Сексуална азбука

Буква Ѕ

S-Sиркачи

Буква S! Елегантна, налик на грациозен лебедов врат, ексклузивна и препознатлива како фонема само во македонската азбука. Единственоста алудира на посебност, а не на случајност, токму во македонскиот јазик да остане буква преземена од старословенскиот јазик. Убави зборови во нашата убава азбука почнуваат на буквата S: sвезда, sуница, sвоно, но и sиркач. Љубопитноста како одлика на приматите, во последно време благодарение на медиумската (не) култура и податливоста на електронската комуникација, доби нова димензија – секој секого може да sирне во неговиот електронски профил и тоа не само во дворот или ходникот, туку и во спалната соба.

Триумф на старата лоша навика за „пикање нос“ во туѓи животи доби тривијалност преку реалните шоу емисии. Големата гледаност на реалити шоу програми го потврдува фактот дека примитивизмот кулминира и заличува на гладијаторската арена каде се расчеречува човековото достоинство, во име на дегутантна забава, парите и квази популарноста. Медиумската проституција стана хабитус, јавните серви налик на јавни куќи кои отстапуваат простор за бестијална програмска политика. Кога културата станува инструмент на каква било и чија било политика, тогаш спорни се двете! Со неподнослива леснотија толерираме нетолерантниговорници, се навикнуваме и навлекуваме на вулгарност и што е најтрагично, ги имитираме и репродуцираме. Нарцисоидниот нагон дека не ни треба здрава конкуренција за подобар квалитет, создава паразитска итривијална атмосфера каде културата се храни со горчливи голтки популизам во стилот: „ги слушам и гледам простите за да им ликувам со својата нарцисоидна несамокритичност, дека сум интелектуално супериорен“. Популистичката „естетика“ лаконски го деградир авреднувањето во име на личните убедувања за вредностите, затскриени зад параванот на лесна заработувачка. Митологизираната историја, авторитарниот менталитет, наталожени предрасуди, политичката некултура и sиркачката опсесивност го туркаат општеството во еден ментален и морален амбис. Кадровската политика во културните институции каде „логички“се ставаат на позиција политички подобните, како бумеранг ни ја одложува културата за некој идни подобри времиња, а се полоши и полоши стасуваат.

Ние не sиркаме во реалити шоу програми, ние ги живееме во нашата примитивна реалност и шоуто никако да замине! Моќта на медиумите се надминува, веќе не сме свесни колку им се може! Се што не постои на медиумските канали како да не постои во реалноста. Медиумските канали на сите можни фреквенции го трансформираат гледачот во воајер, sиркач на инсценирани спектакли.

Дали некој од редовните sиркачи на популарните шоу емисии, не можел да го препознае сопствениот момент на вистината преку Орвеловата порака од фантастично реалниот роман „Животинска фарма“? Во неговиот роман животните имаат човечкиособини, а на медиумските фармие обратно! Во реалните шоу емисии како „Фарма“ се е релативно, освен човечката глупост, таа е апсолутна. Исто колку и глупоста да се гледаат. Обликувањето или „облекувањето“ на реалноста по вештачки пат е бесрамно соблекување, поточно соголување на индивидуалноста и интимноста, што е всушност перфидно одземање на слободата. Да се одрекнеш од својата интимност и приватност е психолошки проблем. Достапната порнографија возрасните не ги трауматизира (некого и инспирира) колку што за децата може да биде голема траума и фрустрација за цел живот. Во една од првите емисии: „Моментнавистината“, 60-годишен маж под детектор, рефлектор, сопругата и публика, дрско „храбро“ изјави дека спиел со малолетни девојчиња! Доби аплауз и си отиде дома, со жена му под рака.

