ШТО ТРЕБА ДА БАРАМЕ НА СЛЕДНИТЕ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ
Почитувани читатели,
Анализирајќи ја севкупната состојба во Република Македонија која навистина е многу хаотична, ќе се изјаснам со мој став за тоа кому треба да му го дадеме нашиот глас на следните избори, согласно потребите на нас граѓаните и општеството во кое живееме.
Првин треба да излеземе од прангите, дека сме војска на одредени политички партии на кои им робуваме.
Треба да бараме:
- Да се инсистира на бесплатно здравство во цела држава и приватни институции во земјава, а не како до сега приватното здравство да биде привилегирано за одредена категорија граѓани, а јавното здравство да биде тотално руинирано, неподготвено да одговори на потребите на граѓаните.
На ова прашање поканувам поединци и интелектуалци кои треба да помогнат во креирањето на ова базично барање од нас, граѓаните.
- Да бараме бесплатно образование. Најнапред образовниот систем мора темелно да се рестартира за да одговори и приспособи на потребите на општествениот развој на Република Македонија. Образованието на секој поединец треба да почне од најраната возраст, т.е. јасли, забавиште, основно, средно и високо образование.
И на ова прашање ги поканувам сите стручни лица да дадат предлози, како и постоечките образовни институции кои треба да се редефинираат и стават исклучиво во интерес на граѓаните и државата.
- Белата чума која веќе полни две децении ја тресе Република Македонија, поткрепена со масовно иселување на претежно младата и репродуктивна популација, нè става во безизлезна ситуација, бидејќи во основа го губиме најсилниот капитал во нашава држава, а тоа е младиот човек. За мене нема поважен капитал од човекот. А кога истиот човек добро ќе го образуваме и ќе има силна здравствена заштита, тогаш тој ќе може да даде голем придонес, најнапред за личниот и семејниот развој, а додатно и на целото општество.
Моите размисли се како да се спречи овој масовен егзодус, кој после завршување на пандемијата Ковид-19 добива размери на нова пандемија, ама овој пат поопасна за опстанокот на сопствената држава и сопственото огниште. За да може, секој средно или високо образован човек да има загарантирано вработување со додатна материјална помош за неговата нова животна фаза, кога треба да почне да заработува за себе, за своето семејство и за целото општество, треба на истиот да му се овозможат услови за достоинствен живот во татковината.
Приоритет на материјална помош за секое новосоздадено семејство и со солиден детски додаток за секое новородено дете. Приоритетен пристап при вработување да имаат лицата со попреченост, секако со додатни материјални бенефиции.
Почитувани читатели, сето горенаведено како човек роден во бившата ФНРЈ и СФРЈ го имам почувствувано во форма и начин кои за тие времиња важеле.
Животот и светогледите на денешните нови генерации по многу нешта се разликува од мојот свет, меѓутоа хуманата димензија на нашето дејствување мора да ја задржиме согласно новите предизвици кои стојат пред нас.
На крајот упатувам порака која гласи: „Време е ние граѓаните да бараме од нашите политички партии, кои учествуваат на парламентарните избори, нешта кои значат живот и опстанок на секој од нас“.
Партиите кои ќе се нафатат да ги реализираат нашите барања, треба да ја добијат нашата поддршка.
Следат мои размисли, а од вас очекувам соработка на темите: економски развој, култура и спорт.













