НОСТАЛГИЈА
Синонимот на Скопје и Скопјани за културните настани е Универзалната сала, изградена во далечната 1964 година. Говориме за Универзална сала со капацитет кој требаше да ги задоволи тогашните потреби на Скопјани чија бројка не беше поголема од 200.000 жители.
Денес веќе шеста година Универзална сала е затворена и стои како авет во централното градско подрачје на Булеварот Партизански одреди.
Скопје и Скопјани имаат потреба од модерни сали за вакви културни настани чии големини би требало да се движат од 2000-15000 гледачи. Жално е што сè уште сме носталгични кон старата Универзална сала иако сме сите свесни дека таа сала во своето време си ја одигра својата клучна улога, а тоа беше центар на културното живеење на Градот Скопје и Скопјани.
Дали ни треба старата Универзална сала или модерна Универзална сала која ќе одговори на потребите на модерниот човек. Упорното настојување на сите градоначалници во минатите три мандати да ја возобноват старата Универзална сала за мене е неприфатлив чин, бидејќи со својата локација и со својот капацитет не можат ниту од далеку да ги задоволат потребите на Скопјани.
Поддржувам иницијатива да се возобнови старата Универзална сала идентично каква што била, бидејќи на тој начин ќе си ги сочуваме традициите и спомените, меѓутоа ваквата Универзална сала треба да биде само една од многуте кои треба да се изградат низ сите општини на Градот Скопје.













