Буква Ј
Буква „Ј“ – налик на јадица, но со неа не може да уловите многу тематски поими на буквата Ј од длабочините на сексуалноста. Буквата „Ј“ покрај терминолошката „чкртост“ дава два плодни поими без кои целата сексуална азбука би била Јаловица, неплодна трепетлика … Јабана ќе отиде и јазикот, кој колку и да е вешт, глаголив и говорлив, ќе заврши како Јаболкото на Вилијам Тел – расцепено на половина, без да ја почувствува плодноста на овошната градина и сладоста на забранетото овошје. Јазикот во сексот задоволува, но не оплодува, како што можат плодотворните: јајчници и јајцеклетки!
Ј-Јајчници (овариуми): бадемасти, белузлави и полни живот. Два скриени сефа во женското тело, чувари на најдрагоцениот капитал-можност за бременост. Тие се златните полуги за репродукција. Доволен е еден заталкан сперматозоид да очовечи една јајце клетка од универзалната банка јајчник (овариум), каде со раѓањето на женско бебе се депонираат стотици недозреани јајцеклетки. Убав пар внатрешен, компактен женски орган, по еден од двете страни на матката во близина на отворот од јајцеводот, волшебниот медиум или канал-врската помеѓу јајникот и матката.
Совршена алатка каде се креира најсовршеното суштество на светот – човекот. Аналогно на тестисите и јајниците имаат двократна улога, покрај јајцеклетки излачуваат хормони директно во крвта, (не им удира само на мажите „крв во мозок“). Под влијание на хормоните во периодот на адолесценција, јајцеклетките оживуваат и се подготвуваат за создавање нов живот преку оплодување. Но, за разлика од машките полови жлезди, женските се поштедливи, не се расфрлаат со илјадници споулавени сперматозоиди туку во период од еден месец домаќински созреваат една јајце клетка, обично од двата јајника по една, која тргнува по својот потенцијален репродуктивен пат до станицата за овулација. Попатните станици го потхрануваат јајцето кое расте и добива форма на меурче или т.н. Граафов фоликул. „Прејаденото“ јајце се дуе во меурче, ја пука обвивка и со помош на течноста отпловува до ресичките на јајцеводот кои го пренасочуваат кон матката. Патешествието се вика овулација, а на тој пат женскиот организам чуда прави – од отпадок прави уметност.
Пукнатата фоликула добива нова функција на т.н. жолто тело кое излачува хормони за спремање на матката за прифаќање на попатно оплодената јајце клетка. Жолтото тело е како жолто светло на семафорот, дава сигнал за јуриш или стоп. Ако сперматозоидот добие зелено светло, тогаш жолтото тело останува во јајникот за да ја одржува бременоста сè до второто полувреме, кога топката ја префрла на постелката (плацента). Ако сперматозоидот налетал на црвен семафор, жолтото тело ја губи смислата на своето постоење и се чисти заедно со менструацијата. И така секој месец, со индивидуални исклучоци, сè до климаксот (менопауза) кога јајниците ќе се одлогираат од своите репродуктивни функции. Доживувањата се индивидуални и не секоја жена исто го чувствува внатрешното патување на јајцеклетката. Некои жени се прецизни како швајцарски часовник и точно на секои 14 дена од менструалниот циклус имаат овулација, кај некои тоа оди балкански опуштено и одоколу приближно со денови на плодност, некои чувствуваат блага болка во долниот дел од стомакот, некои главоболки, а некои жени имаат бледо розов исцедок од вагината.
Истото се повторува и во климактериумот, не секоја жена исто го доживува, а ни секој маж исто го преживува. Ете, толку малку треба да се знае за малите скришни органи во женското тело кои имаат моќно влијание поради лачењето хормони: естроген, прогестерон и тестостерон, битни не само за репродукција туку и за здрави коски, мускули и мозочни функции.
Ј-Јајце клетки: женски полови клетки, најголемите во организмот. Кога е зрела за оплодување, малата жолта точка има обем од 0,2 мм, доволно за видливост, патем 250000 пати поголема од сперматозоидот (при ехо преглед може да се фатат на камера фоликулите). Јајце клетката содржи јадро, клеточна мембрана и јадренце, а кога созрева расте и ги зголемува хранливите материи битни за развој на плодот во случај на бременост.
