Буква И
„И“ – најчесто употребуваниот сврзник кој спојува реченици, но и почетна буква на која започнува хоророт во машката глава и разделување „брегови“.
И-импотенција, разидување на мозокот и пенисот, две разделени глави несинхронизирани за иста функција. Доволно е да ја погледнете сцената од филмот „1900“ на Бертолучи, каде Берт Ланкестер соочен со својата немоќ ќе се обеси, за да ја сфатите сериозноста за загриженост кога мажот се соочува со импотентност. Зборот е од латинско потекло и значи немоќ, неспособност на мажот за полов однос (кај жените фригидност или неспособност за доживување оргазам). До 40-та година речиси секој маж може да има проблеми со ерекцијата, што е природно и објасниво (стрес, премор, напнатост, алкохол или „пивски пад“ …). Психолошкиот момент е многу битен, некогаш пресуден за повременото „промашување“ да прејде во дисфункција или импотентност.
Добрата вест е што само во мал процент импотентноста е од физичка природа која се решава и во голем процент е излечива. Причините за привремената импотентност може да бидат од различна природа и во зависност од расположението и психо-физичкото здравје. Може да е од механичка природа и медицински решливо. Најбрза, самопрегледувачка проверка од каква природа е импотентноста: ако имате утринска ерекција или народски „зорњак“ и без проблем мастурбирате, а проблемот се појавува при партнерски однос, тогаш е од психичка природа. Многу често одредени медикаменти може да влијаат врз ерекцијата и потентноста, затоа секогаш треба да сте во релација и консултација со уролог, исто како жените со гинеколог. Мажите одбегнуваат совети, дури и кога вијагра е во прашање, што е многу погрешно и опасно кога решението е на своја рака. Сексолози и сексуални терапевти, за жал, многу ретко кај нас, иако со сексуалноста може да се занимава секој доктор. Но, имаме одлични уролози за да побарате помош, како почитуваните д-р Сотир Ставридис (трета генерација врвни уролози) и една од ретките жени уролози д-р Маја Софрониевска Главинов. За импотенцијата од психијатриски аспект, пишува д-р Славица Арсова, чија магистерски труд е токму на темата сексуални дисфункции: – „Импотенција или еректилна дисфункција е сексуална дисфункција кај мажите која подразбира неможност за постигнување доволна ерекција за успешен сексуален однос.

Проф. д-р Славица Арсова
Причините може да бидат органски или психолошки, во склоп на некои душевни растројства, заедно со губење желба за сексуален однос или одделно. Доколку причината е психолошка, се советува психотерапевтски, но и фармаколошки пристап со цел подигнување на желбата, но и редуцирање на анксиозноста за постигнување успешен генитален одговор“. Прераната ејакулација е најчест сексуален проблем кај мажите кои не издржуваат онолку долго колку ѝ е потребно на партнерката. Дур се наместиш – готово! Иако, и долготрајно „пумпање“ може да биде непријатно. Сепак траењето е индивидуално, некому три минути некому триесет и три за конечно и обострано задоволство. Ако сте имале во младоста тренинзи за брз оргазам, (набрзинка за да не ве фатат на дело) истренирани сте за брза ејакулација. Годините и постојан партнер ги решаваат проблемите и секако, старата добро позната техника за мастурбација – најделотворниот начин за контролирање и воздржан оргазам, што би рекле „на одложено“. Занимлива информација: во просечен ејакулат има 150 кј, а за време од 60 минути секс се согоруваат 630 кј. Знаењето е моќ, знаењето е потенција!
И-истовремен, симултан оргазам: филмски трикови, но и врв на компатибилен партнерски однос зачинет со љубов. Истовремен оргазам е посакуваниот момент на вистината, кога партнерите истовремено го доживуваат врвот на задоволството. Веројатноста надвор од филмското платно е минималистичка, но не и невозможна за еден таков романтичен момент, па нека е и само еднаш – драгоцен е.
Бидејќи на жените им треба повеќе време да стасаат до преоргазмичката фаза, мажите треба да ја стимулираат партнерката до оној момент кога ќе осетат дека вулканот ќе исфрли лава, што додатно ги возбудува и само едно движење или зафат – обајцата кулминираат до оргазмичен расплет. Во книгата „Жежок секс“ на Трејси Кокс стојат податоци дека симултаните оргазми се можни кај 25% од испитаните мажи, а 14% кај жените (стр. 121). Секако, испитаниците не биле во партнерски однос за да се поклопат процентите.
