Што направивме од децата
Најлесното нешто е да направиш дете. Од орда здивени сперматозоиди барем еден намирисува овулација и успева велемајсторски да се закачи. Ако не се закачи по природен пат, науката ќе го доработи своето и фала Богу кога медицината е во служба на човекот и разумот. Секако, дур не му текне на некој ,,научник” да забремени маж по вештачки пат, оти по природен е невозможно, фала Богу. Или ова ,,фала Богу” нема да му се допадне некому, па нели секој човек има право на човекови права, љубов е тоа, не е панаѓур. Благосостојбата на бремена жена е цел еден микрокосмос! Мажите само на тоа може да ни позавидат, на благородното чувство кога носиш дете во утробата и го храниш од градите. Но, дури и при чинот на правење ( водење љубов) се прави учинок, се остава депозит во меморијата на мајката. Исто и при бременоста, доењето, очовечувањето на бебето, многу е битна релацијата на родителите со плодот, подоцна бебето, детето, адолесцентот… Децата се најемотивните суштества со чиста душа, сѐ додека некој или нешто не ја избербати. Ние не знаеме што е во нивните глави и како ги доживуваат надворешните дразби и сензации. Дури еден, само еден непријатен збор може трајно да ги искомплексира. ,,Челичење” деца со погрдни зборови не е добра воспитна мерка, не му делува секому исто, како и мерката ,,ќотекот излегол од рајот”. Излегол, затоа што таму не му е местото, како што и ,,спартанското воспитување” е за спартанските воини, а ,,челичењето” за железарија, а не за млади луѓе. Наместо да ги удрите кога ве нервираат, гушнете ги силно да ви помине личната фрустрација во вид на губење нерви. Губете ги нервите, ваши се, не ги префрлајте вашите комплекси врз децата. Одбранбениот механизам, за мир во куќа и затворање деца дома, за да не ги мислите што прават надвор со своите врсници, е одбранбен егоизам. Ако се грижите и не спиете по цели ноќи дур не се приберат дома, тоа е ваш проблем, не е на детето. И треба да се грижиме, сѐ позагрижувачки се деноноќијата… Како се создаваат комплекси горе -долу сите дознаваме отпосле, откако ќе се искомплексираме или ќе искомплексираме некого. Но како се лекуваат, знаат само психотерапевтите и стручните лица. Најбитното е како да ги стопираме комплексите во нивниот зародиш, со што да ги превенираме.
Комплексите се недостаток на самодоверба уште од раната возраст, најчесто како последица од недостаток на родителска љубов. Едно од најсуптилните и комплексни прашања е каква треба да е родителската љубов. Одговорот е едноставен: не треба и не мора ништо освен безусловна љубов, исконски и инстиктивно поврзана со родителствувањето. Што е тоа сакање без услови? Дали е љубов децата да бидат секогаш во центар на нашето внимание, причина за постојано угодување или, пак, другата крајност – игнорантски однос, постојано критикување и омаловажување, како би изгледале дека сме ангажирани родители. Двете крајности се база за надградба на комплекси од А до Ш. Ако детето расте со комплекси може да ги порасне во фрустрација, интроверност, но и нарцисоидност и претерана самобендисаност, како параван за складирани комплекси. Не секогаш е сѐ така или-или, има илјадници други нијанси на исфрустрирано однесување. Она што прво ми доаѓа на ум, како родители учител, она што секој од нас може да го користи како ,,скриено оружје” за борба против комплекси се љубовта и смислата за хумор. Тие се неизоставен дел во развојот на емоционалната интелигенција. Секако дека смисла за хумор не е да се потсмевап и шегачиш на туѓа сметка, туку шеги на свое конто. Тоа е нешто што родителите треба да го развиваат кај децата од мала возраст, нивните комлекси кои ескалираат во пубертет, да ги свртат на шега, да ги научат да се шегуваат на своја сметка. Кога ќе се пошегуваш на своја сметка не им даваш ,,храна” на омаловажувачите да те понижуваат, не си им интересен. Нив им се предизвик оние кои страдаат, кое се вознемируваат на нивните гадости или им возвраќаат со иста мера за да имаат кавга. Жедните за расправии и конфликти всушност се жедни за љубов и внимание. Родителска љубов не се мери со удоволувања, болни амбиции, престижни школи, материјални остварувања, ниту со излитени фрази, патем фрустрации во стилот: ,,доволно е што сум те родила (направил) и имаш покрив над главата”. Тоа што сме ги направиле и им обезбедиле услови за живеење е елементарна одговорност на родителот, сѐ уште не е љубов. Ова што ни се случува со децата не е резултат на љубов и добрина. Од љубов и добрина никој не може да страда. Не може да страда ни оној кој е безусловно добар и знае да сака, ако научи да разликува добро од зло. Но ова е време на премолчување на злото, негово заташкување, преоблекување и преобразба. Децата се поистоветуваат со лоши ликови. Адолесцентот талка по својот идентитет и го бара во своите врсници, сѐ почесто во агресивни, дрски и невоспитани пронаоѓа свои идоли. Затоа е очекувано нахално и деструктивно однесување во еден комплетно пукнат систем. Детето убиец покажа нов изглед, нова трансформација од две крајности: од функционално семејство ( угледни родители со титули и секаков комфор зачинет со многу амбиции), со солиден успех, успешен на многу полиња, омилен кај девојчињата и другата крајност на отфрлено дете, жртва на булинг, ученик кој барал помош и бил префрлен во друг клас… Од тие крајности, какви што се и меѓу петка и единица, детето на неполни 14 години станува буквално професионален убиец со плански испланиран масакр. Пукаше во сите нас како единки, како семејства, и во сите институции, особено воспитно-образовните, но ги уби своите соученици и добриот дух на школото… Можеме на него да гледаме и како на жртва, семејна, институционална, архетипска жртва, но и најозлогласените убијци биле некогаш нечии жртви, што не го оправдува нивниот злостор. Сѐ почесто одиме во одбрана на темната страна на човекот, барајќи оправдувања за сторените недела. Очекувам дека ќе дојде време кога и за ѓаволот ќе се најде некое оправдување, дека бил принуден да стане сотона. А да не бил, немаше да знаеме што е добро. Само со љубов и добрина се може против злото. Децата треба да се прават и чуваат со љубов, да се воспитуваат со добро за добри дела, но му остана ли на светот доволно енергија за љубов и добрина…?

















