МИР
Говорот за мир, единствено решение за решавање на кризата
Македонија се соочува со криза на социјален, економски и политички план. Секојдневниот раст на цените во маркетите, на енергенсите е показател којшто говори дека се наоѓаме на работ од сиромаштија како држава. Во периодот кој следи пред нас кризата и натаму ќе се зголемува и за секој мудар човек ова е предизвик кој само со многу посветена работа ќе може колку-толку да се преброди.
Кризата со војната во Украина длабоко навлезе во четвртиот месец и многу е жално не само за Македонија, туку за целата светска заедница што говорот за мир и изнаоѓање решение за стопирање на овој конфликт не постои во вокабуларот меѓу завојуваните страни. Конфликт од овој размер во кој се спротивставени двете најмоќни воени сили во светот НАТО Алијансата предводена од САД и ЕУ и Руската Федерација веќе предизвика последици во светски размери каде ниту еден жител на земјината топка директно или индиректно не ја плаќа оваа неразумна војна.
Евидентно е дека богатите држави со оваа криза многу полесно ќе се справат, меѓутоа нивното процентуално учество во севкупната светска заедница не поминува ни 10 проценти. Останатите држави се соочуваат со невиден раст на цените на енергенсите, суровините, храната, облеката и производите кои секојдневно ги користат во домаќинствата и сообраќајот. Немирите од социјален аспект веќе се отпочнати во многу држави, вклучително и Македонија. Македонија како членка на НАТО Алијансата несомнено има обврска да ја држи страната на оваа воена Алијанса. Би било упатно богатите земји од Алијансата, барем кон членките на НАТО, кои се многу посиромашни како чин на солидарност да понудат блок мерки за помош за справување со сиромаштијата која што веќе наголемо чука на портите на овие сиромашни земји. Проблемот со сиромаштијата е веќе глобален и ги надмина границите на локално ниво.
Македонија како земја со многу кревка економија влегува во редот на земји кои со својот надворешен долг досега до ниво на неиздржливост. Потезите на Владата за справување со актуелната криза ги толкувам како шминка. Од друга страна политичката состојба во Македонија е многу сериозна бидејќи актерите на политичката сцена, наместо да се усојузат и да направат експертска Влада за справување со оваа криза, настојуваат и понатака да го практикуваат системот за освојување на фотелји. Летото брзо ќе помине, каде вообичаено животот на граѓаните во Република Македонија е поевтин, меѓутоа веќе од есен со отпочнување на новата школска година ќе ги почувствуваме сите предизвици кои ќе бидат врзани со пребродување на зимата во сите полиња од нашето живеење, енергија, храна, облека, со еден збор тешко ќе можеме да преживееме.
Упатувам апел до НАТО Алијансата да покаже вистинска грижа за нејзините членки кои се на работ на огромна социјална криза. Апелот го упатувам и до сите политички партии да седнат на заедничка маса и се договорат за итно формирање на експертска Влада, која ќе биде комплетно посветена на решавање на кризата за периодот што претстои.













