Време е да се разбудиме
Искрена благодарност до Бундестагот на Сојузна Република Германија за изгласаната резолуција поврзана со нас, Македонците, нашиот јазик и култура. Мое лично мислење е дека Бундестагот требаше да изгласа резолуција со која се осудува Република Бугарија за флагрантно мешање во внатрешните работи на нашата држава, поставувајќи услови кои реалниот цивилизиран свет тешко може да ги разбере.
Дискусиите во Бундестагот и ставовите на партиите кои не гласаа за оваа резолуција за мене се издржани.
Партијата на поранешната канцеларка Ангела Меркел ЦДУ, не гласаше за оваа резолуција, бидејќи праведно се залага за влез во европското семејство на сите земји од Балканот. Десничарската радикална партија во Бундестагот претставена од Маркус Фронмајер, сликовито ги опиша земјите од Западен Балкан дека не треба да бидат дел од ЕУ, поради криминалот, корупцијата и бедата која владее во регионот, вклучително и Македонија. Оваа изјава на господинот Фронмајер за мене е точната дијагноза на целиот регион. Оваа изјава треба да биде поттик на нас, граѓаните од регионот и вклучително од Македонија да отворено застанеме против криминалот и корупцијата во земјава, бидејќи во основа го гуши стопанскиот развој на земјата создавајќи голем процент на социјално загрозени граѓани.
Европа не сака просјаци во своето семејство кон кои ќе биде обврзана да им го регулира социјалниот живот.
Време е да се разбудиме.













