Луѓе

Модуси на убиство

Пишува Ненад Алексиќ

За жал и јас сум дел од луѓето (човечки живот слеан во проценти) кои не ја прележаа, туку ја преживеаа короната! Да беше болест што може да се прележи само еднаш, ќе звучеше посмирувачки. Како млад, здрав и витален човек на 29 годишна возраст, без „популарните“ коморбидитети (условно „оправдани“ причини за поголем процент на смртност дури и кај младите), без никакви претходни заболувања, пневмонии, грипови и слични вирусни заболувања веќе 15 години, сметав дека мојот организам добро ќе се справи со евентуалната зараза со Ковид-19. Но, како велат, од она што се плашиш тоа ќе те стаса, мојот потенцијален страв стана реалност. Истражувајќи претходно за цитокинската бура го доживеав соочувањето со вонземјанин, монструм во моето тело кој го преактивира мојот имун одговор, или мојот имун одговор му одговори пресилно на вирусот… Цитокинскиот феномен, феноменално го збуни мојот имунитет и интерлеукинот, паралелно со CRP – реактивните протеини, забрзано почнаа да растат на што телото одговори со екстремно висока фебрилност која не се намалуваше со денови без разлика на терапијата (највисоки измерени 39.9 степени). Крвните параметри секој трет ден стануваа сè полоши, а сè почна така лесно и навидум безопасно.

Првите денови, со појавувањето на првите симптоми, сè беше во ред и под контрола. Малку покачена температура (37 – 37.5) без малаксаност и главоболки, во добра психо-физичка состојба, уреден преглед на матичен лекар, вообичаениот витамински третман, одмор и многу течности. Но, тоа всушност биле моменти на „затишје пред бура“ неколкудневна увертира пред кобниот, седми ден од првите симптоми. Според многумина најопасната индикација која може да му се случи на лице заболено од Ковид-19, и за среќа не толку честа, ме снајде мене. Едно е кога истражуваш за тоа колку ретко се случува цитокинска криза и дека се случува поради енормно силен имун одговор на пациентот (каква иронија, мојата „младост“, силен организам и имунитет, работеа против мене), а друго е кога ќе доживееш такво нешто. Таа вечер, 23 август, ја водев до сега најтешката борба во мојот живот. И знаете што беше најтешко од сè? Знаев што ми се случува! Знаев дека сум во предворјето на пеколот, блиску до точката од каде нема враќање назад и дека класична цитокинска бура значи себеуништување! Јас би ја рекол цунами, а не бура, бидејќи исто како што цунамито остава пустош, така таа остави пустош во организмот. После цунамито, вирусот едвај да постоеше, а билатералната пневмонија која зафаќаше повеќе од 50% од белодробните крила, волшебно се повлече за помалку од 4 дена! Останаа високи ензими на хепарот, а како и не би со толку многу парацетамоли (венски и орално, антибиотици (венски и орално), кетонали и кортико, кој всушност беше решавачки за туркање на имунитетот и смирување на инфламацијата. Светла точка беше единствено сатурацијата која во ниту еден момент не падна под 94.

Кога хоророт заврши многумина ми рекоа: „браво, храбро се бореше и херојски издржа!“ Верувајте, ништо херојски и храбро нема во тоа да се збогуваш со себе на 29 години и да размислуваш за сите работи кои ќе ги пропуштиш, ако те снема! Вообичаено луѓето после вакви настани му се заблагодаруваат на Бога што се живи, јас, од почит спрема сите медицински работници кои даваат сè од себе да ги спасат пациентите, не би можел само нему да му се заблагодарам, иако после сè човек не може да не помисли, дури и да е атеист, дека Господ вмешал прсти.

Мојата „пирова“ победа се надевам дека ќе биде порака до сите кои се самоуверени кога се работи за нивното здравје. Јас немав масивна пневмонија ниту проблем со сатурацијата и дишењето, немав проблеми со другите органи во телото, немав проблем со згрутчување на крвта… Јас имав проблем со својот имунитет кој „забега“ и телото ми го претвори во бојно поле каде се водеше дванаесетдневна жестока пресметка со вирусот. Моето тело беше боиште и нем сведок на „блицкригот“!

Вашата младост, здрав начин на живот и силен имунитет се предност, но не и гаранција дека оваа болест нема да употреби еден од многуте свои модуси за да ве убие! Короната е болест која се манифестира индивидуално кај секој пациент и затоа не се доведувајте во ситуација да бидете третирани со унифицирани протоколи! На пациентот не му е потребен само слободен кревет туку автентичен, индивидуален третман и следење на болеста. Искористете ги благодатите на модерната медицина која ни овозможи каква – таква превенција за ова зло. И да, кога ќе се вакцинирате со првата доза, чувајте се како да сте болни од ковид.

 

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

More in:Луѓе

Next Article:

0 %