Морална тапост
Кражба на килограм брашно од маркет, наспроти кражба на лекови за пациенти болни од канцер! Првото е тотално банална кражба, на која и правото не ѝ обрнува внимание, додека второто е факт за тотален колапс на цел систем. Во далечното минато, за првиот случај веројатна казна била да „отиде“ некој прст, што секако не е за оправдување, но со тек на време општеството престанало бурно да реагира на крадењето. Јас ова би го нарекол етапно „морално отапување“, споро но сигурно менување на моралот. Денес не само што нема да ти фали прст како казна за фаќање во кражба, туку ни со прст нема да те покажуваат од страв да не бидеш казнет што крадецот си го посочил… Прстите може да ги користиш за мини аплауз – кој е поуспешен во ограбувањето на државата.
Навикнување на крадење и неказливост нѐ доведоа до состојба, во Македонија криминалот да станува хабитуд, животна навика комплетно оправдана од страна на општеството. А така банално и почнува, поради необрнување внимание за кражба на кило брашно. Ние стануваме комплетно морално отапени и за многу покрупни кражби, од затајување данок на огромен број правни лица, непотизам кој излегува од секоја фиока, сообраќајни прекршоци на „збеснати деца“, корупција на секое ниво и цела плејада „штелувачи“ на тендери на кои тоа и веќе им е животна професија!
Со ова темпо на нормализирање на ненормалното преку добро познатите флоскули: „се снашол“ или „сите така прават“ или мојата омилена „ај гледај си го ти својот живот“ очекувам системот да распука по сите шевови и стане комплетно непотребен поради неговата бескорисност при заштита на граѓаните! Прашање на време и обем на криминални дејствија е кога и втората гадост од првата реченица на овој текст ќе биде опишана со: „ај гледај си го ти својот живот“. Веројатно и тогаш нема да сфатиме дека за да си го гледаме својот живот треба да го изостриме затапениот морал и да престанеме да бидеме амеби кои распаднатиот систем ги носи низ вода!
Шекспировата Данска е првокласна горгонзола во споредба со силната смрдеа акумулирана од гнилежот на повеќедецениското распаѓање! Овој пат нема да кажам: „погледнете се во огледало“, туку ќе ве замолам да ги погледнете сите околу вас и да размислите за нивните гревови пред кои свесно замижувате и не ги осудувате, само затоа што ги познавате тие луѓе. Тоа е првата фаза за ископ на одамна заборавениот општествен морал, по што следи она најтешкото – прв нека го фрли каменот оној кој е безгрешен!

















