Пароманија – алхемија на новото време
Моќта на парите е алхемиска, бргу менува лик и облик, форма и површина, сака брзо, посакува многу и остварува сѐ што е материјално. Единствено е немоќна со суштината и содржината на еден исполнет живот, со духовноста. Таму нема моќ, духовно богат човек не е подложен на пароманија, парите му се основно и скромно средство за живеење. Духовно богат човек не се потчинува на парите, не им робува, не ги посакува секогаш, секаде и по секоја цена. Патем, парите никогаш немаат моќ за инстант брза духовна трансформација. Ќе купиш углед, титули и дипломи, но манирите многу бргу ќе ти ја издадат душата. ,,Стави си на глава перика со милиони кадрици и на нозете два аршина високи потпетици, сепак остануваш тоа што си” – Балзак во романот ,,Шагринска кожа”. Престорувањето на камен во злато, императивот на алхемичарите, е можно само како чин на духовно усовршување и морална преобразба. Позадината на расчовечувањето, станување нечовек од човек, најчесто е последица на деструктивната моќ на болни амбиции, жед за моќ и контрола, крајно тешки животни услови во раното детство и зависта како карактерна особина. Завидливиот секогаш се натпреварува и споредува со други, сака да биде подобар во сѐ и по секоја цена. Така и успева, безмилосно газејќи по туѓ труд влечејќи лична корист. ,,Златен” човек може да стане ,,камен” човек кога парите алхемиски ќе му ја симнат златната амбалажа и лажниот сјај. Сепак, парите не го расипале, само ја покажале расипаноста, претходно затскриена зад материјалната немоќ. Сетете се само на ликот на селанецот Митре, од битово социјалната драма на Ристо Крле ,,Парите се отепувачка”, препознатлив како тивок и повлечен, сиромашен и скромен селанец, татко кој домаќински го одржува огништето од парите на синот печалбар. И сѐ е така, додека повратникот од печалба не му го покаже куферот со злато, додека не почне да споредува дека ете неговиот син 20 години не се вратил и не успеал да спечали толку пари, колку дојденецот за пет години…Зависта и сјајот на златото го заслепуваат Митре кој во богатиот туѓинец не може да го види синот Анѓеле и го убива поради непрепознавање, патосот во античките трагедии. Традиционално и христијански воспитаниот селанец, кој никогаш не покажувал знаци на агресија, станува убиец на гостин. Патем син. Алберт Ками во романот ,,Недоразбирање” пишуван после драмата на Ристо Крле кој се инспирирал за содржината од вистински настан прочитан во весник, оди уште пострашно со темата отуѓување на човекот во човек. Мајка и ќерка убиваат гости во нивниот хотел, ги трујат и фрлаат во река. Бираат осамени луѓе, оние за кои процениле дека нема кој да ги бара откако ќе исчезнат. Незнаејќи го убиваат синот и братот. Но најстрашниот момент е кога сестрата завидува и на мртвиот брат, заради кого мајка им се фрла во река. Врв на човечка отуѓеност и жед за пари! Во историјата на литературата има примери како брат крева рака врз сестра, но обратно многу ретко. Камено срце, воспитувано без емпатија лесно уништува туѓи животи без грижа на совест, оти ја нема. Во психопатијата нема каење, нема чувство на совест, нема емоција дека другите се жртви. Нарцисоидниот секогаш извртува ситуации и се претставува како туѓа жртва. ,,Психокилер” се храни со туѓи емоции оти нема свои, неспособен е да чувствува. Само впива и имитира чувства, било пријатни или непријатни. Единственото чувство му е грижа за себеси, страв дека нему ќе му се случи нешто. Доблестен човек и кога се збогатува станува уште подобар, знае добрината несебично да ја споделува и со збор и преку материјалните добра. Душата му е чиста, неизвалкана и тој е способен да помага и дарува. Не завидува, не се споредува, не омаловажува никого преку своите успеси. Неговиот најголем успех е што научил да не им робува на парите. Парите се опасно кокетни, слатко заводливо и на прв поглед безопасно влегуваат во сите пори на човечката кожа, сведувајќи го животот на портмоне… Нивната моќ е предаторска, алхемичарски фино спакувана, површно шармантна, но токсична. Кога материјалноста е посилна од духовноста, сладострастието над доблесноста, човекот ја менува кожата за животинска, било магарешка, змиска или гускина – тоа е веќе естетика на вкусот. Алхемијата на пароманијата си го завршила своето, етиката се трансформира во нова ,,естетика” – убав си колку и твоето портмоне. Сепак, парите не го расипуваат човекот, само покажуваат кој е расипан!

















