Симулакрум на живот – инсинуација на власт
Кога уметноста се стивнува и турка од јавниот живот, се прави простор други „вредности“ да дивеат. Поради својата хиперсензибилност и несфатеност од џганот, квази уметници, епигони и полтрони „креативно“ управувани од власта, ја почнуваат својата игра на безвредни имитации. Така почнува фабрикување копии на копии и преку мимикрија на стварноста се произведува хиперреалност на имитации, без уметничка вредност. Илузиите за сличности, во која било област, па и во најбаналната како дубле по углед на оригинален накит, стануваат глобален императив на постмодернизмот.
Клонирањето одамна не е научна-фантастика, ТВ серија или експеримент со овцата Доли, туку реалност. Ние веќе личиме едни на други „благодарение“ на естетска и реконструктивна хирургија, оригинални носови, усни или тела само во ретро филмови и музејски експонати. Мажите се клонираат во жени, жените во мажи, сè е возможно и кога е неподносливо невозможно. Вештачката интелигенција ќе го земе под свое постмодернизмот на постмодернизмот, симулакрумотот на имитацијата наречена живот. Она што сега ни изгледа карикатурно, за кусо време ќе се глорифицира во нова уметност или уметност на живеење. Клонирани лица, тела, гестикулации, имитации на говор, движење и ситуации, римејк на римејк, копии на скулптури, слики, книги и научни трудови, фоторобот, фотошоп, фејкњуз, сајберсекс, инсинуации, местенки, манипулации и сл. симулакруми на живот, се само еден дел од нашата презасилена вештачка реалност. И играта ја водат имитатори, копии, клонови на богови, квази пантомимичари во функција на политичари и папи, и по некој капо ди тути капи … Ете така се испишува новата цинична историја на новиот милениум, која Коле Чашуле во минатиот век ја запиша преку ликовите во драмата „Црнила“ – драма на идејата за македонските црнила, повторлива низ сите истории до ден-денешен. Впрочем, „историјата не е момински дневник, таа е врховен циник“! И кога ќе се нурнеме назад низ историјата и испливаме во сегашноста, чувството е оригинално: како само за нас, Македонците, да се создадени сите црнила на овој век. „Во македонската историја, драги мој, има само предавници(…)

Сигурен сум дека Младичот дури и не помислувал дека врховниот циник, македонската историја, тоа писмо ќе ми го предаде мене в раце. (…)
Останува само уште финалето на комедијата. Си го претставувам утре Иванов, со каква трогателност ќе говори над гробот на Ѓорче: „Скапи Ѓорче …“ Извадоци од драмата „Црнила“ на Коле Чашуле се всушност извадоци од македонските братоубиствени црнила, од себенепријателството, себеуништувањето, од националното самоубиство, од идеолошките велепредавства, историски уфрленици, уфрлени подметнувачи и поместувачи на македонските револуции, инсинуирани, исценирани, инфилтрирани во предавници на родот свој.
Таков е нашиот македонски симулакрум каде и љубовта има своја сценска игра. Во ваков вештачки свет природните, спонтаните нешта каква што е уметноста, се сметаат за голема опасност! Затоа владеат неправда и беззаконие – тие немаат слух за етика и естетика, тие имаат нулта степен емоционална интелигенција. Ние сме кодирани за црнила, па и ако ги нема ќе ги измислиме со лоша имитација на власт, со политички симулакруми или симулација на правна држава, со инсинуација на квалитетен живот. Ние сме мазохисти и тоа во оригинал, автентични и без туѓи имитации. „Синдром на славјанска мазохистичка душа. Кога ништо не е во ред, а не се крева малиот прст ситуацијата да се поправи и во тоа дури се наоѓа задоволство. А на овој Балкан никогаш ништо не било во ред … “ – Г. Стефановски во драмата „Диво месо“.

















