брадавиците кои се појавуваат на други делови на телото, најчесто на рацете“

П.С. И после неколку месеци може да ве „стаса“ ризичниот секс „на брзина“ па и да сте ставиле кондом, брадавиците може да се најдат во околината на пенисот, вагината и анусот. „Заобиколниот “ пат не ви е гаранција за успешен „свршеток“, затоа не мижите и не гасете светло  кога имате ризичен секс со непознат партнер.

Б-балантис

„Баланитис е воспаление (инфекција) на врвот (главата) на пенисот. Кога инфекцијата ја зафаќа и кожичката на пенисот,тогаш станува збор за баланопоститис. Се манифестира со црвенило, појава на непријатен мирис, беличести до жолти наслаги и болка. Причина за појава на оваа инфекција се бактериски, вирусни и габични инфекции предизвикани од несоодветна хигиена, користење на несоодветни сапуни, физичка траума, а некои се пренесуваат и при сексуалниот акт. Дијагнозата подразбира клинички преглед од уролог и земање брисови, а третманот зависи од причината за настанатата инфекција. За да се избегне појавата на габичните баланитиси, не се препорачува користење на јаки сапуни за хигиена туку препарати кои малку или воопшто не ја иритираат кожата и слузокожата“.

П.С. Балантисот врска нема со Балантајн вотка – не помага како лек, да го разбиеме митот како со кока-колата и уништување на сперматозоидите!

Б-брис од уретра

„Брис е земање на материјал од некоја површина на телото со цел микробиолошки да се испита дали на тој дел од телото има одредени микроорганизми. При воспаленија на надворешните гениталии, брисот е од особено значење за дијагностицирање на причинителот/ите од што зависи и понатамошниот третман. Кај мажите најчесто е земањето брис од главата на пенисот (заради баланитис) и од уретрата (мочниот канал). Земањето брис го изведува уролог со стерилно долго стапче на чиј крај се наоѓа стерилно перниче од памук кое ги впива микроорганизмите (доколку постојат) и потоа се става во стерилен контејнер кој се носи на микробиолошка анализа. Таму примерокот се става во специјални стаклени садовии се чека до 48 часа дали ќе се појави бактериска култура“.

Б-биопсија на тестис

„Биопсија е дијагностичка процедура при која се зема дел од ткиво/орган за микроскопска анализа со цел да се утврди постоење на некое заболување. Освен што биопсијата може да покаже дали ткивото содржи нормални или абнормални клетки, таа може да покаже дали органот ја сочувал или загубил својата функција. Така на пример при намалување на бројот на сперматозоиди во спермата или нивно отсуство, биопсијата на тестиси ќе покаже дали причината за недостатокот на сперматозоиди во спермата е нивното несоздавање во тестисот, или тие се создаваат но не може да преминат во спермалната течност. Ова е особено важно при лекувањето на стерилитетот бидејќи станува збор за сосема различни заболувања и различни пристапи во третманот“.

За термините на буквата Б од гинеколошки аспект дознаваме од  д-р Татјана Гуржанова, гинеколог- акушер.

Б-брис од вагина

„Тоа што секоја жена треба да го направи минимум две години од започнување на сексуалниот живот,   и да го проверува барем еднаш годишно до крајот на животот, е проверка на брисот или пап- брис од вагина. Овој начин на проверка  покажува многу работи, тоа е скрининг за цервикален карцином и навремено откривање предмалигни лезии за цервикалниот  карцином и навремено реагирање, со што се спасува животот на жената.  Пап брисот  покажува каква е вагиналната флора, дали има инфекција и дава  индикации за понатамошни микробиолошки испитувања  на брисот,  за  точно  дијагностицирње на  инфекцијата и нејзино навремено третирање без последици,  затоа што секоја инфекција може да доведе до стерилитет. Папа тестот  препознава  присуство на хпв инфекција и нејзини  предлезии, со што навремено се спречува промена на здравите во канцерогени клетки. Кај постарите жени во менопауза, брисот од вагината  покажува атрофични клетки,  дисфункционалност и девитализација на јајниците кои веќе не ја вршат својата функција на создавање естроген. Нормален и здрав брис од вагината е со воденикаво белузлава и проsирна боја, без посебен мирис и секогаш присутен во флората на вагината. Кога станува збор за инфекција, секретот ја менува бојата во жолтеникава , зелена, сиво -зелена  и карактеристичен  мирис се индикации за инфекции, било од сексуално пренослив вид  или инфекција заради  промена на имунитетот“.

