Пркос
Почитувани читатели, недоследностите при водењето на Еуростандард Банка во стечај, од страна на Народна Банка како директен егзекутор, како и логистичка поддршка добиена од тогашната Техничка влада, собрание, ОЈО и судство на Република Македонија, многупати во изминативе три и пол години беа евидентирани во моите колумни со прецизни факти.
Верувам дека читателите кои ме читаат и следат на оваа тема, веќе се уморни од моите упорни неделни обраќања во континуитет. Мојата цел е да ви укажам дека сакам и морам да продолжам со аргументирани „напади“ за неправдата извршена кон мојата банка Еуростандард, бидејќи во спротивно ќе ѝ дозволам на рамнодушноста, која води кон меланхолијата, да завладеат во мене исто како во мојата Македонија.
Македонија е типичен пример за народната мудрост која вели: „Секое чудо, три дена“. Да, но чудата оставаат вчудоневидувачки последици на колективно ниво. Свесен сум дека многу афери ја тресат Република Македонија, буквално во сите сегменти од нашето живеење. Јас не сум исклучок, меѓутоа мојот пркос да ја продолжам борбата за вистината поврзана со Еуростандард банка сè уште ми е приоритет. За жал, не сум единствениот во Република Македонија кого сопствената држава го уништила. Нè има многумина.
Фактот дека Република Македонија е заробена држава од криминалот и корупцијата е траорно, болно чувство на безизлез. Не смееме да дозволиме да живееме во држава каде владее беззаконие и политика на неказнивост. Мојата борба ја водам најнапред во интерес на моето семејство и клиентите на Еуростандард Банка како правни и физички лица. Од друга страна, убеден сум дека мојата борба е и во интерес на многу други настрадани сограѓани, зашто сите копнееме да живееме во држава каде владеат правото и правдата.
Во подготовка е издавање на книга со сите мои напишани колумни изминатиот период. Сите правни постапки околу вистината за стечајот на Еуростандард Банка ги водам во Република Македонија.
Доколку и натаму институциите, кои треба да ја гарантираат мојата слобода и право на правда, молчат, ќе бидам принуден проблемот правно да го решавам во Стразбур. Истовремено ќе отпочнам со силна активност кон институциите на ЕУ за да се запознаат со овој криминал и да преземат одредени дејствија. Целта е една, да ни помогнат во Македонија да завладее правдата.
Поучени од искуството, Владата на РМ и институциите во РМ повеќе ги почитуваат препораките на нашите европски пријатели, отколку потребите на нас граѓаните на Република Македонија. Овој факт е жален, ама реален. Заробена држава како нашата, потоната во криминал и корупција, за да опстои што подолго прифаќа секаква меѓународна сугестија. Ќе ја продолжам во мојата борба, пркосејќи на криминалот и корупцијата.
Ја сакам правдата и во нејзино име верувам во мојата цел – победа на правниот систем. Раката на правдата е спора, но долга.

