По овулацијата останува спремна за оплодување од 12 до 24 часа, а потоа се девитализира и истекува заедно со менструалната крв. Со раѓањето, женските деца во јајчниците имаат 450000 незрели јајцеклетки, кои во периодот на пубертет се активираат за созревање на секои 28 дена. Жената во својот фертилен период (од 15 до 45 години, но секако со исклучоци) успева да созрее 400 јајцеклетки. За време на менструацијата кај жената доаѓа до лупење и исфрлање на ендометриумот, односно внатрешниот слој на матката од претходниот циклус. Со тоа започнуваат подготовките за зачнувањето.
Јајце клетките се наоѓаат во кесички полни со течност наречени фоликули. Со секој циклус почнуваат да растат по неколку фоликули, но само еден од нив ќе стане доминантен и ќе созрее, останатите ќе изумрат. Од доминантниот фоликул ќе се ослободи созреаната јајце клетка. Понекогаш може да се случи да созреат повеќе фоликули и да дојде до повеќекратна бременост. Фоликулите кога ќе почнат да се развиваат лачат поголеми количини на хормонот естроген, кој го задебелува ендометриумот неопходен за да се подготви место на кое бебето ќе може удобно да се смести. Сложен процес е забременувањето, далеку покомплициран од сексот каде е битно удобно да се сместат половите органи!
За криопрезервација (замрзнување) на јајцеклетки, објаснува д-р Татјана Гуржанова:

д-р Татјана Гуржанова
– „Процедурата за криопрезервација на јајцеклетки започнува исто како ин витро постапката, при што пациентката прима одредена хормонска терапија со цел добивање повеќе јајцеклетки во истиот циклус, секако во лабораториски услови со соодветна обработка и подоцнежно замрзнување на јајцеклетките. При процесот се замрзнуваат само оние јајцеклетки кои се зрели и со добар квалитет. Постапката се врши со метод на витрификација или брзо замрзнување, со што се овозможува ефикасност и безбедност. Замрзнатите јајцеклетки се чуваат во посебни контејнери со течен азот на температура од-196 степени.
Криопрезервација на јајцеклетки се препорачува кај пациентки кои планираат одложено родителство, немаат партнер, имаат одредени видови на канцер или други заболувања“.

проф. Татјана Стојаноска Иванова
Ј-Јавна куќа: бордел, куплерај, куќа за блудничење или блудилиште, забрането место за илегални сексуални услуги, а во поново време во некои земји легализирани сервиси за проституција. За јавните куќи од социолошки аспект зборува проф. Татјана Стојаноска Иванова: -„Често употребуван но и злоупотребуван поим, дебатиран, анализиран и секогаш контроверзен со вечно спротивставени страни. Социолошки, низ историска перспектива, во Помпеа јавните куќи биле реалност и за тоа време морално подобни, но со тек на време ширум светот морално девастирани (деградирани). Вечната морална дилема за легализирација на јавните куќи е двојбеност, умствен двобој и на интелектуалната елита на власт, но и на секој обичен човек, добронамерник или злонамерник, секој со свои поделени мислења и ставови. Поддржувачите на идејата за јавни куќи на пиедестал ги ставаат фактите дека секој треба да го вкуси сладострастието на водењето љубов и сексуално уживање, дека треба да се легализираат од здравствени и безбедносни причини и да се заштитат сексуалните работници и нивните клиенти.
Во јавните куќи освен љубопитни и сладострастни мажи, може да се пронајдат и луѓе со хендикеп, оние кои се срамат од некој свој недостаток, кои ете, сакаат да ја потврдат машкоста на таков начин, но и крајности со мажи кои сакаат дополнително уживање и егзибиционизам кои би си ги платиле. Другата страна, фанатиците против јавните куќи, стојат на ставот дека тоа е блудничење, ширење разврат, дека сексот треба да се ужива на етички исправен начин, а не да се плаќа и дека морално хипокритизерство е заложбата за отворање јавни куќи. Како и да е, аргументите се поделени, но цврст е фактот дека проституцијата се случува насекаде низ светот, со или без јавните куќи“.


