Б-брадавици

„Високоризичните хпв вируси се причина за  цервикален канцер, а  брадавците се надворешни показатели на половите  органи  дека организмот е инфициран со вирусот. Вагиналните брадавици околу усните на вагината и во самата вагина,  се надворешни  знаци за присуство на  хпв“.

Б-бенигни израстоци

„Бенигни израстоци во внатрешноста на вагината најчесто се полипите. Кога ќе се откријат и отстранат,   треба да се направи биопсија и  хистолошка анализа. Полипите може да бидат на самото грло на матката или  во нејзината внатрешност, што може да се утврди со гинеколошки преглед. Полипите може  да ги исфрли самиот организам со соодветна хормонална терапија,  но доколку останат,  се зголемуваат и предизвикуваат обилни крварења кај жената која има редовен циклус,   тогаш се преоѓа на хируршка интервенција“.

Орален секс  и пренесување на ХПВ вирусот

„Нема многу докажани студии , но една студија укажува  дека орален секс со жена која има високо ризичен хпв вирус може да предизвика рак  на грлото и гласните жици. Не е толку често,  затоа што нема таква брза делба на клетката и нејзино мутирање и размножување во канцерогена,  но сепак може да предизика канцер на гласните жици и грлото“.

П.С. Внимавајте , презервативи за јазикот се уште не се измислени!

B-бомби, секс бомби

Светот на секс бомбите бомбастично се смени. Некогашните секс бомби беа симболи на еротичност и суптилна заводливост со природни секси атрибути и уметнички фотографии како на пример Мерлин Монро, Брижит Бардо, Ава Гарднер, или Софија Лорен која во осмата деценија изгледа привлечно. Сексуалната револуција направи промени на јавното мислење и вкус, моралот споро но сигурно се смени. Порно индустријата не само што почна да фабрикува секс бомби како податливи играчки за возрасните,  туку ги лансира како општествено ангажирани  личности. Италијанската порно sвезда Чичолина  влезе во италијанскиот парламент и одработи  цел мандат  со 12 предлог-закони, но ниту еден усвоен. Скандали со секс бомби пукаат низ цел свет, а суптилната еротичност доби замена со  агресивна вулгарност. Една секс бомба не само што треба да има предимензионирани секс атрибути, најчесто со хируршки интервенции, туку и секс скандали, порно клипови, „случајно“ обелоденети интимни фотографии и слично. Секако, не е вишок по некоја диплома и познавање на јазици, за да се влезе во високи јавни позиции со соодветни документи и препораки. Ах Том Џонс, твојата Секс бомб за која пееше е петарда во споредба со денешниве нуклеарки. Може да ти го разнесат животот за три минути како што му се случи на најдобриот фудбалер на Колумбија Џејмс Родригез. Својата долгогодишна сопруга  Даниела Оспин ја изневери со  порно sвездата Кендре Ласт, но и својата нација која се разочара во промискуитетниот фудбалер.

Можеби ќе ви се допадне

Сексуална азбука

Буква А

Ааах тој секс… Неверојатно колку многу се користи буквата А при сексуални односи, или повозвишено ...
Сексуална азбука

Буква Г

Грррр … Громогласна, Грлата, Грешна, Голем, Галантен, Геј, Големина – некому фрустрација, некому сатисфакција. Буква ...
Сексуална азбука

Буква Д

Дааааа, Дефинитивно плодна буква, особено кога се Дрндаме со жаргонизми Добиваме Дрски термини, Длабоки До ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %