Став на Костовски

Балканска шведска маса-Македонија

Кај многумина сè уште се свежи сеќавањата од Балканските војни, водени 1912-1913 година против Отоманската империја од страна на сојузниците Србија, Бугарија и Грција, а подоцна и војната меѓу сојузниците Србија, Грција и Бугарија за распределба на македонската територија, вклучително и денешна Македонија.

Впечатокот дека денес се игра нова преигра за можни конфликти околу територијата на денешна Република Македонија, е сè поприсутен. Денес несомнено четирите соседни земји со голем интерес ја следат севкупната економско-политичка состојба во државата, чија цел е повторно вклучување во финалното расчеречување на Македонија, доколку тоа се случи. Ако во Втората балканска војна имаше три завојувани страни, а тоа се Србија, Бугарија и Грција, денес како сериозен играч кој има претензии кон територијата на Македонија е и Албанија. Ние, Македонците со останатите ЈУ Републики оформивме сопствена држава 1945 година во рамките на ФНРЈ, а подоцна СФРЈ, каде што ние Македонците станавме конститутивен народ на Република Македонија. До 90-те години на минатиот век сè додека постоеше Југословенската федерација, апетитите на нашите соседи, особено Бугарија и Грција, беа длабоко скриени, но никогаш не исчезнаа. По распадот на СФРЈ, Република Македонија го минува најтрнливиот пат. Најголемата пречка во меѓународното признавање на Република Македонија од страна на нашите соседи сме токму ние, со името Македонија како држава, Македонец како националност и сето културолошко, цивилизациско наследство под име македонизам. Впрочем, не е хеленизмот, туку македонизмот е вистинскиот именител на историското античко минато на овие Балкански простори.

Деновиве бевме сведоци на официјална средба на лидерите на политичките партии од Албанскиот блок на Македонија, со премиерот на Република Албанија Еди Рама во Тирана. Овој чин беше објавен во медиумите, а убеден сум дека истиот можеше да биде организиран и тајно. Се поставува прашањето зошто е потребна ваква гламурозност? Несомнено е дека партиите на етничките Срби и етничките Бугари во Македонија одржуваат честа комуникација со матичните држави, меѓутоа таквите средби не се официјализирани во јавност.

Република Македонија во целиот нејзин континуитет како независна држава веќе 33 години, претрпе три Уставни измени кои ни го одземаа на нас, Македонците, конститутивниот статус во Република Македонија. Ние, Македонците станавме само една од етничките заедници кои денес живеат во Република Македонија. Со Преспанскиот договор ни се одзеде нам Македонците античката и средновековната историја и станавме Северно Македонци со сопствена историја од 1945 година па наваму. Вината за сите лоши потези во нашето разнебитување ја гледам токму во нас, Македонците. Не успеавме да пораснеме и да научиме што е национален идентитет и како истиот треба да се чува и брани. Ја изгубивме државотворноста во сопствената татковина, Република Македонија и согласно денешните барања од нашите соседи ние, Македонците во идното европско семејство треба да влеземе обезличени.

Дали нашите Македонци премиери и претседатели на држава, еднаш се сетиле да организираат манифестација или собир на нашите Македонци од соседството и дијаспората? Зошто толку лесно се откажавме од нашите Македонци кои денеска живеат во соседна Србија, Грција, Бугарија и Албанија? Во екот на помпезниот ручек меѓу Еди Рама со лидерите на албанските политички партии од Македонија во Тирана, чувме изјава на Павле Воскопулос-Филипов, претседател на Здружението Виножито од Грција кој укажа дека тукушто отворениот македонски клуб во Лерин бргу ќе биде затворен, бидејќи Грција не признава македонско малцинство во својата држава.

Во оваа прилика сакам да упатам порака до лидерите на најсилните македонски партии: „почнете да го собирате нашето македонско растурено ткиво и убедете го дека тие имаат сопствена матична држава која води и ќе води грижа за нив, како што впрочем денес тоа го прават и нашите соседи Србија, Албанија, Бугарија и Грција“. Под итно треба да се извлечат поуки од вакви перфидно пораки, како треба да се сочува ова кревко македонско ткиво. Ние не сме Шведска да нудиме „шведска маса“, нашата трпеза е традиционална.

Можеби ќе ви се допадне

Став на Костовски

ПРЕДИЗБОРИЕ

Со големо внимание ги прочитав изјавите на двата најсериозни кандидата господин Пендаровски и госпоѓа Силјановска-Дафкова, ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %