Уметност на кожа
Оваа недела разговаравме со Ева и Дамјан – дел од тимот на „Индиго“ студиото за тетовирање. Нивните вешти раце мастилото го претвораат во вистинска уметност на човековата кожа!
Колку е специфично цртањето по кожа во споредба со она на платно или хартија?
Ева
Цртањето на хартија или сликањето на платно е уметност каде што е дозволена целосна слобода, секој несакан добиен тон може да се замени и покрие со друг, или секоја погрешна линија да се замени со друга. Додека цртањето по кожа односно тетовирањето бара поголема концентрација посебно за линиски и геометриски тетоважи каде што се знае точно секоја линија каде треба да биде исцртана и не дозволува игра со менување на тонови на боја на едно место, затоа што се работи за кожа и имаме реакција од истата.
Дамјан
За разлика од цртање на хартија или платно, цртањето на кожа, односно тетовирањето е сосема посебна уметност за која се потребни многу повеќе вештини. При секоја изработка на тетоважа секој артист мора да има максимална концентрација, бидејќи откако еднаш ќе се исцрта линијата, за жал нема враќање назад. Кожата ја гледам како живо платно кое, за мене лично, е поубаво со додадени бои. Баш тој факт, бидејќи е живо и е дел од еден многу сложен организам, го прави цртањето доста покомплициран и позахтевен процес.
Колку време ви требаше да ја усовршите техниката?
Ева
Пред да започнам со тетовирање претстоеше период каде што само гледав и постепено почнував со ситни делови додека не се почувствувам сигурна за да изработам целосна и самостојна тетоважа. Тоа сигурно беше процес од една година. Инаку постојат многу техники на тетовирање, можам да кажам дека имам пробано неколку од тие и ги користам тие што повеќе ми лежат.
Дамјан
Тетовирањето според мене е уметност која не може скроз да се усоврши. Општо човекот учи додека е жив, така е и со техниките кои се применуваат, постојано учиш некоја нова или пак се подобруваш во некоја друга. Уметноста е таква што од секој можеш по нешто да научиш, и од тие кои се „подобри“ и од тие кои се „полоши“, па поради тоа не постои некој момент во кој ќе можеш да кажеш „Готово ова веќе го знам, скроз совршено е, сум го достигнал врвот на техниката“. Постојано има простор за откривање на нешто ново или пак за подобрување на нешто што веќе го применуваш.
Кои делови од телото се најкомпликувани за тетовирање?
Ева
Пределот на стомакот е едно од посензитивните места за тетовирање, затоа што се работи за место каде што кожата е мека и не е оптегната, а тоа ја отежнува работата. Исто така, чувствителен дел од телото е и пределот на вратот поради неговата поставеност.
Дамјан
Повеќето делови од телото каде е потешко кожата целосно да се оптегне се покомплицирани за тетовирање. Причината лежи во тоа што кога кожата не е убаво оптегната, иглата тешко пенетрира и бојата не може убаво да навлезе. Вратот е исто така поспецифичен дел од телото за тетовирање, бидејќи кожата таму е многу тенка.
Сте имале ли необични барања од клиенти?
Дамјан
Секој човек, како и за други работи, па така и за тетоважи има различен вкус. Некои луѓе за одредени работи може да мислат дека се невообичаени, на други луѓе пак ќе им бидат сосема нормални и секојдневни. Според мене тетовирањето сепак е уметност, и сметам дека треба секогаш да се почитува вкусот и желбата на секој клиент.
Дали тетовирањето е сè уште табу во Македонија?
Ева
Со текот на времето тетоважите станаа дел од животниот стил и на нашиот народ. Ако порано повозрасните генерации беа тие кои имаа предрасуди за тетоважите, денес се почесто имаме и таква клиентела. Едноставно се менуваат времињата, трендовите и луѓето. Новите генерации, носат и нови трендови.
Дамјан
Во денешно време ретко за кого тетовирањето е табу-тема. Обично слушаме гласини дека постарите се оние кои се „против“ тетоважи и декорирање на телото, но јас би кажал дека главно не е така. Во последно време баш и повеќе работиме со клиенти од гореспоменатата генерација.
Колку најдолго сте работеле на една тетоважа?
Ева
Вообичаено една целодневна сесија трае од 6-8 саати, но се случува ако се работи за посложена тетоважа сесијата да трае и 9 часа.
Дамјан
Една целодневна сесија во нашето студио трае од 6 до 8 часа, но има тетоважи кои се прилично големи и не е возможно да се завршат за тоа време. Изработката на таквите тетоважи обично се дели на повеќе сесии во зависност од големината на истите. Сепак за мене најдолга целодневна сесија е околу 10 часа.
Имате ли омилено дело?
Ева
За еден уметник секое негово дело има посебно значење. Не би можела да издвојам едно, но можам да го издвојам реализмот како правец кој особено ме исполнува.
Дамјан
Сите тетоважи кои ги имам изработено ги сакам на еден или друг начин. Ги гледам како оставање на моја трага на луѓето, која ќе остане со нив засекогаш. Но, настрана од тоа преферирам да изработувам тетоважи во боја кои се инспирирани од јапонската култура, аниме или пак black, dark work тетоважи.