РАНО
Сметам дека е неодговорно од страна на Арсовка да пишува за стореното во првите 82 дена од нејзиното доаѓање на власт, а уште повеќе некоректен е односот на СДСМ за нејзината работа во првите 82 дена. Најнапред ние, граѓаните на Скопје сè уште не сме убедени дека дишиме чист воздух, сè уште не ги видовме благодетите од новата градоначалничка. Впрочем сметам дека е многу рано да се даваат проценки за нејзината успешност или неуспешност, бидејќи тоа е градоначалник кој штотуку седнал на фотељата градоначалник на Град Скопје. Импресиониран сум од нејзината амбиција да навистина Скопје го направи град по Европски терк. Јас и сличните на мене ќе го дадеме нашето мислење за нејзиното водење на градот во периодот којшто следи и кога ќе можеме да почувствуваме дека навистина нешто ново се случува во Градот Скопје. Сведоци сме на сообраќајни трагедии во Град Скопје кои последниве денови зачестија и чувствувам дека не постои комуникација меѓу локалната власт на Град Скопје и Министерството за внатрешни работи во секторот сообраќај. Упатувам повик до госпоѓа Арсовска да инсистира на соработка со МВР во поглед безбедноста на патиштата во Градот Скопје. Ние граѓаните бараме сигурен и достоинствен живот. Меѓупартиските препукувања уште повеќе го усложнуваат нашето секојдневие каде без издржани аргументи се напаѓа или брани нешто што не е одбранливо.
Резимирам: Скопјани ја изгласаа Арсовска за градоначалник на Скопје. Да ја почитуваме волјата на Скопјани и да и дадеме можност на госпоѓата Арсовска да го води Градот. Не очекувам брзи резултати. Потребни се капитални зафати во Град Скопје во сите сфери на нашето живеење, посебно во подземната инфраструктура, а уште повеќе во сферата на алтернативен јавен превоз. Чистењето на депонии за мене не е репер за успех или неуспех, за мене е успех ако таа исчистена депонија засекогаш исчезне, а тоа значи дека треба да се работи на свеста на граѓаните на Град Скопје, а од друга страна Град Скопје треба да обезбеди квалитетен пристап за сметот којшто мора некаде да се изнесе. На Градот Скопје покрај Дрисла потребна му е уште една депонија, која ќе биде многу помодерна и ефикасна. Завршувам со констатацијата дека мора да постои синергија меѓу централната и локалната власт на Град Скопје само со цел да ние граѓаните на Град Скопје почувствуваме бенефит во нашето секојдневие.













