Сиромаштија
Руско-Украинската војна внесе немир во целиот свет на сите полиња од нашето живеење. Енергетската криза која започна кон крајот на минатата година, денес ескалира до невидени граници кои директно влијаат врз севкупниот живот на земјината топка. Македонија, држава со многу кревка економија, посебно во аграрот и сточарството се наоѓа пред колапс. Растот на цените на енергенсите, прехранбените производи и останатите стоки кои го обликуваат нашето живеење, неминовно ја носи целата држава во голема сиромаштија. Се наоѓаме во период на пролет и пред нас претстои летото кое секојпат го доживуваме како полесен начин за справување со сиромаштијата. Токму денес се чувствува неодговорното владеење на сите влади во Република Македонија кои во период од три и пол децении не изградија инфраструктурни и енергетски потенцијали за брз и динамичен развој на државата.
Енергетскиот систем ни е на колена, бидејќи 80% од сопственото производство е производ на јаглен-лигнит кој веќе го немаме во Македонија. Недостатокот на инвестирање во хидро системите, а посебно во обновливите енергетски извори се покажува како клучен елемент за нашата сеопшта сиромаштија. Социјалната криза дојде во овие пролетни и рани летни денови кога сè уште поднебјето ни нуди колку-толку производи кои можеме да ги консумираме. Есента доаѓа во септември, со есента доаѓаат уште поголемите предизвици за тоа како ќе го преживееме периодот кој доаѓа пред нас. Енергетски зависни од рускиот гас, немаме доволно производство на житарици, а со сточарството ситуацијата е уште полоша. Основен предуслов за санирање на сиромаштијата која допрва доаѓа е кратење на буџетот, кратење на администрацијата, кратење на сите можни трошоци кои директно ја зголемуваат сиромаштијата. Зголемување на капиталните инвестиции во буџетот се императив. Без сопствено производство на енергија ќе бидеме осудени на сиромаштија. Упатувам порака до сите политички субјекти во Република Македонија да се договорат за формирање на експертска Влада која исклучиво ќе се занимава со социјалниот аспект на граѓаните на Република Македонија, во спротивно социјалните немири се неминовни и истите ќе донесат уште потешки последици за целата заедница.