И-Инфертилност (in – не, fertilis-плоден): неспособност за додржување на плод. Инфертилна жена може да забремени, но набргу доживува спонтан абортус, најчесто околу првите три месеци. Може да ѝ се случи само еднаш, но може да се повторува. Секако, благодарение на напредната медицина, многу случаи се решаваат со правилен медицински, хируршки и фармаколошки третман со одредена хормонална терапија. За инфертилноста, д-р Татјана Гуржанова од Newborn Clinic – Центар за плодност: – „Инфертилност е поширок поим за неможност за здраво бебе. Денес веќе не се користат термините „стерилитет“, „стерилен“ или „стерилност“, бидејќи со новите можности на медицината не постои апсолутна стерилност.

д-р Татјана Гуржанова
Инфертилитетот кај еден пар може да биде предизвикан од машки и женски фактор или од непознато потекло, кога навидум сè е во ред, но не доаѓа до здрава бременост. Во последно време сè повеќе е застапен непознатиот фактор, каде огромно влијание има храната што ја јадеме, водата што ја пиеме, воздухот што го дишеме, стресниот живот на кој сме изложени. Подигнат е аларм на светско ниво, дали со цивилизациските придобивки ќе престанеме да се размножуваме по природен пат како човечка раса? Одговорноста е на сите нас“!
И-Инцест: (incestare – извалкано, осрамотено) родосквернавање или сексуален чин со крвно сродство. Инцестот низ историјата бил вообичаен чин, особено во првобитната заедница. Вавилонската царица Семирамида го озаконила инцестот заради зачувување на наследството, како и египетските фараони кои морале да се женат со своите сестри. Со регулирање на бракот и брачните односи инцестот се забранува и станува табу-тема. Сексуална одбивност која ја чувствува психички здрав родител кон своите деца е последица на општествениот и културен развој, воспитувањето и социјализацијата.
Многу инцестуозни мотиви се запишани низ легендите кај различни народи, во облик на чувство на вина и причини за несреќи и трагедии, како на пример библискиот лик Лот и неговите ќерки, Сигмунд и Синглинда или старогрчката трагедија за царот Едип кој не знаејќи со оженил со мајка си Јокаста. Четирите нивни деца, зачнати во родоскверна постела, ќе бидат несреќни, проколнати и осудени на трагичен крај (браќата Полиник и Етеокле се убиваат, Антигона се беси, а Јокаста споулавува). Денес, инцестот е казнив чин до второ колено. За жал присутно е, се среќава кај психички растроени лица, малоумни, психопати, но можно е и кај тешки алкохоличари. Инцестот сè уште е строго чувана семејна тајна, која за жал доцна се открива. Жртвата може да расте со чувство на срам, страв, вина, гнев, посттрауматски стрес, но и минимализирање или порекнување на чинот.
И-Инволуција (involvere – замотување, затскривање): исчезнување на полови функции во староста, слично со климактериум и андропауза. Во климаксот кај жените исчезнува можноста за плодност и раѓање, но не и сексуалната желба и активност.
Исчезнување на сексуалните потреби е фаза на инволуција – спротивно од младешката сексуална револуција. Кај мажите поспоро се губи желбата за секс. Во екстремни случаи, во староста понекогаш може да се пројави несклад, дисхармоничен однос помеѓу желбата и можноста за секс, полов нагон без потенција, (она кога тој би – ама не може). Кога не преовладува разумот и социјалните закони, може да се случат крајно перверзни ситуации, сексуални деликти и настраности како педофилија.
И-Инфибулација (fibula – копци, копчање): древна постапка присутна кај старите народи и племиња која подразбирала копчање, сошивање, затворање на половите органи за да се спречи сексуален однос кај двата пола. Кај старите Римјани, Персијци и Индијци инфибулацијата била постапка со која ги онеспособувале робовите да ги напаѓаат жените, навлекувајќи им метален прстен на глансот. Аналогно со мажите, и на младите девојки, особено на робинките, за да им ја сочуваат невиноста им ги сошивале големите усни на вагината (женско обрежување). Болно и нехумано копчање и начин за онеспособување полов однос. Подоцна во средниот век мажените или ветените жени ќе носат железен „појас на невиност“ чиј клуч го поседувале нивните мажи.
