НЕПРИФАТЛИВО
Несомнено дека Македонско-Бугарските односи никојпат не биле на полошо ниво од денеска, посебно по прашањата поврзани со историјата, македонскиот јазик и нашата самобитност. Гестот направен од Македонија за заедничко чествување на роденденот на Гоце Делчев за мене е неприфатлив, посебно не во вакви драматични моменти по нашата држава, кога соседот од петни жили настојува да не избрише со гума, нас, Македонците, нашата посебност, нашиот јазик, нашата историја и лично сум убеден дека не е време да вакви историски личности бидат чествувани заеднички. Ваквиот потег на Владата на РМ за мене е непримерен, бидејќи заедничкото чествување треба да промовира добра волја, меѓутоа во генезата на Гоце Делчев е токму базичниот проблем за нас Македонците. Бугарите го чествуваат како првороден револуционер за бугарската кауза, а ние Македонците како најголем револуционер за Македонската кауза. Заедничкото чествување е само наше понижување, бидејќи токму на каузата кој е, што е и во чие име работел Гоце Делчев ние, Македонците се соочуваме со невидени тортури од страна на официјална Софија на чело со нивниот претседател, премиер и Влада. Малку надеж ми даде актуелниот премиер Петков на Владата на Р. Бугарија, кога на замерката од неговиот претседател Радев дека посетата на Скопје била преуранета, одговори дека истата не е преуранета и дека Бугарија касни три децении да воспостави односи со Македонија. Ваквата реакција на господинот Петков би сакал да ја толкувам како добра желба и надеж. Времето треба да покаже во кое Бугарија мора да го промени својот однос кон нас, Македонците, во спротивно Р. Македонија, заедно со останатите Балкански држави како Босна и Херцеговина и Косово може во иднина да биде жариште за нови меѓуетнички судири. Би бил многу среќен кога би почувствувал нови ветришта од Бугарија, а убеден сум дека такви луѓе има, но за жал сè уште се немоќни и актуелната политичка номенклатура сите такви личности и групи ги толчи. Македонците и Македонското прашање во Бугарската дневна политика се тема број еден која што понатака создава раздори меѓу двата народа кои историски не би требало да имаат никакви проблеми да живеат во слободна, пријателска атмосфера.













