МАКЕДОНСКИ БОГОВИ
Силно одекна во етерот извештајот од Стејт Департментот за силното присуство на корупцијата во сите државни институции на Република Македонија. Благодарност до Стејт Департментот што отворено покажува со прст како се владее во Македонија.
Ние, граѓаните во Република Македонија, корупцијата и организираниот криминал ги чувствуваме на дневна основа. Корупцијата е присутна во сите институции на системот, а најголемиот извор е самиот буџет на Република Македонија, кој се крчми далеку од очите на јавноста. Деновиве целата македонска јавност е запознаена дека министрите во Владата на Република Македонија во своите кабинети играат фудбал и кошарка и на партиски состаноци и средби се возат со службени возила. Овие аномалии кои не смеат да се појават во етерот како злоупотреба во владеењето јас ги сметам како фрлање прашина во очи на нас, граѓаните во Република Македонија со цел да се затскријат вистинските корупциски криминални скандали.
Идентична е состојбата во реализацијата на мега инфраструктурниот договор со Бехтел-Енка, од стартни 1,3 милијарди евра со можност да се зголеми за 0,5 милијарди евра за само 108 километри. Јавноста денес е оптоварена со фирмите кои треба да го вршат надзорот од вкупно 22 милиона евра. Жално е што јавноста со прст посочува дека корупцијата е втемелена во договорот за контрола, а не во базичниот договор.
Најстрашно е што во денешната политичка елита во Владата на Република Македонија веќе имаме лидери богови, не луѓе … богови. Дали е можно ние граѓаните на Република Македонија кои сме едни од најнесреќните жители на Земјината топка да градиме богови? Се давиме во криминал и корупција и на политичката сцена се појавуваат недопирливи лидери.