Оставките на ДУИ во замена за уставни промени
Наназад повеќе месеци живееме под еден силен притисок на партиите од власт да по секоја цена се реализираат уставните промени. Очигледно дека уставните промени барем засега се мисловна именка, бидејќи за тоа е потребно двотретинско мнозинство. Жално е што отворањето на Уставот со првенствена цел вметнување на Бугарите во него како посебна етничка заедница е доведено како Кванташки пазар. Се нудат многу алтернативи само со една цел да се омекне опозицијата и да се направи нешто што нас Македонците во основа многу не боли. Нас Македонците не нè боли што Бугарите ќе влезат во Уставот, туку што Бугарија официјално не ја признава македонската посебност надвор од нејзините граници, а уште повеќе кај самата себе. Владата предводена од СДСМ го изрезили македонскиот идентитет во очите на светската јавност, а уште повеќе меѓу останатите етнички заедници кои живеат со нас во нашата татковина.
Почитувани министри од ДУИ, време е да разберете дека нема место за тргување кога е во прашање мојот национален идентитет, мојата посебност, јазик, историја, култура и традиција. Бидете доблесни и застанете зад нас Македонците да ни помогнете да се справиме со овој предизвик кој ни е наметнат од соседна Бугарија. Солидарноста која ја бараме од вас е базата за градење меѓусебна доверба и иднина на нашата татковина. Сакам да разберете, прашањето за нас, Македонците наметнато од страна на Бугарија не е предмет на трговија. Ги повикувам и останатите етнички заедници преку нивните политички партии да застанат зад нас Македонците, само така ќе ја градиме нашата држава на која ќе и обезбедиме иднина и на нашите поколенија. Ние, Македонците не сме монета за поткусурување. Тоа треба да го разберат сите етнички заедници во Република Македонија