За жал и во новиот милениум дискриминацијата на жените во некои земји како Судан, особено кај муслиманското население, е сè уште присутно во истиот облик на обрежување или комплетно отстранување на клиторисот. Од вагината останува само мала дупка доволна за истекување урина или менструална крв. Бруталноста оди и до таму, што жените не смеат да уживаат во сексуалниот чин кој има свој ритуал: врз сопругата, мажот става чаршаф со дупка кај вагината, за да ја оплоди без да почувствува задоволство. Сепак е среќа за нас жените што сме родени тука и немаме соседи Талибанци.
И-Интерсексуалност (inter + sexsus – помеѓу полови): непотполна изразеност на секундарни и терцијарни полови ознаки кај двата пола. Интерсексуалната индивидуа покрај особните знаци на базичниот пол носи силно изразени особини на спротивниот пол.
Причината е во нарушувањето на функциите на штитната жлезда со внатрешно лачење. Женската интерсексуалност е вирилност, а машката фемининост. Термин кој опфаќа над 40 дијагнози кај луѓе чии биолошки одлики не се вклопуваат во типично машки или женски (атипични гениталии, хромозими, хормони), што нема врска со родов идентитет или сексуална ориентација. Интерсекс личности не треба да се поистоветува со трансродовите чии родов идентитет се разликува од полот со кој се родени. Скратеницата LGBTI подразбира човекови права на лезбијки, геј популација, бисексуслци, транс и интерсекс лица.
И-Инхибиција: феномен познат како инхибиција на сексуалната желба или ненормално смалување на желба за сексуален однос. Причините може да бидат различни, како депресија, стрес, партнерска кавга, губење интерес заради хормонален дисбаланс, бременост и др. Често се случува судир на различна заинтересираност за сексот и разлика помеѓу очекуваното и оствареното (теорија и пракса).
Ако еротската желба не е складна и обострана доаѓа до разидување на потребите, едниот би често, другиот ретко или никогаш. Е тогаш постои опасност од третиот, ама не во функција на „тројка“ туку на „трета мајка“. Третата (помошна) линија во брачниот триаголник може да ги зацрта желбите засекогаш и да стави точка. Тогаш настапува предизвикувачкиот инхибит – попречување во партнерските односи и нивно сериозно разидување во брачниот кревет. Наместо да се инхибитирате, инхалирајте се со некое етерично масло полно афродизијак и дајте си знак за тревога – ако не сакате вие, има кој ќе посака!
И-Интраутерина влошка: спирала, која со години наназад имаше негативна репутација во медиумите. Механичко контрацептивно средство против забременување, кое на жената може со години да ѝ делува благотворно и без проблеми. Има два типа бакарни спирали и всушност бакарот е контрацептивното средство кое ја менува можноста за пренос на сперматозоидите.
Најважното, при уфрлањето на тие два центиметри спирала, е да се одвива во гинеколошка ординација, со претходен преглед и брис од вагина. Ако ви „легне на брашно“ од прва, ќе бидете комотни 5 до 8 години, во зависност од квалитетот на спиралата. Многу жени се задоволни од спиралите, зашто претходно од контрацептивни апчиња имале мачнини и главоболки, од дијафрагма добивале цисти и алергии од кондоми. Важно е жената да има избор, исто како избор на партнер, не секој може од прва да ѝ „легне“.
И-Иригатор: направа за уфрлање вода или други течности во вагина заради прочистување. Внимателно со негова употреба и никако често, затоа што може да ја иритира вашата природна pH-вредност на флората од вагината.
И-Инстинкт (instinguere – поттикнување): вродена способност својствена за животинскиот вид да дејствува корисно за себе и своето потомство. Таквата несвесна побуда, делување без многу размислување, е интуитивно и инстиктивно. Поимот инстинк треба да се разликува од поимот нагон кој е вродена потреба за нешто што човекот го доживува во чуствителната сфера на својата личност, реагирајќи со емоции на пријатност и непријатност, во зависност дали ја задоволил својата нагонска потреба.
Инстинктот, напротив, е збир на одредени работи кои човекот автоматски ги извршува за да ја задоволи нагонската потреба, а притоа не мора да се учи како треба – тие се веќе природно всадени меѓу моторичките функции во мозокот. Така што, во сексуалниот живот желбата за секс е од нагонска природа, а самиот чин се случува инстиктивно. Има нешто добро во природно вродените инстинкт и интиутивност кои те прават автентичен при водење љубов. Секако, секој би посакал партнер со инстинкт на тигар (тигрица) во кревет и верност на лебед.


