„Трагичната“ хрватска хероина со солзи (радосници) прими чек од 206 000 евра затоа што „во име на љубовта“ општеше со туѓ маж пред очите на сопствениот маж и малолетниот син, кои будно ја следеа преку малите екрани. Можеби демократијата отиде до таму децата да им се радуваат на еврата без оглед како се заработени? Можеби демократијата ќе оди дотаму да се озаконат инцестот, педофилијата и бестијалноста како право на избор или слобода? Немањето граница или мерка, како и погрешното поимање на поимот демократијата, под параванот на услужните и комерцијални медиуми, е видливо присутна опасност за невидливиот непријател на здравиот разум, глупавоста или интелектуалната инфериорност. Се шири побргу од кој било вирус и не постои вакцина или противотров. Кога не можеме да живееме во сопствените животи, влегуваме во туѓите, првин sиркајќи, а потоа нахално пробивајќи ги сите културни бариери во име на вистината, која впрочем на „вистинољупците“им е битна за да ја изразат сопствената небитност. Како да ги живееме ходниците на Кафка, секој секого може да кодоши и набљудува. Ја живееме судбината на ликот од романот на Кафка „Процес“, Јозеф К. кој виновен без вина учествува во барањето сопствена вина за да му помогнеме на системот за самоелиминација. Активно глупавиме пасивно примајќи туѓи вистини, пред да ја истражиме сопствената, пред да расудиме за неа со здравиот разум. Виновни ако не се вакцинираме, виновни ако се вакцинираме, бомбардирани д медиумите полека но сигурно полудуваме. Не сакам да помислам што ќе беше со светот Хитлер да поседувал неколку медиуми, наместо мегафонот! Моќта на медиумите во новиот милениум нè поттикнува да размислуваме за нивната оправданост, но и штетност. Денеска, ако нешто не се појави во медиумите во кој било облик, исто како да не постои во реалноста. Треба многу внимателно да ги следиме и селектираме медиумските презентации, нивната перцепција на реалноста, но и нивното влијание и потенцијалната негативна порака врз нашата свест. Безброј информации преку мас-медиумите, голем избор на ТВ канали, интернет портали кои се множат и мамат со своите перформанси, го збунуваат човекот кој едноставно не може да се снајде во таквиот обемен и хетероген информациски систем. Вестите сè почесто почнуваат со негативниитрагичниинформации, скандалите и т.н. „хејтерство“ по интернет порталите стана неминовност иалатка за примитивно прифаќање на невистини преполни со предрасуди. Sиркањето во туѓ живот е лична слабост, немоќ здраво да го живеш личниот дигнитет. Sиркањето во туѓата интимност е воајеризам, сексуална настраност и немоќ за доживување сексуална возбуда при интимен партнерски контакт. Sиркачите се исто што и „свиркачите“, ама не оние што свиркаат од незадоволство од натпревар или претстава, кога исвиркуваат нечиј настап или говор, туку оние кои на беден sиркачки начин доаѓаат до одредени информации и ги пренесуваат со Јаговски порив, да направат интриги.

Сплеткарите се всушност традиционалните sиркачи, луѓе со „шарени“ очи, гедаат на сите страни освен во очите на другиот, оти се неспособни да додржат поглед и да погледнат човечки очи во очи. За крај, како оправдување на тематската рамка на Сексуална азбука, ако се прашувате што има врска сексот со sиркачи и sиркањето, sирнете се во огледалото, онака попатно и преиспитајте се дали ви се случува понекогаш да го sирнете вашиот сексуалне партнер кога се облекува (соблекува), тушира, спие или вежба гимнастика, а притоа да осетите сексуална возбуда? Ако е така, вие и вашиот партнер сте среќни и вљубени, таквото sиркање е здраво, па нека е и низ клучалка … Има нешто еротско во sиркањето на саканата личност, нешто како игра пред предигра.

 

Можеби ќе ви се допадне

Сексуална азбука

Буква А

Ааах тој секс… Неверојатно колку многу се користи буквата А при сексуални односи, или повозвишено ...
Сексуална азбука

Буква Г

Грррр … Громогласна, Грлата, Грешна, Голем, Галантен, Геј, Големина – некому фрустрација, некому сатисфакција. Буква ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %