Сексуална азбука

Буква Љ

Буква Љ – најмоќната буква во македонската азбука, привилегирана, затоа што со неа почнува највозвишената човечка емоција, ЉУБОВТА. Универзалниот елемент без кој животот не би постоел, најспоменувана и опејувана, вечна тема и инспирација посилна и од нагонот за смрт. Во име на љубовта умираат Ромео и Јулија, Отело ја задавува Дездемона, страдаат Антигона, Офелија, Ана Каренина, младиот Вертер, Сирано, Татјана и Онегин, нашата Цвета умира без да стане Турчинка … Во „Пеколот“ на Данте Алигиери се прочистуваат грешните неверници Тристан и Изолда, Елена и Парис, Франческа и Паоло, Клеопатра, Семирамида … Кралеви абдицираат во име на љубовта, држави се продаваат … Многу книжевни ликови и историски личности живееле, умирале, убивале и лажеле во име на љубовта.

Љ-Љубовни неразумија Љубовта е сјај, мирис, трепет, призрак, тишина, разбирање, движење, вечност … Како ни се случува љубовта е вечна енигма, таа е неврохемиски процес што ги здивува емоциите. Но, како и зошто ни се случуваат неразумни љубовни ситуации, неразумија и неверства?

Верувале или не, неверствата се случуваат и во складните бракови каде има љубов, но има и криза на идентитетот, криза на средните години, духовна, финансиска … Без причинска криза! Згора на тоа, ако веруваме во Дарвиновата теорија за потекло на човекот, човекот е промискуитетен и способен да сака повеќе партнери истовремено.

Но воспитувањето, моралните норми, брачните завети, религијата го држат до „црвената линија“. Кога некој шета со празна чаша и среќава друг со полно шише, природно е да се наполни празната чаша и да се наздрави. Флертот е игра која може да потрае, а да не осетиш дека си ја поминал „црвената линија“.

Копнежот за возбуда и задоволство во чекор ги следи грижата на совест, изродена од неверството. Ураганот наречен неверство тешко се одржува на долги патеки, обично стивнува, или го менува правецот на дување. Вината никогаш не треба да се признае, освен кога е корпус деликти, а тогаш најдобро е да се избега од местото на настанот! Звучи себично, лицемерно, неморално, но со сите нив веќе сме се збогувале при самата помисла на неверство. Наполнетата празна чаша испиена е до крај, само да не му се скрши некому од глава.

Љ-Љубовни бакнежи: Кога сме вљубени ние сме јунаци на сопствените легенди, алхемичари на сите можни емоции, ги доживуваме страстите на сите сопствени легенди … Незаменливо чувство, не се купува, ниту продава за милион долари, не е по нарачка ниту зависи од вашата заработувачка, може да се случи лесно, но не и често, оти по вистинската вљубеност доаѓа вистинска љубов која трае.

На нејзината вечност, кумови се бакнежите, со нив сè почнува и завршува. Бакнежите на обичните смртници евоцираат алегориски бакнежи на митските парови Психо и Купидон, Дафне и Аполон, Ехо и Нарцис, Елена и Парис, Пенелопа и Одисеј, Афродита и Адонис … Еден бакнеж-песни рој!

Младите почнуваат да се бакнуваат неколку години пред нивните сексуални искуства, устен тренинг како предигра (а колку подолго трае-толку и ќе потрае). Статистиката не e секогаш прецизна (затоа е статистика, инаку би била научен факт) но 50% од луѓето прв пат се бакнуваат пред 14 години, а во текот на животот поминуваат 300 часови во бакнување. Додека се бакнуваме, жлездите лачат течност и спречуваат кариес; бакнеж во уста ги активира сите мускули на лицето, еден страстен бакнеж согорува 1000 калории; менталната изолација со остатокот од светот е драгоцен анти – стрес момент, затоа што се стимулира и хормонот на среќа и блаженство.

Научното име за бакнување е филематологија, а Гинисовата книга на рекорди забележува најдолги и најмасовни бакнежи секаде низ светот. Бакнежот е чудо, некому поважен и од чинот на водење љубов, некому апсолутно неважен за сексуално задоволство, но „душата среќава душа на усните на љубовникот“ – Перси Бис Шели. Бакнежот немо раскажува за љубовта, усните имаат свој Ерос од чиј нектар пијат привилегираните богови. Бакнежот е меница во банката на љубов!

Нашите предци се бакнувале и во праисторијата, иако немаме статистички податоци. Во многу разни земји бакнежите различно се манифестираат, некаде се поумерени, некаде потемпераментни, а некој дури ужива и во агресивно шмукање на устата на партнерот. Во некои култури не е културно да се бакнуваш со уста туку со нос, Индијанците од Еквадор ги мирисаат дланките на пријателите како љубезен поздрав, а некои племиња од Нова Гвинеја под „проштален“ бакнеж подразбираат ставање рака под пазувите на пријателот и триење на „миризбата“ врз себе. Браво за разноликоста, но од сите светски бакнежи најомилениот е францускиот бакнеж – длабок бакнеж со јазик за кој Французите со гордост велат дека со таков бакнеж и студена вода, може долго да се живее.

Статистички, со еден француски бакнеж се активираат околу триесетина мускули (ако го сфаќаме како предигра може и комплетна мускулатура), а пулсот се качува и на 150. Што друго се качува и, оставам на вас и на разиграната фантазија, оти без неа нема ни бакнежи.

Љ-Љубовни писма: Дворските дами од минатото знаеле да ги вреднуваат своите љубовни писма повеќе од накитот и често изјавувале дека во случај на пожар, прво би ги спасиле љубовните писма, а не накитот, кој секогаш може да се набави … Францускиот писател Виктор Иго, за љубовните писма од актерката Жилиет Дру, негова љубовница до смрт, напишал дека се негова ризница, нишка бисери и вистинското богатство. „Во нив е нашиот живот, ден за ден, мисла по мисла, за сè што си сонувала и страдала е запишано во нив, тие се волшебни огледала каде ја гледам твојата прекрасна душа“. Но во момент на бес (поради бескрајна љубомора на Иго), Жилиет често ги фрлала писмата во оган, на што лутиот, но вечно вљубен писател и одговарал: „Ги изгоре моите писма но не и мојата љубов, таа е сочувана во мојата душа, иста како првиот ден. Во нив е целото мое срце, нешто највистинито што сум го напишал во животот, нешто најсилно, тие се мојата душа, моја крв, мојот живот и смислата на овие шест месеци. Еден мој погрешно разбран збор и ти ги уништи писмата, твојата длабока бразда во мојот живот! Душо моја единствена, ангелу мој, те разбирам и сакам, ти ја бакнувам убавата душа на убавото чело. Виктор“. Нивната љубов траела педесет години, а по смртта на актерката пронајдени се 20 000 писма на славниот писател.

Да се заљубиш значи да се пуштиш во авантура, во состојба на „лудило“ која нè тера да правиме работи непоимливи во нормална состојба. Вљубеноста е нагон различен од сите други и тогаш сме креатори на љубовни изјави, често смешни, невообичаени, „смотани“ но и оригинални. Опиени од љубовта сакаме да оставаме траги во име на љубовта, па не знаејќи што да напишеме, пишуваме сешто. Енциклопедистот и големиот философ, Жан Жак Русо, го напишал рецептот за љубовно писмо и философирал: „Мораме да почнеме, а не знаеме што сакаме да кажеме, и да го завршиме, а не знаеме што сме напишале“. Тоа е емотивниот монологот на секој автор на едно искрено љубовно писмо.

Винстон Черчил, мудриот државник, своите љубовни писма на саканата Клементина ги почнувал со „Злато мое“, а нобеловецот Андриќ на Милица „Мила моја“, а таа нему „Мандарине мој“.

Ирскиот писател Џејмс Џојс, татко на модерниот роман, бил страсно вљубен во црвенокосата Нора со сини очи, а своето прво љубовно писмо го напишал кога саканата го „извисила“ на првиот состанок: „Драга моја Нора, седам во фотелја како будала, зашто сум неспособен што било да работам. Го слушам само твојот глас и ничиј друг. Денес навредив стари пријатели не можејќи да им го слушам разговорот, сакам само тебе да те слушам, луд сум по тебе. Кога сум со тебе ја менувам мојата сомнителна и љубоморна природа, сакам главата да ти е на моето рамо. Ти го пишувам ова писмо веќе половина час, ќе ми напишеш ли и ти нешто?“ (август, 1904).

Во љубовта нема правила, не важат ниту фрази ниту максими, па ни мудрости како „далеку од очи-далеку од срце“. Доказ е плодниот и брз во пишување Оноре де Балзак, претставник на францускиот реализам и голем љубовџија. Сепак, колку и да си голем, срцето може само на една да ѝ го довериш, а Балзак тоа го направил со полската грофица, Евелина Ханска, со која 17 години ја одржувал љубовта преку писма (многу ретко се гледале за тоа време). Кога грофицата станала вдовица писателот ја оженил и среќен умрел во нејзината прегратка. На човештвото и го оставил циклусот од 100 романи и раскази под наслов „Човечка комедија“, а на грофицата бескрајно многу љубовни писма, долги колку и вечноста на неговите зборови: „Ох колку те сакам, со каков мевлем ме облива твојата љубов. Нема болки кога си крај мене, ти си мојата сила, се будам среќен што те сакам, заспивам среќен зашто сум сакан“

Истата судбина на љубов на далечина ја имал и Чехов, мајстор на кусиот расказ и остар критичар на власта. Околу 1000 писма и напишал на актерката Олга Книпер која при крај на животот ќе му стане жена. Младата актерка го сакала писателот, но и актерството, Чехов бил свесен за тоа, па еднаш ѝ напишал: „Ние страшно грешиме што не живееме заедно. Но не вреди да се зборува за тоа! Знаев дека се женам со глумица“. Набргу Чехов умира во Ница, барајќи спас за болеста, во рацете на саканата која ќе продолжи да му пишува и по смртта: „Чудно е што ти пишувам, но го сакам тоа, безумно го сакам … дур ти пишувам мислам дека си жив и ги чекаш моите писма.“

За оние кои не веруваат дека љубовта се случува кога најмалку се очекува, доказ е американскиот писател Хенри Милер, опасен заводник и на своите 87 години! По тешката операција не ќе може да пишува, црта и чита како некогаш, но ќе може да ужива во љубовта на актерката Лоренс Дарел која ќе го дарува со живот вдахнувајќи му љубов! Последното писмо ќе ѝ го напише пред смртта: … “ Му припаѓаме на универзумот, обајцата сме благословени од sвездите, ние не сме како остатокот од светот … Никогаш, ставајќи раце околу струкот на другите жени, не сум почувствувал ежење како со твоето цврсто тело, како погоден од гром …“ А кој и не би, покрај млада полу Индијанка?

Францускиот поет Пол Елиар, до смртта бил вљубен во балерината Гала, муза на Салвадор Дали, со кого била во официјална врска. Поетот не ја криел својата недостижна љубов, пронајдени се 272 писма кои сведочат за неговата голема љубов и грижа за Гала: „Моја убавице … Без љубов сè е залудно, изгубено, гнасно, отровно … Нема живот, постои само љубов … Бескрајно те сакам, не верувам во животот, верувам само во тебе. Јас сум во твоите раце, во твоите очи, твоите гради и помеѓу твоите нозе – тука е моето место“.

И така бескрајно многу љубовни писма во име на љубовта, бескрајни колку и љубовта … Завршувам со наш Рацин, основоположникот на македонската современа поезија, современ и во своите сфаќања за љубовта, поголем од сите горе наведени „фраери“ оти сакал и се викал како саканите, Рацин од Рахилка, Невен Пејко од Пејкова, а им пишувал љубовни писма и на Магдалена, Даница, Невенка … А под какви услови пишувал и љубел е за „симнување капа“ пред великанот! Додека неговите големи колеги ја уживале својата лична и национална слобода, Рацин пишувал илегално и во смртна опасност поради љубовта кон татковината и својот јазик. Противприродна љубов: Инцестот постои колку и човештвото, од египетските Птоломеи, Клеопатра, римските владетели, Калигула, Нерон … па до европските кралства. Древните „цивилизации“ биле склони кон инцест заради чување на богатството, територијата, сината крв. Вавилон пропаѓа и од разврат, вавилонската кралица Семирамида го озаконува инцестот и се жени со синот за да го сочува престолот. Кралствата на Хабзбурговците, Савои и Бурбони ја чувале сината крв, посинета од блуд и родосквернавење. Данте Алигиери во првиот дел од „Божествената комедија“, „Пеколот“ ги казнува блудните ставајќи ги во вториот круг кој почнува со предупредување од Евангелието „широк е патот до пропаста“.

Големиот психоаналитичар Фројд инспириран од старогрчкиот мит за несреќниот цар Едип и трагедијата „Електра“, научно го објаснува инцестот како примитивен нагон на свеста кај човекот, а патолошката поврзаност на синот со мајката и ќерката со татко, ги нарекува Едипов и Електра комплекс.

Многу познати и јавни личности низ историјата биле во брак со свои роднини. Американскиот претседател Рузвелт имал шест деца со својата роднина Елеонора, германскиот композитор Јохан Себастијан Бах бил во брак со втора братучетка Марија Барбара, генијалниот Алберт Ајнштајн по разводот со исто толку генијалната Милева, се оженил со роднина од второ колено, Елса. Американскиот поет Едгар Алан По се вљубува во седумгодишната роднина со која се жени кога ќе наполни тринаесет години (таа е причина, покрај алкохолот, за неговото растројство кога ќе почине, инспирација за култната песна „Never more“. Михаил Булгаков ја оживува биографијата на Молиер во XX век, објавувајќи книга за него „Животот на Молиер“ каде пишува дека Молиер бил обвинет за инцест со ќерка од невенчаната жена (но никогаш не е докажано, ниту пак одречено). Чарлс Дарвин не еволуирал подалеку од приматите имајќи десет деца со прва братучетка! Биолозите тврдат дека инцестот кај животните е многу ретка појава, а растителниот свет има свој анти-инцест механизам. Кога би можел некој да измисли таква вакцина за човечкиот „цивилизиран“ род, би го олеснил светот за еден голем нецивилизациски проблем помалку!

Покрај презирот и осудата од речиси целиот свет, за полно општење до петто колено, родосквернавењето сè уште ни се случува.

Љ – Љубомора: Грда и опасна како чудовиште, а привлечна како бојата на смарагд. Нејзиниот најголем парадокс е што сите ја посакуваме, а таа е мора на љубовта – љубомора, ноќна мора, трае и додека спиеме. Статистиката открива (никогаш доволно) дека 40% од жените и 10% од мажите намерно предизвикуваат љубомора кај партнерот како недостаток на доказ за љубов, желба, страст, посакување …

Љубомората не секогаш е доказ на љубов затоа што во врски каде одамна не „живее“ љубовта (на пример комерцијални или солидарни бракови) партнерите ќе бидат љубоморни при самата помисла дека некој може да ги замени. Недостаток на самодоверба, страв, себичност, посесивност, суетност … се емоции на кои се надоврзува чувството на љубомора.

Љубовта ја лекува љубомората со квалитетно поминато заедничко време, искрени и долги разговори, грижа и споделување на проблемите, размена на емоциите. Прва помош при љубомора е самосвесно анализирање и учење од сопствените грешки. Отело „докажал“ дека неизмерно ја сака Дездемона задавувајќи ја и убивајќи се, но кому корист од таков доказ! Патем, во времето на Шекспир Отело бил трагичен лик, а денес би одлежал затворска казна како психопат.

 

Можеби ќе ви се допадне

Сексуална азбука

Буква А

Ааах тој секс… Неверојатно колку многу се користи буквата А при сексуални односи, или повозвишено ...
Сексуална азбука

Буква Г

Грррр … Громогласна, Грлата, Грешна, Голем, Галантен, Геј, Големина – некому фрустрација, некому сатисфакција. Буква ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %