Колумни

Мојот другар Ули

Почитувани читатели, денес ќе пишувам за мојот другар Улрих Книле, со прекарот  Ули. Ули е чистокрвен Германец, наоружан со сите космополитски вредности на еден современ Германец, редок пример  преку кого  осознавам за генезата на германската нација, чиј придонес во развојот на светската цивилизација не е занемарлив.

Високо образован и сестран, со отворени  погледи кон светот, Ули е човек кој што не можете да не го почитувате или  да не  посакате почесто другарување со него. Покрај мајчиниот германски јазик, течни зборува англиски, француски, шпански и кинески. При честите разговори со него, а секогаш го слушам со почит како некој  малку  повозрасен од мене, еднаш ми ја расветли личната дилема која треба да се прифати со респект насекаде низ светот. Ули,  во  размислување и работење никогаш не се водеше од својата национална припадност. Луѓето ги делеше само на добри и лоши или на  луѓе со кои може да комуницира, работи и живее, без оглед на нивната национална и верска припадност и на луѓе со кои не сака да си има работа и да комуницира. За неговиот космополитизам потврдува и  фактот што неговата сопруга е Мексиканка, неговите деца носат мексикански имиња и патем, Ули е  вљубеник во латино-американската музика и историја.

Познанството со Ули започна во 1989 година за време на Божиќната забава која фирмата ,,Ситко” од Лугано, секоја година ја прославуваше втората половината од месецот  декември. Јас, сѐ уште вработен во Технометал-Вардар,  бев поканет на забавата од господинот Тодаро, сопственик на фирмата ,,Ситко”, по препорака на господинот Коломејски – генерален  директор на  најголемата железара во Полска, ,,Хута Катовице” , со инсталиран капацитет од 5 милиони тони челик на годишно ниво. Средбата беше неформална и спонтана. Ули беше првиот човек кој ми посака добредојде во фирмата ,,Ситко”. Во 1990 година стапив во работен однос со фирмата ,,Ситко”,  во нивното претставништво во Полска,  Варшава. Организационото претставништвото во Варшава беше под ,,Ситко” од Дизелдорф, Германија. Да појаснам, фирмата ,,Ситко” беше трговска фирма, многу слична на мојата Технометал-Вардар, чиј зенит во работата беше постигнат  за време на Студената  војна, во 70-те и 80-те години од минатиот век. Со еден збор, фирмата ,,Ситко” одлично  играше во тргувањето со стоки и услуги,  со тогашните Источен и Западен блок. Ули беше финансискиот мозок на целата фирма. Неговата совршеност во обезбедување на финансиска поддршка од банките беше неприкосновена.

Како нововработен во претставништвото во Полска,  во целост водено од моите Македонци Гуштеров и Кецман, бев тргнат на страна од клучните зделки. Ми беше доверена задача да отворам бизниси кои до тој момент не беа практикувани во фирмата ,,Ситко”, а тоа значи работење со железна руда, јаглен, кокс, електроди и огноотпорни материјали, или со еден збор со сите репроматеријали и енергенси од црната металургија. Единствената логистичка поддршка ја добивав токму од Ули. Со негова поддршка продававме железна руда, јаглени и кокс низ цела Европа, а најголемите зделки ги правевме со Белгија и Шпанија. На предлог од Ули,  ,,Ситко” Дизелдорф,  на крајот од 1990 година ми подари возило БМВ, најнов модел 5-ка, како награда за добрите финансиските резултати остварени со мојата работа. Во животот не сум доживеал поголема радост од моментот кога возилото ми беше паркирано пред претставништвото во Варшава, секако без мое знаење и кога Ули, влегувајќи во претставништвото ми ги фрли клучевите велејќи ми:  „Трифун , твое е”!

Ули беше човекот со кој го направив моето животно осигурување во најпрестижната германска фирма ,,Нирнбергер Версихерунг”. Тоа беше негова идеја, од причина што во тој период,  поради својата здравствена состојба бев загрижен дали ќе можам да го изведам на пат моето семејство. Зад себе имав две интервенции, отстранување  чир на дванаесет-палечно црево и проширена вена на  левата нога. Велат Господ е голем! Да, за мене е многу голем, бидејќи и денес го живеам животот на начин кој мене ми се допаѓа. Грижата што во тие моменти за мене ја покажа Ули, ми помогна да сфатам дека овој човек е алтруист, навистина уникатен по  својата љубов кон луѓето. Во мене препозна работлив и искрен соработник, што  беше главното врзувачко ткиво меѓу нас.

За жал, фирмата ,,Ситко” по паѓањето на Берлинскиот sид не можеше да се вклопи во новите светски процеси. Воден од својот инстинкт и веќе стекнато искуство, формирав сопствена фирма под името ,,Кометал”. Во одлуката да го напуштам ,,Ситко” и формирам моја фирма, поддршката од Ули многу ми значеше. Нашите патишта во бизнисот се разидоа, меѓутоа пријателството остана вечно. На Ули воопшто  не му пречи  што сум Македонец од Балканот, во неговите очи јас сум „гроце мацедонише Трифун”. Нашите средби, практикувани во изминатиот период,  секогаш беа срдечни, топли и искрени. На двајцата музиката ни е вистинскиот еликсир, креативно  обликување на  нашите животи, а Ули беше иницијалната каписла да ја вивне мојата љубов кон латино-американската музика.

Ули живее во градот Есен, некогаш најтемниот град  од црната металургија, но денес најчист град во светот, кој  доби титула од УНЕСКО во 2007 година.

Ули, биди ми жив и здрав. Портите на мојот дом и мојата Македонија секогаш ќе бидат отворени за тебе и твоето семејство.

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %