Сите тие форми и процеси што се одвиваат во природата, се нешто што ми буди посебен мир
Елена Чанаковска Стојанова, 30 години, дипломиран политиколог по струка, грижлива мајка на две мали деца, со несекојдневно хоби – изработка на украсни фигури од бакарна жица.

1. Велат уметноста доаѓа во сите форми, ти си доказ за тоа. Од каде идејата и кога почна да се занимаваш со создавање уметност од бакарни жици?
– Од секогаш сум имала посебна љубов кон рачните изработки, уште како дете имав потреба да се изразувам креативно и изработував кутии за накит. Секогаш сакав да оставам свој печат и да биде нешто поразлично, но да ме опишува мене како личност.

Со изработките од бакарна жица започнав пред 2 години, сосема случајно видов видео во кое беше прикажан начинот на изработка на слични дрвца од бакарна жица. Ми остави голем впечаток, многу ми се допадна изработката и од таму идејата да го направам првото,но сепак да биде поразлично. Да оставам дел од себе во креациите.
2. Секој уметник има своја инспирација, каде е твојата?
– Инспирацијата ја црпам од природата, навистина многу се восхитувам на тоа што ни го нуди. Сите тие форми и процеси што се одвиваат во природата, се нешто што ми буди посебен мир. Уживам кога гледам како растат дрвјата,цвеќињата, начинот на кој се менуваат во годишните циклуси.

3. Дали во Македонија се цени уметноста и трудот на рачната изработка? Има ли побарувачка за твоите креации?
– Сметам дека кај нас оваа работа не се цени доволно, но сепак има љубители на рачните изработки кои знаат да препознаат колкава љубов и внимание се посветени за да се изработи било што. Знаат да го ценат трудот, а со тоа ме мотивираат.
4. Дали можеби гледаш можност твојот талент да го претвориш во професија наместо хоби?
– Се надевам во блиска иднина дека ќе стане ова мојата професија, бидејќи ме исполнува и ми дава можност да се изразам.
5. Како би го опишала твоето творештво и што тоа значи за тебе?

– Секој човек има дарба од своето раѓање, талент. Некој ја сака музиката, друг фотографијата, секој има афинитети кон нешто. За мене, рачните изработки ја одразуваат мојата личност,го сметам како начин преку кој на луѓето можам да им подарам дел од себе.
6. Имаш ли омилена креација?
– Секоја креација е’ на свој начин убава и омилена, секоја има своја приказна, во сите има дел од мојата душа и не би можела да издвојам некоја посебно.


















