Луѓе

Ништо не е посмешно од вистината

Девојка која не се плаши да го каже на глас она што другите го мислат. Како стенд ап комичарка вели дека нема ништо посмешно од вистината – Оваа недела разговараме со Ивана Наскова.

Писателка, стенд-ап комичарка, водителка… Која е Ивана?

Ивана е близнак во хороскоп па може да си го дозволи луксузот да биде се од ова (хахаха). Се што знаев е дека сакам да работам со луѓе и таа енергија која доаѓа од публиката не може да ја замени ништо на светот. Дали тоа ќе биде радио, телевизија, книгите или стенд ап комедијата јас знам дека ќе можам да ја раскажам својата приказна и страна од работите. Секоја од овие професии е различна, но и толку слична затоа што го имам контактот со луѓе кои не ги познавам, но делиме толку заеднички работи. Тоа ми е најважно. Да допрам до луѓето колку што можам и да помогнам некому да се чувствува подобро и посреќно.

Како го откри твојот талент за стенд-ап?

Се беше игра на случајност. Оние кои се блиску до мене знаат дека отсекогаш моите приказни беа нешто што може само на Ивана да и се случи како што тие знаат да кажат и секогаш се бев задолжена за смеењето во друштво. Така се роди прво радио емисијата „Вечер со Ивана“, па телевизискиот проект „На Шанк“ и желбата да продолжам да ги смеам луѓето. На некој начин и самите радио и ТВ проекти беа полни со комични моменти па реков спремна сум и да се пробам на сцена со вистинска стенд ап комедија.

Каде ја наоѓаш инспирацијата за пишување и стенд-ап?

Не е лесно, тоа прво ќе го признаам. Добар материјал не се пишува и создава преку ноќ. Многу моменти од стенд апот се реални ситуации кои ми се случиле мене или на луѓето околу мене. Но овде е веќе проблем дали некој ќе се налути ако тоа излезам и го кажам на сцена. Но луѓето кои вистински ме сакаат и почитуваат останаа да ме поддржуваат до крај и никогаш немаа проблем со моите настапи и приказни на сцена. Сега по толку години работа веќе успеав да се пронајдам себе и материјалот кој ми лежи најмногу. Најважно од се е што луѓето сакаат да се смеат на нешто што им е блиску и со кое може да се поврзат. Од тука ќе кажам заклучок дека ништо не е посмешно од вистината, така да тоа засекогаш ќе биде мојата најголема инспирација.

Како вообичаено реагира публиката на ,,скокотливи,, теми?

Стенд ап комедијата е сеуште „машка“ професија. Бројот на мажи стенд ап комичари е многу поголем од бројот на жени. Како резултат на тоа,  кога јас како женско ќе се качам на сцена и ќе зборувам за работи кои (за жал) сметаме дека е во ред само маж да ги зборува, доаѓа малку како шок. Знаете, ние сеуште сме општество каде една жена треба да биде дама, да молчи и само да се смешка. Епа јас со тоа отсекогаш имав проблем. Мораме да ги срушиме обрачите и да разбереме дека ова е ново време. Во 2023та година тоа што било табу повеќе не е и една жена може да зборува отворено и слободно исто како и мажот. За среќа во публика има секогаш повеќе луѓе кои го разбираат и поддржуваат тоа и знаат што е стенд ап, па така нема никаков проблем со скотливите теми. За останатите не се многу замарам, затоа што знаете како велат „Нив остави ги да зборуваат, ти оди си напред кон твојата цел“.

Каде е најдобрата публика?

Дома е најубаво затоа што сакаш дома да се докажеш и покажеш. Но како и многу други работи во Македонија и стенд ап сцената има сеуште многу за развивање и учење на публиката за оваа култура и формат на забава. Малите градови во Македонија доста ме имаат изненадено со тоа колку луѓето сакаат стенд ап и смеење, така да тоа ме прави особено среќна. Од друга страна Хрватска и Србија се публика која ме прифати како нивна и за кои можам да кажам дека секогаш ми е мило да им одам на гости и да настапувам кај нив.

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

More in:Луѓе

Next Article:

0 %