Луѓе

Од секогаш ме привлекувал миксот на вкусови

Васил Пеевски веќе 10 години работи како бармен и своето знаење реши да го пренесе на другите! Преку Инстаграм профилот Шејкаме тој преку видео туторијали покажува како во домашни услови може да се направи совршен коктел.

Васил, кога се роди љубовта за барменството и како дојде до идејата за Шејкаме?

Љубовта се роди уште пред моето полнолетство. Од секогаш ме привлекувал миксот на вкусови, најпрво тоа беше преку кулинарството. Меѓутоа кога за прв пат го гледав филмот The Cocktail со Том Круз посакав да пробам како би можело да се создава микс од вкусови, но во течна форма.

Па така од како наполнив 18 години на иницијатива на мојата мајка го запишав курсот за бармени од каде всушност и почна мојата кариера како бармен.

Идејата за Шејкаме беше во моите мисли по долго време, но го чекав вистинското време за реализација. Секако за таков проект треба да се создадат сериозно добри услови за да може проектот да биде успешен. Примарната цел на Шејкаме беше едукација на луѓе кои се љубители на коктели, а немаат допирна точка со угостителството. Сакав да пренесам дека подготвувањето на коктели по дома и не е така тешко, напротив може да е забавно.

Кој е дел од тимот на Шејкаме, како започнавте со работа и која беше ваша првична цел?

Имаме огромен тим кој стои позади Шејкаме! Секако дека се шалам. Првата сезона ја започнав сам заедно со мојот снимател и монтажер Јован Јанковски, прилично ентузијастички, меѓутоа условите тоа го нудеа. Во втората сезона ни се приклучија уште двајца членови како ко-сценарист и тон мајстор.

Од како завршија со емитување видеата кои беа дел од серијалот Шејкаме започнавме да работиме како коктел кетеринг. Во овој состав сме 4 професионални бармени. И можам да кажам дека сега за сега одлично функционираме, сепак се познаваме долги години.

Организирате коктел – кетеринг, дали има заинтересираност за вакво нешто и кои се најбараните коктели?

Увидовме дека после пандемијата со Корона вирусот луѓето почнаа да организираат поинаков тип на настани и забави, каде што се почесто вметнуваат нешто ново и до тогаш не видено како дел од програмата.

Па така решивме да понудиме коктел кетеринг, односно сакавме гостите на тие настани да имаат можност да консумираат коктели на било кое место. Сме правеле коктели на кровови од згради, паркови, базени итн, со што наидуваме на одлични коментари и многу задоволни клиенти.

Со тек на време интересот за ваков концепт на настани со коктели се повеќе и повеќе расте, што ни е навистина мило бидејќи со тоа ја подигаме коктел културата на по високо ниво.

За некои клиенти подготвуваме авторско мени за коктели, но некои пак сакаат нешто проверено, односно оние класични коктели како Мохито, Виски саур итн.

Што е според тебе најдоброто нешто што со го „исшејкал“?

Најдоброто нешто всушност сум го промешал, а не исшејкал!

Тоа е мој авторски коктел со кој се претставив на светско првенство во Франција, се нарекува Pour toi mon Amour, а содржи коњак, ликер од ванила, ликер од анасон, сируп од бадем и чоколадни битери.

Планови за во иднина?

Плановите во иднина ни се да се фокусираме што е можно повеќе на кетеринзите со коктели и постојано да воведуваме некои новитети во понудата. Секако се надевам дека ќе успееме да снимиме уште една сезона од серијалот Шејкаме.

 

 

 

 

 

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

More in:Луѓе

Next Article:

0 %